Моли Сомервил има репутација на бељаџика. Има нешто што внатрешно ја јаде и одвреме-навреме ѝ создава нагони за правење проблеми и бељи, а предзнак за тоа обично е менувањето на фризурата. Но добро, никој не е совршен. Инаку, може да се каже дека има скоро идеален живот. Ја обожава својата работа, својот тешко заработен стан, својата француска пудлица, па дури и сестра си во чија сенка живее цел живот, бидејќи не е толку убава, успешна и гламурозна како неа.
Единствениот проблем ѝ е тоа што е безнадежно вљубена во страшно згодниот и популарен рагбист, Кевин Такер, со кој едноставно нема никаква шанса. Тој не ѝ го знае дури ни името!
Една вечер, нејзината склоност кон правење глупости ја вплеткува во комплицирана ситуација со Кевин, па нејзиниот свет одеднаш се превртува наопаку. Една грешка, една непромислена глупост, целосно им ги менува животите на двајцата и прави човекот што го сака да ја замрази.
Вљубувањето понекогаш боли, понекогаш прави да го изгубиш умот, но понекогаш, ако имаш голема среќа, скршеното срце може да заздрави на најнеочекуван и посебен начин.
И покрај тоа што е многу комуникативна и дружељубива, Оливија е болно несигурна во поглед на спротивниот пол и никако не може да собере храброст да му пријде на тип за кој е заинтересирана. Но селењето во Единбург и дава шанса за нов почеток и откако развива силни симпатии за еден секси тип на работа, одлучува дека е време да ги закопа стравовите и да тргне по тоа што го сака.
Нејзиниот пријател Нејт Соер е згоден и секси женкар, кој никогаш не се врзува, но со неговите најблиски пријатели е лојален до коска. Па кога Оливија му се отвора за своите проблеми, тој се нуди да ? помогне да ја усоврши уметноста на флертувањето и да стане сексуално посамоуверена.
Нивната пријателска едукација по заведување наскоро се претвора во напната и врела романса. Но траумите од минатото на Нејт и понатаму не му дозволуваат да изгради нешто повеќе и Оливија завршува со скршено срце. Кога Нејт сфаќа дека ја направил најголемата грешка во животот, ќе мора да даде сe од себе да си ја врати најдобрата пријателка… или може да ја изгуби засекогаш…
Рејчел Самерс обожава да крои планови и да прави листи и списоци. Еве што има на нејзината листа со планови и работи што треба да се завршат:
– Дечко
– Стан
– Добра работа
Еве што не е на нејзината листа:
– Истиот тој навидум идеален дечко да ја откачи откако веќе имаат заеднички кредити за стан и кола.
Нејзините најдобри пријатели Емили и Метју веднаш долетуваат да ја спасат со една тотално различна листа и план – Планот за среќен крај на слободните девојки. Рејчел не е ни свесна дека оваа листа ќе ја поведе во куп луди авантури, а и романтични збрки.
Планот за среќен крај ѝ дава на Рејчел совршен лек за нејзиното скршено срце – и докажува дека љубовта секогаш е тука ако си подготвен да ризикуваш малку.
Од авторката на Го сакам Њујорк: нова заразна приказна што не се остава до последна страница!
„Животот порано беше неописливо прекрасен. Полн со магија и можности. Полн со чуда и возбуда. Не постоеше ништо што не можев да направам. Не постоеше ништо што не можев да бидам. Не постоеше место каде што не можев да отидам.
Кога бев дете, со часови седев и цртав и измислував одлепени приказни за да им ги раскажувам на моите пријатели. Откачени фантазии врежани на листови со разнобојни мрсни боички. Мислев дека моите приказни ќе го инспирираат светот, дека некако ќе успеат да го направат подобро место за живеење. И одредено време ми изгледаше како сите моите соништа да ќе се остварат.
Били Крофорд беше мојот свет. Мажот од моите соништа. Човекот што се заколнав дека ќе го сакам и почитувам и ценам сè додека „смртта не нè раздели“. Мислејќи и верувајќи, се разбира, дека никогаш нема да дојде до тоа. До смрт. Или ако дојде, тоа ќе биде многу, многу далеку во иднина. Премногу далеку за да се грижам за тоа денес. Или дури и утре.
Но… ах, колку брзо можат да се распарчат соништата. За една секунда. Со еден пиштол. Со еден куршум кој ја распарува тишината на една ноќ.
Во мојот живот се појави змеј за да го проголта мојот витез. Но тој убиец не го одзеде само животот на Били. Тој го зеде и мојот живот. Како долгокосата Рапанзел, ме заклучи во ладна, темна кула каде што останав да живеам сама, неспособна да се симнам долу кај што светот беше зелен и топол од сонцето. Боите почнаа да бледеат и да исчезнуваат сè додека не останаа само црната и белата. Местата кои – порано – слободно беа мои, сега ми беа забранети.
Порано сонував за раскажување приказни. Но никогаш, ни на сон, не помислив дека мојата ќе заврши вака.“
Што прави човек кога ќе ја изгуби вербата? Надежта? Волјата да продолжи понатаму? Што се прави кога сопствениот живот повеќе ти нема никаква смисла? Кога и самото дишење, самото земање здив – еден, единствен здив – ја бара целата енергија што ја имаш, додека не ја потрошиш и неа? Што тогаш?
