Веќе се докажа дека сите си ги сакаме овие книги во стилот на „Очајни домаќинки“… Стилот на Ејми Молој во книгава ме потсетуваше на Мориарти, а самото тоа што се работи за 4-5 жени уште повеќе го засили впечатокот. Ја читав книгава уште кога не беше официјално излезена и мило ми е поради тоа, бидејќи немаше простор туѓи мислења и оцени да влијаат на оформување на мојата. Сега гледам дека веќе има оцени од скоро 30.000 читатели на GR, но мојата оцена дефинитивно е повисока од групната.
Книгава годинава беше нарекувана „најисчекувана книга на летото“, а наскоро ќе биде и филм со Кери Вашингтон во главната улога. Станува збор за доста заразен психолошки трилер за група жени кои се зближуваат кога исчезнува новороденчето на едната од нив, бидејќи се членови на истата група на мајки кои се сретнуваат во градскиот парк секоја недела. Бидејќи целите животи сега им се вртат само околу бебињата, се договараат една вечер да излезат сами и да се олабават малку. Едната од нив, самохраната мајка Вини, не е расположена да го остави бебето со дадилка, но сите останати ја убедуваат дека сè ќе биде океј, па таа најпосле попушта. И вечерта додека тие се излезени, нејзиното бебе го снемува од дома. И сега знаете, следи паника и вперување прст – сите бараат виновник за едно или за друго, некој мора да ја понесе вината. Новинарите ѝ се сипуваат најпрво на мајката; како можела да го остави новороденчето со непозната, каде била таа вечерта, кој е татко на бебето и така натаму.
Ова не е една од оние книги со нови пресврти во секоја глава, па можеби затоа некои очекувале повеќе од неа – не, овде дејствието е повеќе водено од ликовите и ако се поврзеш со нив како што треба, тогаш приказната се чита за една вечер, просто не ти се остава. Ја имаме најпрво Нел, која цела книга ме засмеваше со саркастичната смисла за хумор, но која очигледно крие некоја голема тајна од сите. Потоа Колет, која очигледно има прекрасен маж и доста пари, но и храброст што може да ѝ донесе големи проблеми. И на крај, симпатичната Френси, паничарката која најмногу се вознемирува од киднапирањето, до степен што почнува да станува дури и сомнителна. Дали е Френси толку невина колку што се прави или…?
Оваа книга многу добро овозможува да се ѕирне како е во животот на секоја тазе мајка и одлично покажува дека не постои такво нешто како „совршена мајка“. Најмногу ќеф ми направи крајот – да бидам искрена, не го очекував; очекував нешто тотално друго, а тоа дефинитивно е достигнување, нешто од трилери да ме изненади мене. Плус, пак си заплакав малку за негативецот – тоа е таа тежина кога ќе успее да те погоди приказна. Па, се надевам дека ќе ја прочитате и дека ќе ја доживеете како и јас. Едвај чекам да го гледам филмот!
Историска драма за Втора Светска Војна, сага за недозволена љубов, убиство и одамна загубена слика…
Летото во 1942 година, дваесет и едно годишната Ен Келовеј, неодамна свршена, одлучува да ја напушти својата земја за да служи во Армијата на медицинските сестри на Пацифичкиот остров Бора-Бора. Ова за неа претставува нешто сосема ново и возбудливо, сосема спротивно од она на кое е научена и навикната со нејзиниот мирен и предвидлив свршеник, па нејзиното внимание веднаш го привлекува мистериозниот војник по име Вестри. Нивното пријателство на прекрасно опишаниот остров наскоро почнува да цути како што хибискусот цути покрај океанот. Но покрај океанот има и нешто друго…
Мал, напуштен бунгалов на одамна починат сликар, непознат за останатите војници, па Ен и Вестри се состануваат под малиот речиси распаднат кров на колибата каде делат еден свој приватен свет. Но нивниот мал идеален свет во колибата се распаѓа кога стануваат сведоци на грозоморно убиство во близина на колибата. Брзо по убиството, Вестри одеднаш го преместуваат на друга воена локација и целата убавина исчезнува во ветриштата на војната.
Ен Келовеј, сега старица, ја раскажува оваа приказна обидувајќи се да открие нешто повеќе во врска со љубовта која трае повеќе од седумдесет години…
Тие што ме знаат уште од основањето на www.sakamknigi.mk знаат дека Кинсела отсекогаш беше (и остана) една од моите најомилени авторки. Ретките се таквите како неа што знаат да ме изнасмеат до солзи и да направат да се почувствувам убаво, дури и кога не ми е до смеење. Може да се каже дека пораснав со нејзините стари книги и серијали, но сега слободно можам да речам дека си најдов нова омилена книга од неа (на исто рамниште со Знаеш ли да чуваш тајна?), а тоа е нејзината фантастична Го имам твојот број. Ајде малку за книгата…
Попи Вајат никогаш немала поубав период во животот. Таа наскоро треба да се омажи за нејзиниот совршен вереник Магнус, но нејзината идилична иднина почнува да се распаѓа за само едно попладне. Прво го губи скапиот веренички прстен, а во моментот на паника што следи, ѝ го крадат мобилниот телефон. Додека избезумено шета во хотелот каде што се случува сето тоа, забележува еден фрлен телефон во корпа за отпадоци. И се разбира дека си го зема! Мора да им остави број во хотелот за да ја контактираат ако ѝ го најдат прстенот.
