Награда за книга на годината во 2014 од страна на GR, најголемата мрежа за љубители на книги во светот.
Прекрасно, богато и специфично семејство. Приватен остров…
Брилијантно, повредено девојче; страсно, посиромашно момче.
Група од четири пријатели – Лажговците – чие пријателство станува деструктивно.
Револуција. Несреќа. Тајна.
Лаги врз лаги врз лаги.
Вистинска љубов. Вистината.
„Ние сме Лажговците. Ние сме прекрасни, привилегирани и водиме безгрижен, луксузен живот. Ние сме напукнати, оштетени и скршени. А ова е приказна за љубов и семејство. Ова е трагедија. Но што е вистина? А што лага?“
Каденс, Гет, Мирен и Џони. Лажговците. Деца од исклучително богато семејство кои фамилијарно ги минуваат летата на приватен остров во сопственост на нивниот дедо. Нивните мајки се сестри, наследнички на големо богатство. Бесценетите внуци се високи и витки, со светли кожи и руси коси, образовани деца со дарба за спорт. Но дали работите се навистина тооолку совршени како што изгледаат? Каденс не може да се сети на ништо по несреќата… На ништо…
Првата љубов не се заборава никогаш! Особено не кога ќе дојде вака…
Две необични личности кои никако не можат да се вклопат никаде… И една исклучителна љубов…
Еленор… Црвена коса, чудна облека. Таа е новата девојка во градот, со хаотичен семеен живот, со диви, смешни локни – таа не би можела да стрчи повеќе дури ни кога намерно би се обидувала.
Еленор… Таа прави сите други да изгледаат премногу обично и бледо и секојдневно и… никогаш доволно добри.
Парк е момчето кое седи во задниот дел на автобусот. Црни маици, големи слушалки за музика, главата забиена во книга – тој мисли дека успева да биде невидлив. Но не и за Еленор… никогаш за Еленор. Тој знае која песна таа ќе ја засака уште пред да ѝ ја пушти. Тој се смее на нејзините шеги уште пред таа да стаса до смешниот дел.
Има едно место во неговите гради, баш под грлото, кое го тера да сака да си ги исполнува ветувањата што ѝ ги дава.
За сите кои веќе ја прочитаа Можеби некогаш…
Колин Хувер, авторката на Можеби некогаш, брилијантно ја оживува приказната на харизматичниот и смешен Ворен и специфичната, постојано лута Бриџит во нова новела, Можеби никогаш.
Кога Ворен добива шанса да живее со цимерка девојка, тој веднаш се согласува.
Можеби промената би можела да стане интересна некогаш.
Или можеби никогаш.
Особено кога ќе се земе предвид дека цимерката е ладната и избувлива Бриџит. Уште не поминал ниту еден ден, а тие двајца веќе не можат да поднесат да бидат во иста просторија и тензијата почнува да расте, фрлајќи искри на сите страни.
Но Ворен има теорија за Бриџит: секој кој е способен да мрази со толку голема страст мора воедно да е способен и да сака со подеднакво голема страст. И тој сака да ја испита оваа теорија.
Дали Бриџит некогаш ќе омекне и конечно ќе научи да сака?
Можеби, некогаш. Или можеби никогаш.
Сидни живее во идилично меурче; таа има работа во која ужива, живее со својата најдобра пријателка, Тори, има прекрасно момче и бесплатно слуша неверојатна музика во живо од балконот спроти нејзиниот. Но кога Сидни дознава дека нејзиното момче ја изневерува и тоа со нејзината најдобра пријателка, идиличното меурче пука. Таа одеднаш останува без Хантер, без Тори, без кров над главата и без работа.
Тогаш во игра влегува мистериозниот и привлечен сосед, Риџ, кој стои зад музиката што доаѓа од спротивниот балкон. Тој веќе ѝ е делумно познат, иако реално не се познаваат, бидејќи Сидни е навлечена на неговата музика и не може да престане да го гледа и слуша како страсно свири на гитара на неговиот балкон. Тој ѝ нуди излез од навидум безизлезната ситуација, предлагајќи ѝ да пишуваат песни заедно, а со тоа истовремено ѝ дава и надеж дека таа може да продолжи понатаму. Но продолжувањето понатаму со животот се покажува потешко отколку што Сидни очекува, па ѝ останува само да се надева дека… Можеби некогаш.
Страсна приказна за љубовта, предавството, лојалноста и музиката на која наизменично ќе се смеете и плачете.
Сè уште нема. Проверете повторно за некое време.
Живееме во информатичко општество каде интернетот е неопходен дел од животот на луѓето. Но како што се користи за добри цели, тој така и се злоупотребува од страна на одредени индивидуи. Оваа книга е реалистичен и моќен поглед во животот на тинејџерите и онлајн искушението за запознавање нови луѓе.
Еден ваков аларм кој го нуди оваа книга е потребен и дури неопходен во ова време во кое живееме кога сајтовите за социјално вмрежување се преполни со секаков вид на луѓе од најрана до најстара возраст, каде профили имаат деца кои сè уште не тргнале на училиште, а тинејџерите, заборавајќи го нормалното општење со своите пријатели, ги окупираат своите лаптопи и телефони и „висат“ на интернет од утро до вечер.
