• img-book

    „Фустанот“ и „Светец“ се две кратки приказни од легендарната Колин Хувер, која неуморно твори бидејќи нејзините читатели низ целиот свет секогаш се желни за уште.

    „Фустанот“ е романтична приказна за прифаќањето; прифаќањето на оние кои ги сакаме вистински и безусловно, но и за себеприфаќањето. Што ако твојот дечко, кој би требало да те сака таква каква што си и да те смета за најпривлечната личност во секоја просторија, секогаш ти купува неколку броја помали фустани и долна облека? Дали едноставно не знае кој број навистина носиш или сака да ти пренесе некоја скриена порака?

    „Светец“ е малку помрачна романтична приказна со нишка на мистерија. Во стилот, повеќе потсетува на Верити отколку на романсите на Хувер. Една писателка заминува во изолирана колиба за да се дистанцира од сѐ и да може да пишува. Но, приказната на која работи вклучува афера, а таа никогаш во животот немала афера и едноставно не верува дека може автентично да ја напише. Кога ѝ се укажува шанса да доживее лично искуство кое би можело да ѝ помогне во пишувањето, не се колеба многу. Но сите непромислени работи најчесто доаѓаат со каење…


  • img-book

    Едно последно писмо. Неговата последна желба. Оди и биди со неа…

    Бек,
    Ако го читаш ова… го знаеш она за последното проштално писмо. Ти преживеа. Јас не. Немој да чувствуваш вина, затоа што те познавам и ако си имал шанса да ме спасиш, ќе си ме спасел. Затоа, без разлика во каква длабока, темна јама на вина се валкаш сега, престани.

    Сепак, сакам да те замолам за една услуга – остави ја војската и оди во Телјурајд. Ела е сосема сама. Прво ни починаа родителите, па нашата баба, а сега Ела ме изгуби и мене. Премногу несреќа за еден човек. Едноставно не е фер.

    Па ако мене ме нема, тоа значи дека не ќе можам да се вратам дома, како што планиравме. Не ќе можам да бидам таму за неа. Не ќе можам да ѝ помогнам на Ела да се справи со сѐ. Но, ти можеш. Затоа те молам, како мој најдобар пријател, да се грижиш за сестра ми, за моето семејство.
    Неправедно е да се бара тоа од тебе; знам. Не си тип што сака да се грижи и да се врзува, но многу ми е потребно ова. Те молам, не дозволувај сама да се справува со сите нејзини проблеми.

    Ќе ти чувам место од другата страна, брате, но не брзај се. Искористи ја секоја секунда живот што ти се дава.

    Рајан


  • img-book

    Поранешен ФБИ преговарач за меѓународни киднапирања и ситуации со заложници споделува нов, но докажан метод за преговарање – ефективен во која било ситуација, со многубројни примени во секојдневниот живот.

    Од мрачните улици на Канзас Сити, Мисури, Крис Вос преоѓа во ФБИ, каде што неговата кариера како преговарач при киднапирања го става во ситуации лице в лице со ограбувачи на банки, лидери на банди и терористи. „Никогаш не прифаќај компромис“ ве носи во длабоката внатрешност на светот на преговорите – и тоа оние најважните, најделикатните, каде што може најмногу да се изгуби или добие. Вос ги открива деветте клучни принципи кои им помогнале нему и на неговите колеги тогаш кога било најважно – кога нечии животи зависеле од нивните преговарачки вештини.

    Црпејќи од реалните искуства на врвен професионалец, „Никогаш не прифаќај компромис“ ќе ви даде значајна конкурентска предност во секоја можна дискусија.


  • img-book

    „Добра ноќ, месечино“ е обожуван детски класик, но неговото вистинско потекло е загубено во историјата. Во „Добра ноќ, Џун“, Сара Џио споделува една своја имагинарна верзија за приказната зад инспирацијата за детскиот класик.

    Џун Андерсен е успешна на професионално поле, но многу несреќна во приватниот живот. Неочекувано ја повикуваат за наследството на нејзината почината тетка Руби и треба да донесе одлука за судбината на детската книжарница Сината птица, која Руби ја основала во четириесеттите. Помеѓу документацијата во книжарницата, Џун наоѓа писма кои си ги пишувале Руби и покојната Маргарет Вајс Браун… и зачекорува во страниците на американската литература.


  • img-book

    Една обична жена нема да дозволи ништо да ја запре да ги пронајде исчезнатите луѓе кои остатокот од светот ги има заборавено.
    Френки Елкин е просечна средовечна жена, зависничка од алкохол во фаза на лекување, со куп нешта во животот за кои се кае.

    Но сега го поминува времето правејќи го она што никој друг не го прави – бара исчезнати луѓе кои светот престанал да ги бара. Кога полицијата се откажува, кога јавноста заборава, кога медиумите престануваат да обрнуваат внимание, тогаш Френки почнува да бара.

