Бараме автори со креативни идеи, уникатен стил и многу приказни во ракавот. Писател, соработник, пријател, отворен за соработка со екипа што живее за книгите и сугестии од професионалци што ќе му помогнат да прерасне во хит автор во Македонија.

Мислиш дека имаш потенцијал? Имаш готова книга во фиока? Мислиш дека си личноста што ја бараме?

Личноста што ја бараме:

  1. Има оригинални идеи и знае како да ги пренесе на хартија.
  2. Има свој стил, но пишува приказни што можат да допрат до поширока публика.
  3. Има прочитано многу книги во животот; за споредба, за учење, за градење на сопствен стил.
  4. Може да се замисли себеси како дел од екипата на Сакам Книги и да стои рамо до рамо со нашите останати автори.

Моментално бараме:

  1. Роман, новела, белетристика, комерцијална фикција.
  2. Книга што има потенцијал, со наша стручна помош, да прерасне во национален бестселер.
  3. Книга што спаѓа во една од следните категории, групирани по жанрови: мистерија/трилер/крими роман, драма/романса/историска драма или романтична комедија/чик лит.

Моментално не бараме:

  1. Поезија
  2. Биографии
  3. Научна фантастика
  4. Стручни содржини
  5. Еротика

За жал, нашето време е многу ограничено и сега засега нема да ги читаме апликациите за овие жанрови и категории.

Те интересира што нудиме? Што значи да си дел од тимот на Сакам Книги?

Ако се покаже дека имаш приказна што сакаме да ја објавиме, ти стануваш дел од Сакам Книги, а ние комплетно застануваме зад тебе. Ти обезбедуваме експертиза и ресурси за професионално финиширање на книгата, ја издаваме, ја дистрибуираме во 40 книжарници со кои соработуваме низ земјата, ја промовираме и максимално се вложуваме да стане национален бестселер.

Заинтересиран/а? Ова се следните чекори!

Прв чекор – формулар за автори:

  1. Преземи го нашиот формулар за автори од овој линк.
  2. Пополни го и сними го на твојот компјутер.

Втор чекор – подготовка на книгата:

  1. Провери си ја добро книгата уште еднаш; можеби сакаш да направиш некои корекции, можеби сакаш визуелно да ја средиш.
  2. Погрижи се да е напишана со македонска поддршка, не македонски фонт. Доколку не е, на интернет има бесплатни алатки за конвертирање. Важна напомена: Книгите што ќе ги добиеме напишани на латиница и со куп печатни грешки, воопшто нема да ги читаме.
  3. Сочувај ја финалната верзија.

Трет чекор – испраќање на документите

Испрати ни ги:

  1. пополнетиот формулар и
  2. финалната верзија од книгата

на мејл: rakopisi@sakamknigi.mk. Доколку сакаш, може да вклучиш и твоја фотографија. Важна напомена: Поради големиот број на мејлови што ги добиваме секој ден не сме во состојба да им одговориме на сите. Како и да е, доколку сме ја прочитале твојата книга и ни се допаднала, секако ќе бидеш исконтактиран/а.