Аби и Лук разговараат онлајн. Тие никогаш не се сретнале лично. Но ќе се сретнат. Наскоро.
Аби тргнува во средно училиште, треба да е возбудена, но не е. Напротив, таа е исплашена затоа што никогаш не била меѓу популарните деца. Таа е убава и паметна, но воопшто не верува во себе. Сите ѝ велат да се потруди околу својот изглед, но таа се прашува зошто не ја оставаат да биде своја, зошто ја тераат да се преправа дека е нешто што не е? Аби се чувствува како претходно среќниот живот да ѝ се лизга низ прсти. Единствената работа во која ужива се разговорите со Лук, момче кое го запознава на интернет, единствениот кој ја разбира. Онлајн разговорите со Лук делуваат некако опасно, но сепак добро – тој е нејзината тајна, а таа неговата. Тогаш Лук ја замолува да се сретнат и таа прифаќа. Но Лук не е оној кој Аби мисли дека е.
Па, да. Навистина е големо чудо што Кетнис е жива по второто учество во Игрите. На 75-тите Игри на гладните, трибутите се избрани од сите живи победници кои досега победиле на Игрите. Тоа без извлекување ја враќа Кетнис назад во арената, бидејќи таа е единственото девојче кое победило на игрите од нејзиниот реон. Со ова Капитол мисли дека таа нема да се извлече, дека овој пат смртта за неа е сигурна. Но, уште еднаш, работите не одат по плановите на Капитол.
Кетнис Евердин, девојката која гореше, преживеа и покрај тоа што многумина ја сакаа мртва… преживеа и покрај тоа што нејзиниот дом повеќе не постои… преживеа и покрај тоа што Капитол го киднапира човекот за кој се заколна дека ќе го заштити, па макар и по цена на сопствениот живот. Катнис е спасена заедно со уште неколку учесници и однесена во 13от реон за кој сите мислеа дека е уништен.
Реон 13 навистина постои. Кетнис, заедно со своето семејство и Гејл мора да го прифати животот во Реон 13. Но исто така мора да ја прифати својата улога на мокингџеј – симбол на револуцијата која е веќе во полн ек. Девојката која гореше долго време била дел од таа револуција без да биде свесна за тоа. Во 13от реон живеат луѓе кои имаат многу современо оружје и своја претседателка која се подготвува да стане лидер на Панем откако ќе победат во војната. 12от реон е целосно уништен, а Пита е заробен во Капитол каде што го измачуваат и пробуваат да извлечат од него информации за востанието кои тој ги нема. Сега, Кетнис дише со две цели во себе. Да го спаси Пита од ужасните канџи на Капитол и да го убие претседателот Сноу – оној кој ги создаде Игрите на гладните. Кога имате неколку секунди да размислите пред да донесете одлука, дали ќе го изберете она што е правилно?
Кетнис е роден лидер, а важна особина на лидерите е да носат брзи и исправни одлуки без оглед на се! Таа ќе ја промени иднината на Панем и на целиот свет. Како? Тоа ќе дознаете самите!
…„Погледни, претседателе… Огнот се раѓа! И ако ние гориме, ти ќе гориш заедно со нас!“…
Мокингџеј е извонреден крај на неверојатна трилогија.
Наспроти сите напори и желби на Капитол да ја видат мртва, Кетнис е победник на 74-тите Игри на гладните, заедно со Пита, момчето од нејзиниот реон во кое сите веруваат дека таа е лудо заљубена.
Иако по победата таа има сè што би можела да посака – куќа во специјален дел од реонот за победниците на Игрите, повеќе од доволно храна за нејзиното семејство и популарност во целата држава, по посетата од самиот претседател на Панем, Кетнис не може да ужива во сето тоа. На таканаречената “Победничка турнеја“ таа мора да ги убеди жителите на сите реони дека навистина е лудо вљубена во Пита, не оставајќи воопшто простор за сомнеж за да нема катастрофални последици. Таа сфаќа дека нејзиниот потег во Игрите за да го спаси Пита и самата себе си од сигурна смрт доведува до подигнување на востание во одредени реони.
Пред да биде свесна за тоа, Кетнис станува предмет на голем интерес и восхит помеѓу повеќето жители на реоните. Таа е искрата која им дава надеж дека црниот живот кој го знаат би можел да заврши кога сите би биле храбри и би се спротивставиле како што направи таа за време на Игрите. Но, претседателот знае дека единствениот начин за востанието да згасне пред да излезе од границите на нормалното е им покаже на „гладните“ дека дури и најсилните меѓу нив не можат да ја надминат моќта на Капитол…
„Раѓањето на огнот“ претставува мост што ја носи приказната од нејзиниот проблематичен почеток до насилен и драматичен крај. Завршува интересно и го остава читателот во неизвесност и желба да дојде до последниот дел од серијата ВЕДНАШ! Според Џон Грин, критичар на Њујорк Тајмс ова е брилијантно смислена и перфектно темпирана книга. Верувам дека и вие би се согласиле со него кога ќе ја прочитате!