    Нов случај ја води во бостонско соседство со лоша репутација. Ја бара Анжелик, тинејџерка со потекло од Хаити, која исчезнала од своето средно училиште пред неколку месеци. Отпорот на бостонската полициска станица и семејството на жртвата ѝ даваат до знаење дека е препуштена сама на себе . Но ништо нема да ја спречи да ја открие вистината, па макар тоа значело следната исчезната личност да биде лично таа.


  • img-book

    1946 година. Три години по катаклизмичниот настан кој им ги разнишува животите од корен, мајка и ќерка бегаат во Париз со куфери полни срам и страв, не знаејќи колку е всушност тешко да му се побегне на минатото.

    Речиси осумдесет години подоцна, Гретел живее живот кој е далеку од нејзиното трауматично детство; мирен и удобен, и покрај нејзиното мрачно и вознемирувачко минато. Таа не зборува за бегството од нацистичка Германија, не зборува за тешките повоени години во Франција, но најважно, не зборува за татко ѝ, командант на еден од најозлогласените логори на Рајхот.

    Кога во нејзината зграда во Лондон се вселува нов пар, појавувањето на нивниот деветгодишен син Хенри ѝ враќа спомени кои повеќе би сакала да останат закопани. Но посилно е од неа, па Гретел се спријателува со момчето. Една вечер, таа е сведок на вознемирувачка, насилна расправија помеѓу прекрасната мајка на Хенри и неговиот арогантен татко. Соочена со изборот помеѓу сопствената безбедност и неговата, Гретел се враќа на слични крстопати како многу одамна. За да му помогне на момчето, треба да ги открие тајните кои ги чува целиот свој живот. Но овој пат може да донесе поинаква одлука од претходно – без оглед на цената која ќе треба да ја плати за храброста…


  • img-book

    Во овој моќен роман, Кристин Хана ја истражува душата на проблематичниот брак преку провокативен и актуелен приказ на еден вљубен и завојуван брачен пар.

    Сите бракови имаат точка на пукање. Сите семејства имаат рани. Сите војни имаат своја цена…

    Како многу сопружници, и Мајкл и Џолин Заркејдс се соочуваат со притисоците на секојдневниот живот – деца, кариери, сметки, домашни обврски – додека дванаесетгодишниот брак им се распаѓа. Но кога војничката Џолин ќе биде распоредена во Ирак, во вителот на опасноста, адвокатот Мајкл останува дома, несвикнат да биде единствениот родител на двете ќерки. Мајката Џолин со тешко срце го напушта семејството, но војничката Џолин отсекогаш го сфаќала вистинското значење на должноста. Во писмата што ги праќа до семејството слика розова верзија на нејзиниот живот во првите борбени редови, штитејќи ги најблиските од вистината. Но војната ќе ја промени на начини што никој од нив не можел да ги предвиди. Кога ќе се случи трагедија, Мајкл мора да се соочи со својот најмрачен страв и да води битка со своите уверувања – за најважната работа на неговото семејство.

    „Домашен фронт“ е приказна за љубовта, загубата, херојството, честа и надежта, која ни нуди длабок и искрен поглед на модерниот брак. Драматично истражување на последиците што ги остава војната врз обичното американско семејство.


  • img-book

    Една од највредните вештини во економијата станува сè поретка – ако ја совладате, ќе постигнете извонредни резултати.

    Умеете ли да се фокусирате? Да се исклучите од надворешниот свет, наполно да се внесете во задачата? Ако умеете да го направите тоа, тогаш сте исклучок. Повеќето луѓе денес се обидуваат да извршуваат повеќе задачи истовремено, поради што ја имаат изгубено способноста длабоко да проникнат во даден проблем.

    За да работиме задлабочено, треба да умееме да се сосредоточиме на извршување на задачите што бараат сериозен интелектуален напор и притоа да не дозволуваме други нешта да ни го одвлекуваат вниманието. Оваа способност за фокусирање ни помага побрзо да ги совладаме сложените информации и да постигнеме подобри резултати за пократко време. Задлабоченото работење ќе ве направи подобри во она што го работите и ќе ви донесе вистинска исполнетост. Во сè поконкурентната економија на 21 век, задлабоченото работење наликува на супермоќ. А сепак, повеќето од нас ја имаат изгубено способноста за задлабочување и ги минуваат деновите во френетично и магливо лутање меѓу е-поштата и социјалните медиуми, не сфаќајќи дека постои подобар начин.