Попи е лик каков што може да создаде само Кинсела; допадлива, слатка, смешна и шармантно изгубена во вселената. Но другиот главен лик, сопственикот на телефонот, Сем Рокстон, воопшто не е допадлив, симпатичен мекуш како неа и не се согласува таа да го задржи телефонот. Тој сака таа да му го врати мобилниот и не сака Попи да му ги чита пораките и да му душка во приватниот живот. Следи комичен пресврт на настаните додека Попи и Сем делат телефон, ѕиркајќи си еден на друг во животите. Попи се подготвува за свадба и ја крие левата рака од Магнус и неговите родители, но набрзо сфаќа дека ја чека најголемото изненадување во животот.
Оваа книга ми беше како една џиновска принцес крофна, ниту можеш да ја лапнеш за една вечер затоа што е преголема, ниту пак ти се остава. Со тешко срце легнав и ја оставив недочитана, а утредента едвај чекав да дојде крај на работното време за да ѝ се навратам. Пораките што си ги разменуваа Попи и Сем ми беа особено слатки и смешни, а ликот на Сем страшно секси и привлечен. Сите знаете колку сакам секси, резервирани мажи во книгите 🙂
За крај, со огромно задоволство ви соопштувам дека Софи Кинсела отсега е наша авторка за преводи на македонски јазик и веднаш можам да најавам дека до крајот на годината ќе има уште две преведени нејзини книги во издание на Сакам Книги.
Совршената замена (или оригинал The wife between us) ми го привлече вниманието затоа што веднаш штом излезе од печат почна да се искачува на сите топ листи и не можев да не ја прочитам. Се сеќавам дека беше недела, па си седнав релаксирано попладнето со Киндлот и една кутија чоколатца и додека да се свестам, веќе беше стемнето, бев стигната до пола книга и имав изедено пола од кутијата со чоколади. Ова ќе го кажам од старт; иако има доста пресврти во неа, не е книга што ќе ве шокира и ќе ве акне од земја, но дефинитивно е книга што не се остава, едноставно влече и те тера да се залажуваш со „Ајде само уште една глава, и ајде само уште една“ сè додека не ја прочиташ цела.
Па ајде малку за дејствието: Ванеса и Ричард биле во брак седум години – сè додека не ја оставил за друга жена, некоја помлада и попосакувана. И таа сега ги поминува деновите пиејќи и навраќајќи се на болни спомени, обидувајќи се да сфати кога работите меѓу нив тргнале во толку лош правец. Но се разбира дека ни таа не е апсолутно невина во сето тоа – таа никогаш не била жената за која ја сметал Ричард. Полека патуваме со неа, се навраќаме во минатото и дознаваме што се случувало во нивниот брак.
Од друга страна, помладата Нели е свршена за човекот од нејзините соништа. Ричард е грижлив, харизматичен и успешен, но најважно од сè, ѝ ја дава безбедноста по која секогаш копнеела. Но како што нивната свадба наближува, таа сè повеќе има чувство дека некој ја следи и набљудува. Се гледа дека и Нели има некоја скриена приказна, но уште не знаеме што е тоа.
Она што беше интересно е тоа дека додека ја читав книгава, буквално ме болеше срце за Ванеса. Секојпат кога ќе се спомнеше Нели и кога Ричард се потресуваше околу неа, чувствував љубомора како да се работи за мој маж и тоа е она што ми покажа колку авторките успешно си ја завршиле работата. Нели ми беше допадлива, а истовремено ме нервираше зошто Ричард ја сака, зошто не е веќе со Ванеса. Ова беше чуден и интересен конфликт на емоции за мене.
Никој не ја знае вистината за тоа што точно се случува во еден брак, дури ни за оние кои од страна личат на среќни бракови. Но Ванеса е сигурна во едно: ќе направи сè што треба за да ја запре свадбата на Ричард пред да биде предоцна. Таа нема да дозволи нејзината совршена замена да му стане нова сопруга.
Ќе запрам тука за да не ви го расипам читањето и се надевам дека ќе ви го задржи вниманието како што ми го задржа мене. Веќе најавија и филм по книгата, па ако стигне до финална фаза, баш би сакала да го изгледам.
Тој е првата личност што ја инспирира, што ја трогнува, што вистински ја разбира. Дали е судено да биде и последната?
Луси мора да донесе одлука што ќе ѝ го смени животот – дали да даде одобрение за исклучување на апаратите што го одржуваат во живот нејзиниот најдобар пријател и човекот кој воедно е љубовта на нејзиниот живот. Но за да може да ја донесе таа одлука, прво мора да ја раскаже нејзината приказна – нивната приказна – од самиот почеток.
Она што следи е тринаесетгодишно патување на соништа, желби, копнежи, љубомори, предавства и, пред сè, љубов. Дали судбината ги има споено? Дали по свој избор се имаат одвоено? Нивните патувања ги носат Луси и Гејб на различни континенти, но никогаш не можат да ја извадат неа од неговото срце и него од нејзиното.
Сè уште нема. Проверете повторно за некое време.
× |
Роза за балерината 3 x 250 ден |
|
× |
Чудо 5 x 390 ден |
|
× |
Ова завршува со нас 3 x 400 ден |
|
× |
Тој рече, таа рече 1 x 390 ден |
|
× |
Збогум најмила 2 x 420 ден |
|
× |
Приказни за добра ноќ за бунтовни девојчиња 2 1 x 790 ден |