Помина уште еден саем на книгата, драги читачи, и тоа прилично успешно, на наше големо задоволство, иако дел од луѓето беа скептици поради новата локација. Но се покажа дека вистинските љубители на книги ги следат книгите каде и да се.
На нашата страница на Facebook веќе споделивме дел од саемската атмосфера преку фотографии, но сега би сакале да ја објавиме топ листата на најпродавани книги на нашиот штанд.
- Жената на прозорецот од А.Џ. Фин
Агорафобична жена што живее сама и ги шпионира соседите случајно гледа нешто што не треба да го види.
- Совршената замена од Грир Хендрикс и Сара Пеканен
Една потиштена жена не може да се помири дека сопругот ја остава за помлада девојка и решава да не им дозволи да се земат.
- Синдер и Ела од Кели Орам
Дечко и девојка анонимно се дружат само онлајн, но таа не знае дека тој е најпопуларниот млад актер во Холивуд, а тој не знае дека таа има тешки повреди и лузни од сообраќајка.
- Фати ме од Лиса Гарднер
Девојка тренира и се подготвува за серискиот убиец што ги убил нејзините најдобри другарки една по една на истиот датум секоја година, па сега очекува дека таа е на ред.
- Темјанушки во март од Сара Џио
Двојна приказна во приказна за млада разведена жена која наоѓа дневник во островската куќарка на нејзината тетка, а во него открива приказна за забранета љубов.
- На раб на Лудило од Б.А. Парис
Една жена не може да живее со грижата на совест и почнува да го губи умот, но веќе ни самата не знае што од она што се случува е реално, а што замислено.
- Зима со мирис на капини од Сара Џио
Новинарка добива задача да пишува за пролетната снежна бура, чуден феномен во мај кој се случил и пред осумдесет години и така дознава за нерешениот случај со киднапирање дете, па си се заколнува дека ќе ја открие вистината.
- Светлината што ја изгубивме од Џил Сантополо
Љубовна приказна за двајца кои се сакаат цел живот, иако судбината постојано ги разделува.
- Го имам твојот број од Софи Кинсела
Девојка наоѓа туѓ мобилен во корпа за ѓубре баш кога најмногу има потреба од телефон и не сака да го врати, иако сопственикот на телефонот не се согласува.
- Вистинскиот – Џон Марс
Нов сајт за анализирање на ДНК ве спојува со сродната душа, една и единствена за вас, без разлика каде во светот се наоѓа. Но излегува дека на еден сериски убиец сродна душа му е џандарката која работи токму на неговиот случај.
- Тајната сопруга од Џил Пол
Русија е на раб на колапс и семејството Романови се соочува со ужасно несигурна иднина. Големата војвотка Татјана се вљубува во војникот Дмитри, но со катастрофален пресврт во настаните, нивната романса – а и нивните животи – паѓаат во опасност…
- Еленор Олифант е океј од Гејл Ханимен
Осамена девојка со тврдокорно срце и слаби социјални вештини почнува да се отвора за светот кога се спријателува со маж со големо срце.