Да претпоставиме дека сте на свадбата на вашата најдобра пријателка.
Деверица, во преубав тесен фустан за кој сте се мачеле како грешен ѓавол да ослабнете и со преубав пар Кристијан Лубутон на нозете. Се радувате за вашата пријателка, погледнувате во својот свршенички прстен и се надевате дека на вашето момче во скоро време ќе му текне да го одреди вашиот датум, се надевате дека вие сте следни на списокот.
И тогаш прекрасниот Лубутон почнува вечерта да ви ја прави пекол, нозете ве болат и одите до колата за да ги земете вашите удобни, рамни чевли… А таму?! Таму вашето момче, со испотено лице и пантолони спуштени до земја. Под него, некоја евтина девојка која ужива на задното седиште од вашиот заеднички автомобил!!!
Она што требаше да биде семеен автомобил за вас двајца и вашите деца!
Светот се руши, ви доаѓа да му ги забодете штиклите во празната глава и да врескате на цел глас! ИЛИ… едноставно да побегнете, да, таму каде што не е Марк, таму каде што не е евтината блудница, таму каде што ги нема „пријателите“ кои ве гледале во очи и ве лажеле, таму каде што секој има шанса да стане некој нов – ЊУЈОРК! Има ли подобро место на целиот свет?! И тоа едноставно се случува… Анџела скокнува на првиот лет за земја во која луѓето разбираат англиски и едноставно бега!Не знае што ја чека, не е свесна што прави, единствено нешто што знае е дека не може да остане повеќе таму. Ах да, и пред да побегне, во бес и паника, не сакајќи му го крши прстот на младоженецот или можеби цела рака… Но кој може да ја обвини?!
Запознајте ја Анџела Кларк! Девојка која учи повторно да го живее животот, да стане некој нов. Девојката која последните 10 години од животот ги поминала само со еден човек, а сега наеднаш таа флертува, излегува со други луѓе и повторно се заљубува иако мисли дека тоа е невозможно! Воедно, запознајте ја Линдзи Келк, нова, но исклучително забавна и талентирана авторка! „Го сакам…“ треската на Линдзи веќе зафати многу земји од светот, а сега доаѓа и кај нас. Тоа е новата и помлада Кинсела!
Топла и духовита приказна за богата девојка која открива дека можеби малку напорна работа е баш она што ѝ треба…
Откако нејзиниот татко го губи целото семејно богатство во нелегална зделка, самохраната мајка Паркер Велс е соочена со неколку многу тешки одлуки. Како прво: таа мора да се упати кон Заливот Гидеон, Мејн, за да го продаде единствениот имот кој сега го поседува – една мала полу распадната колиба на брегот која бара сериозно средување. Кога потрчкото на нејзиниот татко, неговиот личен адвокат Џејмс Кахил, се нуди да дојде со неа за да ѝ помогне, таа не е воодушевена, но нема други опции.
Со оглед на тоа што сега мора да заработува за себе и за своето синче, Паркер почнува да работи во цвеќарница и полека да се наоѓа себеси по пат. Можеби животот без богатство и не е толку лош. И можеби Џејмс не е толку плиток и расипан како што мисли таа.
Ова се ликови кои ќе ги обожавате, ова е приказна во која просто ќе се вљубите додека се смеете со насолзени очи!
Нешто позајмено ја раскажува приказната на Рејчел, млада адвокатка која живее и работи во Менхетен. Рејчел цел живот живее според правилата, таа е непоправливо добра девојка – прекрасна, послушна ќерка и најдобра пријателка… сè до вечерта на нејзиниот триесетти роденден кога нејзината најдобра пријателка Дарси ѝ приредува забава. Таа вечер, после многу пијалаци, Рејчел завршува во кревет со свршеникот на Дарси. Иако следното утро се буди со ужасна грижа на совест и решена да ја остави страшната грешка зад себе, Рејчел преплашено сфаќа дека таа има искрени и силни чувства за единствениот тип од кој би требало да бега на километри. Свадбата закажана за во септември се наближува страшно брзо, а Рејчел знае дека мора да донесе одлука. Додека се обидува да го направи тоа, таа дознава дека границата помеѓу правилно и погрешно може да биде многу нејасна и дека некогаш мораш да ризикуваш сè за да дојдеш до вистинска среќа.
Што е поважно: дали пријателството кое трае скоро цел живот или љубовта на твојот живот? Може ли да се одбере едното без губењето на другото засекогаш да ти го скрши срцето?
Нешто позајмено е феноменална книга продадени во милиони примероци која ќе ве натера да се смеете, да плачете и да вртите кај своите најдобри пријателки.
