Многу одамна немав седнато да напишам рецензија за книга затоа што воопшто немам време и многу ми е жал – искрено ми недостига пишувањето рецензии – но следејќи ја индиректно продажбата на одредени наслови, забележав едно големо несогласување и се замислив. Имено, забележав дека еден од моите омилени трилери во изминатите неколку години, се продава океј, но не се продава ТОЛКУ колку што очекував, а повеќе се продаваат други книги кои мене лично не ми се ни на приближно исто ниво. И не се работи воопшто за продажбата, книгите вака или онака ќе се продадат, туку се работи за тоа дека во денешно време страшно тешко се наоѓа ОДЛИЧНА книга, особено кога си толку пребирлив читател како јас, па кога ќе пронајдам нешто олку добро, јас сакам да го споделам со сите и сакам приказната да ја прочитаат сите, па на крајот да можеме и меѓусебно да си коментираме и да дискутираме и да анализираме.
Па тоа ме натера да одвојам малку време и да ви кажам нешто повеќе за книгава…
Кетрин и Рејчел се пријателки од деца, сродни души, неразделни, не можат една без друга. Но книгата почнува со раскажување од гледна точка на Кетрин и одеднаш сфаќаме дека таа го планира убиството на нејзината најдобра пријателка. Зошто? Затоа што Рејчел, во еден краток момент на невнимание, има направено фатална грешка што резултирала со смрт на двете синчиња на Кетрин и таа веќе не е мајка, таа веќе не е нормална личност; таа е сенка од човек. И нема да се смири сè додека не ја натера Рејчел да плати за сè. Рејчел патем си живее убав живот со нејзиниот сопруг и нејзините две деца. Но не знаеме како ѝ е нејзе сè додека не стигнеме до третиот дел од приказната кој го раскажува токму таа.
Дејствието се одвива на Фолкландските Острови, кои се мирно место каде сите меѓусебно се познаваат и убаво си живеат, па кога одеднаш почнуваат да исчезнуваат деца кои сомнително многу личат на починатите синови на Кетрин, населението го фаќа хистерија. Можно ли е меѓу нив да постои монструм кој повредува деца или станува збор за несреќни трагедии? Патем, страшно беше интересно да се чита за Фолкландските Острови. Кетрин нурка и работи со морскиот свет, а мене ова ми беше првпат да читам за тие работи во книга и дознав многу интересни информации. Има еден особен трогателен дел со насукување на китови каде што е објаснето зошто и како китовите се насукуваат и умираат во огромни бројки. Но да се навратиме на сериските исчезнувања на децата… Рејчел веќе е црна овца поради случајот со двете загинати деца. За Кетрин одамна се шпекулира дека го изгубила умот откако ги изгубила синовите. Но која од двете поранешни најдобри пријателки е поопасна? Или можеби станува збор за некој сосема друг… Навистина нема да погодите сè до последната страница. Крајот беше спакуван во неколку огромни изненадувања за мене. Дознаваме кој ги киднапира децата, дознаваме како Рејчел ја направила грешката што ја направила за да починат синовите на Кетрин, дознаваме што се случува со последното, најважното, исчезнато дете и дознаваме зошто Кетрин и самата носи вина за смртта на нејзините деца. Значи ова не е еден од оние крвави, хард кор трилери како Девојката Врана или Алекс; ова е целосна приказна каде што има сè: заплет, пресврти, емоции, човечки односи, неизвесност…
Она што посебно ми се допадна во оваа книга беше тоа што низ целата трилер приказна имаше и некоја љубовна нишка затоа што има и трет машки лик кој има значајно минато со Кетрин и сега повторно е тука во целата истрага. Имам прочитано четири или пет книги од Шерон Болтон, но оваа ми е УБЕДЛИВО најдобра. Болтон за мене е нов мајстор за трилери. Ви ја препорачувам од срце и едвај чекам да си размениме некој коментар за приказната!
Magdalena – :
Предобра книга што е и многу очекувано од Колин. Во еден здив ја прочитав. Секоја страна беше се поинтересна, а крајот ме остави без зборови. Овај трилер на Колин ќе си поигра со вашиот мозок. Топло ја препорачувам. ❤
tamarakrsteska.33 – :
Книга што дефинитивно не се испушта од раце. Чиста 10ка.
Тамара – :
Напната од прва до последна страна. Ја обожавам книгава. Чиста 10ка.
Александар Николовски – :
Книгата е далеку од трилер, меѓутоа капа долу за манипулативноста на крајот, нешто поради коешто книгата е толку коментирана. Како за експеримент е добро, ако ги изоставиме премногуте еротски сцени. Би сакал Хувер да се испроба и во трилер во вистинска смисла на зборот. Од мене 3,75/5. 🙂
Сара – :
Нааајдобар трилер, дефинитивно!
Бора – :
Ќе бидам брутална и искрена. Книгата скоро и воопшто да не ми се допадна, но секако тоа е работа на вкусови. Да сакав јас да го смислувам крајот, јас ќе бев писател… А да не почнувам за изобилието на еротика, кое постојано се повторува истото па истото. И многу други работи, според мене непотребно се повторуваат. Немам читано други книги од оваа авторка, но оваа не ми се допадна. Еден предлог до издавачката куќа, за наредното издрание на задната корица да го „апдејтираат“ жанрот на задната корица. Драма, романска и трилер да, ама повеќе од половина книга е еротска, па така и тоа треба да се додаде.
Надица – :
Читав доста коментари и мислења на читатели за оваа книга, воглавно повеќето беа незадоволни од крајот. Но, за мене лично крајот беше феноменален, секој читател самостојно да ја заврши книгата во однос како се поврзал со ликовите. Повеќе романса отколку трилер но добар баланс на содржина. Предобра книга!
Стефани – :
Како за трилер од страна на Хувер добра е приказната и донекаде ми се допадна,но мислам дека треба да си продолжи со нејзиниот жанр,сакам да пишува повеќе книги како “Ова завршува со нас”,тоа и лежи најмногу и е маестрална. Книгава на крај ми беше како недовршена,да се мислиш ти што би било ако би било и се разочарав,бидејќи читаш цела книга без да знаеш каков е крајот..🤔 Сепак секоја чест што собрала храброст да пишува трилер,ја почитувам за тоа.😊
Денис – :
Топ книга
Наталија – :
Хувер е маестрална, нема збор. Ниедна нејзина книга од преведените до сега ме нема разочарано
Слаѓан – :
Ова дефинитивно не го очекував од Колин Хувер! Изобилува со еротски сцени и описи кои ве оставаат со подотворена уста. Вознемирувачка и напната од прва до последна страна, а крајот навистина не го очекував. Се чувствував како да гледам филм и едноставно не можев да ја оставам од раце бидејќи секое ново поглавје вовлекува се’ подлабоко во светот на изопаченоста, но и на љубовта и нескротливата страст. Ја препорачувам за љубителите на мрачни мистерии 🙂
Морам и да напоменам дека ликовите се многу добро изградени, особено оној на Верити. Се’ на се’ романов не ме остави рамнодушен 😀