…во руините на местото кое некогаш било познато како Северна Америка, се наоѓа државата Панем. Главниот град на Панем е Капитол и тој е опкружен со 12 реони. Капитол живее во сјај и богатство, додека луѓето од 12те реони живеат во беда и се борат за секој следен ден да го дочекаат живи, да не умрат од глад. Не е дека не се обиделе да се спасат од одвратноста на Капитол. Во минатото тие кренале востание, но Капитол ги поразил и го уништил 13тиот реон кој тогаш постоел за да им покаже што ги очекува ако уште еднаш се обидат да се бунтуваат. Од тогаш, работите се само полоши.
Капитол има свој монструозен начин на кој ги држи реоните под контрола. Секоја година, во Капитол се одржуваат Игрите на гладните. Од секој реон, се разбира освен од Капитол, по пат на лотарија се избираат едно момче и едно девојче, на возраст од 12 до 18 години – наречени трибути и се испраќаат во Капитол. Таму трибутите ги ставаат во голема арена на отворено каде треба да се убиваат меѓусебно сè додека не остане само еден преживеан… а сето тоа другите го гледаат во живо на телевизија. За Капитол тоа е празник, тие се обложуваат за победници, доаѓаат за да гледаат, се радуваат. За реоните тоа е само уште еден показател дека се бедни и немоќни, дека мораат да ги праќаат своите деца во смрт и не смеат да мрднат ни со прст.
Кетнис живее со својата мајка и сестра. Дента на лотаријата на трибути силно се моли дека нема да биде извлечено нејзиното име. И не е… ја извлекуваат нејзината помала сестричка. Таа не смее да го дозволи тоа, а немоќна е да го промени. Затоа… се јавува како доброволец за да ја замени во Игрите.
Таа е храбра, таа е ловец, таа знае што значи да умираш од глад, таа е посилна од Прим, но исто така е свесна дека си припишува смртна казна.
ПРЕТХОДНО: Мајлс „Буце“ Халтер има крајно здодевен живот. Тој нема пријатели, неговите денови се празни, а единствена занимација што ја има му е опсесијата со последни зборови на познати луѓе. Но, сето ова се менува кога заминува да учи во училиштето со интернат – Кулвер Крик. Неговиот живот станува тотална спротивност на здодевен и безбеден. А таму ја запознава и прекрасната, откачена Алјаска Јанг. Таа е паметна, убава, смешна и бескрајно фасцинантна – таа е девојката која го повлекува Буце во својот свет, а притоа го краде и неговото срце.
ПОТОА: Ништо никогаш повеќе нема да биде исто.
„Убавината на оваа книга лежи во тоа што таа не крие ништо. Ги прикажува младата љубов и растењето во реално, брутално и искрено светло. Можеби нема да наполните кофи со солзи како на крајот од Светот не е фабрика за исполнување желби, но ќе се приврзете за Мајлс и Алјаска, исто како што тие се приврзуваат еден за друг.“
The Guardian
Кој би рекол дека четири минути можат да сменат сѐ?
Денес треба да биде еден од најлошите денови во животот на седумнаесетгодишната Хедли – денот од кој таа се плаши со месеци.
Втората свадба на татко ѝ, на сосема друг континент од неа, со жена која таа воопшто ја нема запознаено. Во нејзиното срце има едно нежно и ранливо место кое сѐ уште не е заздравено од неговото заминување и дефинитивно уште повеќе страда поради настаните кои претстојат.
Како сето тоа да не е доволно; таа е присилена да присуствува на свадбата и поради доцнењето од само четири минути, Хедли го испушта својот лет. Таа доцни ќе доцни на свадбата на која воопшто не сакаше да оди.
Има ли поголема иронија на судбината од тоа? Постои ли нешто полошо од целиот тој сплет на околности?
Постои. Оливер, осумнаесетгодишното момче од Британија кое седи до Хедли на следниот лет ќе ви покаже дека судбината има чуден начин да си поигра со нас, ќе ви докаже дека од лошото секогаш постои полошо и дека треба да научиме да ја пронајдеме светлата точка во сѐ.
Кога може тој, може секој. Тој ќе ни покаже дека четири минути навистина можат да сменат сѐ.
Оваа книга, освен што нѝ покажува како младите се носат со тешки емоции како овие, како реагираат во одредени случаи – таа исто така зборува за љубовта на прв поглед и за тоа дека може да нѝ се случи кога најмалку ја очекуваме. Со вметнување на љубовна приказна во рамки на главната приказна, авторот успева да стави парче сјај на тажната приказна и да покаже дека и покрај лошите работи, во животот се случуваат и добри работи. Дејството се случува во рок од 24 часа, но приказната е богата и прекрасно раскажана.
Најинтересниот податок во врска со оваа книга е тоа дека книгата е оригинално издадена неодамна, кон крајот на март 2012, а авторските права за неа беа продадени во 30 земји уште пред книгата да биде издадена.
Нема производи |