Џоана Вокер добро знае што сака. Силен, стабилен, финансиски обезбеден маж кој ќе се однесува со неа како што треба и ќе се грижи за неа и нејзиниот брат, Кол – нешто што никој претходно не го правел за нив. Отсекогаш било препуштено на Џоана да се грижи за нејзиното семејство, особено за помалото братче. Со отсутен татко и мајка алкохоличарка, Џоана носи одлуки што се во интерес на Кол откако помни за себе. Таа дури и одлучува со кои мажи да се гледа само врз основа на тоа од кого може да има најголема корист за Кол, а не кој неа вистински ја привлекува.
Но со Камерон МекКејб, привлечноста не може да се игнорира. Новиот секси колега ја стресува секојпат кога ќе ја погледне. И за првпат во животот, Џо е во искушение да ги стави своите потреби и желби на прво место. Кам е подеднакво опседнат со тоа да ја запознае Џо, но нејзините ѕидови се превисоки за да му дозволат дури и само да се обиде.
Тогаш Кам случајно се вселува во зградата на Џо и хемијата станува уште понеподнослива. А Кам е решен да ги открие сите тајни на Џо… макар и да треба да и ја урива одбраната дел по дел.
ПРЕТХОДНО: Мајлс „Буце“ Халтер има крајно здодевен живот. Тој нема пријатели, неговите денови се празни, а единствена занимација што ја има му е опсесијата со последни зборови на познати луѓе. Но, сето ова се менува кога заминува да учи во училиштето со интернат – Кулвер Крик. Неговиот живот станува тотална спротивност на здодевен и безбеден. А таму ја запознава и прекрасната, откачена Алјаска Јанг. Таа е паметна, убава, смешна и бескрајно фасцинантна – таа е девојката која го повлекува Буце во својот свет, а притоа го краде и неговото срце.
ПОТОА: Ништо никогаш повеќе нема да биде исто.
„Убавината на оваа книга лежи во тоа што таа не крие ништо. Ги прикажува младата љубов и растењето во реално, брутално и искрено светло. Можеби нема да наполните кофи со солзи како на крајот од Светот не е фабрика за исполнување желби, но ќе се приврзете за Мајлс и Алјаска, исто како што тие се приврзуваат еден за друг.“
The Guardian
Она што се случува во Вегас, останува во Вегас…
Анџела Кларк го обожава својот живот како Британка во Њујорк. За жал, таа од неодамна е Британка во Њујорк која ја губи работата, а со тоа и својата работна виза. Кога имиграционото биро ја известува дека таа има еден месец за да ја напушти земјата (и тоа токму пред Божиќ), таа очајно се фрла на кроење планови за да најде начин да остане во Њујорк. Но триесет дена се малку за човек да најде работа. Или да се омажи… Особено кога таа е убедена дека Алекс, нејзиното момче, нема да биде импресиониран од идејата да се ожени за виза.
Кога купот грижи станува неподнослив, Џени, откачената најдобра пријателка на Анџела, ја изненадува со прекрасен божиќен подарок за релаксација. Викенд во Вегас! Има ли подобар начин за опуштање од гламурозни клубови, коктели, дизајнерска облека и ноќи полни со забава? Но дали е вистина дека она што се случува во Вегас останува во Вегас или и тоа се враќа дома со тебе и ти го превртува животот наопаку?
„Претпоследниот дел од серијалот Го сакам… е подеднакво топол, смешен и забавен како и првите три дела – тој просто ве скокотка однатре и ве остава нетрпеливи за последниот дел од книгата: Го сакам Лондон.“
„Што би правел без тебе, Луси Браун?“ рече и ме бакна нежно. Го држев неговото лице и го бакнав и јас. Имав чувство дека животот не може да биде посовршен. И бев во право, немаше да биде. До крајот на следниот ден, ќе бидам мртва…
Луси Браун е на прагот на исполнувањето на својот сон. Треба да се омажи со човекот на нејзиниот живот: прекрасниот, згодниот, забавниот Ден… Тие се совршен пар кој не може да дочека остатокот од животот да го помине заедно. Но, судбината на Луси е поинаква. Таа не ја дочекува свадбата бидејќи ден пред неа умира додека се обидува да го најде идеалниот подарок за Ден. Она што најмногу ја мачи е тоа што пред да умре, таа беше лута и кога тој рече Те сакам, Луси Браун… таа не рече ништо! Уште несвесна за она што се случува, Луси се буди во предворјето – заглавена на пат помеѓу земјата и рајот. Не, ова не смееше да ѝ се случи! Па утре требаше да биде најсреќниот ден во нејзиниот живот. Таа не бараше премногу од проклетиот живот, таа бараше само да биде со човекот што го љуби и Господ реши дека на тоа треба да му се стави крај. И како да не е доволно лошо што е мртва, зарем мораше да умре без да му каже дека и таа го сака?!
Но чекајте, Луси има избор пред ескалаторот на Рајот. Да, таа може да одбере… Дали сака да оди во рајот и вечно да остане таму… или… сака да се врати на земјата како дух за да биде покрај својата сродна душа? Иако изборот е тежок, па што може проклетиот дух да прави на земјата, не може да живее како човек, Луси сепак одлучува дека не смее да замине пред да се увери дека Ден е добро и пред да му каже дека го сака… Одлуката е донесена, РАЈОТ МОЖЕ ДА ПОЧЕКА!
Нема производи |