Многу одамна немав седнато да напишам рецензија за книга затоа што воопшто немам време и многу ми е жал – искрено ми недостига пишувањето рецензии – но следејќи ја индиректно продажбата на одредени наслови, забележав едно големо несогласување и се замислив. Имено, забележав дека еден од моите омилени трилери во изминатите неколку години, се продава океј, но не се продава ТОЛКУ колку што очекував, а повеќе се продаваат други книги кои мене лично не ми се ни на приближно исто ниво. И не се работи воопшто за продажбата, книгите вака или онака ќе се продадат, туку се работи за тоа дека во денешно време страшно тешко се наоѓа ОДЛИЧНА книга, особено кога си толку пребирлив читател како јас, па кога ќе пронајдам нешто олку добро, јас сакам да го споделам со сите и сакам приказната да ја прочитаат сите, па на крајот да можеме и меѓусебно да си коментираме и да дискутираме и да анализираме.
Па тоа ме натера да одвојам малку време и да ви кажам нешто повеќе за книгава…
Кетрин и Рејчел се пријателки од деца, сродни души, неразделни, не можат една без друга. Но книгата почнува со раскажување од гледна точка на Кетрин и одеднаш сфаќаме дека таа го планира убиството на нејзината најдобра пријателка. Зошто? Затоа што Рејчел, во еден краток момент на невнимание, има направено фатална грешка што резултирала со смрт на двете синчиња на Кетрин и таа веќе не е мајка, таа веќе не е нормална личност; таа е сенка од човек. И нема да се смири сè додека не ја натера Рејчел да плати за сè. Рејчел патем си живее убав живот со нејзиниот сопруг и нејзините две деца. Но не знаеме како ѝ е нејзе сè додека не стигнеме до третиот дел од приказната кој го раскажува токму таа.
Дејствието се одвива на Фолкландските Острови, кои се мирно место каде сите меѓусебно се познаваат и убаво си живеат, па кога одеднаш почнуваат да исчезнуваат деца кои сомнително многу личат на починатите синови на Кетрин, населението го фаќа хистерија. Можно ли е меѓу нив да постои монструм кој повредува деца или станува збор за несреќни трагедии? Патем, страшно беше интересно да се чита за Фолкландските Острови. Кетрин нурка и работи со морскиот свет, а мене ова ми беше првпат да читам за тие работи во книга и дознав многу интересни информации. Има еден особен трогателен дел со насукување на китови каде што е објаснето зошто и како китовите се насукуваат и умираат во огромни бројки. Но да се навратиме на сериските исчезнувања на децата… Рејчел веќе е црна овца поради случајот со двете загинати деца. За Кетрин одамна се шпекулира дека го изгубила умот откако ги изгубила синовите. Но која од двете поранешни најдобри пријателки е поопасна? Или можеби станува збор за некој сосема друг… Навистина нема да погодите сè до последната страница. Крајот беше спакуван во неколку огромни изненадувања за мене. Дознаваме кој ги киднапира децата, дознаваме како Рејчел ја направила грешката што ја направила за да починат синовите на Кетрин, дознаваме што се случува со последното, најважното, исчезнато дете и дознаваме зошто Кетрин и самата носи вина за смртта на нејзините деца. Значи ова не е еден од оние крвави, хард кор трилери како Девојката Врана или Алекс; ова е целосна приказна каде што има сè: заплет, пресврти, емоции, човечки односи, неизвесност…
Она што посебно ми се допадна во оваа книга беше тоа што низ целата трилер приказна имаше и некоја љубовна нишка затоа што има и трет машки лик кој има значајно минато со Кетрин и сега повторно е тука во целата истрага. Имам прочитано четири или пет книги од Шерон Болтон, но оваа ми е УБЕДЛИВО најдобра. Болтон за мене е нов мајстор за трилери. Ви ја препорачувам од срце и едвај чекам да си размениме некој коментар за приказната!
Draga – :
Предобар трилер, можеби ќе беше уште подобро ако беше напишан во помалку страници, но сепак те остава во неизвезност до самиот крај.
Топло го препорачувам 🙂
Александар Николовски – :
Солиден трилер, можеби малку развлечен, но во глобала многу добар.
Nadja – :
Еден од најдобрите трилери кои сум ги читала. Возбудлив, брилијантен, интелигентен полн со описи, детали и пресврти. Моја топла препорака 🤗❤️
Слаѓан – :
Данте и Коломба се едно незаборавно и несекојдневно дуо што потполно ме зароби, се чинат толку живи што лесно би помислиле дека станува збор за реални човечки суштества. Оваа книга ја прочитав со кнедла во грлото и со забрзан пулс, едноставно едвај се терав себеси да направам пауза, зашто е невозможно да прекинете со читањето. Изобилува со шокирачки пресврти, вознемирувачки сцени, мошне возбудливи случки и мрачна атмосфера. Ги голтав страниците и како што се доближував до крајот, имав чувство како јас да сум навлезен длабоко во мислите и постапките на главните јунаци. Одличен психолошки крими-трилер што дефинитивно ме измести, ме наежи, ме згрози и морам да кажам дека се најде во мојата топ 5 листа на прочитани трилери! Адреналински, брутален и оригинален, буквално ќе ви го одземе здивот 🔥
Се надевам дека набрзо ќе бидат преведени и двете продолженија – Kill the Angel и Kill the King!