    Докажувајќи ја ползата од задлабочената работа, Кал Њупорт ни предлага четири правила за преобразување на умот и навиките. Нè запознава со многу интересни личности кои ја совладале уметноста на задлабоченото работење – од Карл Јунг, кој гради камена кула во шума за да го сосредоточи умот, до пионерот во социјалните медиуми кој купува повратен билет до Токио за да ја напише книгата без ништо да му пречи.

    „Задлабочено работење“ е незаменлив водич за секој човек кој бара фокусиран успех во нашиот расеан свет.


  • img-book

    ДУЕТ: RELEASE #1

    Додека растев, Ремзи Стјуарт ми остави белези во душата што времето не умее да ги излечи.
    На дванаесет години, ме праша дали сакам да му бидам девојка.
    На тринаесет ми го подари првиот бакнеж.
    На шеснаесет се вљубивме и планиравме заедничка иднина.

    Љубовта никогаш не пропаѓа.
    За Ремзи, пропадна.
    Љубовта го изневери.
    Јас го изневерив.
    Сиот свет го изневери.

    На седумнаесет години, Ремзи беше осуден за убиство на момчето што ме силуваше.

    Заборави ме, ми напиша во првото и последно писмо од затворот.
    Почни нов живот, настојуваше.
    Не те сакам повеќе, излажа.

    Никогаш не помислив да се откажам од него. Можеби љубовта е нашето проклетство, но тој ми е во срцето – тогаш, сега и засекогаш.

    Сега, по дванаесет долги години, го чекам да излезе низ затворските порти мажот којшто не го ни познавам.


  • img-book

    Првиот пат кога го запознав Кејн Вест, беше во бар.
    Тој забележа дека гледам накај него и погрешно го протолкува
    моето муртење, мислејќи дека го меркам.
    Кога се обиде да разговара со мене, јас го пресеков – му кажав што мислам за неговиот лажлив, прељубнички, его-манијакален задник.
    Видете, прекрасниот кретен си отиде на вечера со мојата најдобра пријателка – намамувајќи ја во неговиот кревет, без ни да помисли да спомне дека е оженет.
    Тој си го заслужи секој дел од моето пердашење, дури и малку му беше, во споредба со тоа што тој го направи.
    Особено кога таа мрзлива насмевка му го украси неговото совршено лице, како одговор на мојот бесен монолог.
    Само што, испадна дека, човекот кој штотуку го направив партал, не е вистинскиот човек.
    Упс. Моја грешка.
    Засрамена, избегав без извинување.
    И онака никогаш повеќе немаше да го видам згодниот странец, нели?
    Така си мислев… додека следното утро не влегов на час.
    Па, здраво професоре Вест, јас сум вашиот нов асистент.
    Ќе работам под Вас… фигуративно кажано.
    Иако буквалното толкување можеби и не е толку лоша работа – да работиш „под“ професорот Вест.
    Ова има да биде интересно…


  • img-book

    Го запознав Броди Истон во машката соблекувална. Требаше да го направам моето прво интервју како спортски новинар.

    Познатиот квотербек реши да се разголи. Не, не ми ги раскажа своите тајни, не ми ја разголи душата. Самобендисаниот играч реши да ја тргне крпата врзана околу половината во моментот кога му го поставив првото прашање. А интервјуто одеше во живо!

    Но јас не излегувам со играчи – згодни и самозадоволни момци на кои паметот им е само во сексот. Не затоа што сум една од малкуте жени кои работат во светот на професионалниот спорт.

    Нема поголем играч од Броди Истон. Секоја жена копнее да го смени. Но нему му беше потребна девојка за која вреди да се промени. Излезе дека јас сум таа девојка.

    Просто како грав, нели? Но никогаш не е толку едноставно. Постои цела една приказна меѓу Си беа еднаш и Си живееја среќно до крајот на животот. А оваа е нашата.


  • img-book

    „Одлична книга која може да ви го смени животот.“ – Опра Винфри

    Предупредување до читателите: содржината на оваа книга може да ги потресе основите на вашиот живот. Ова е најлуцидната, најпроникливата и најзначајната книга за пари што ќе ја прочитате. Веројатно зашто во неа не станува збор за пари, туку за она за што ја разменуваме нашата животна енергија.

    Ова не е книга за личните финансии, туку за животот и како да го структурирате вашиот за да одговара на вашите вредности. И тоа не преку бескорисни совети како „следете ја страста“, туку на многу подлабоко ниво. Ви помага да откриете колку е „доволно“ за вас – точка во која сте задоволни и исполнети, единствена за секој. Иако вежбите во книгата се за управување со вашите пари, прашањата и советите се поврзани со ограничениот број часови што ни остануваат во животот и начините на кои можеме да внесеме смисла во нив.

    Без разлика дали штотуку го почнувате вашиот финансиски живот или сте пред пензија, оваа книга ќе ви покаже како да:

    • се ослободите од долговите и да заштедите
    • заштедите преку зголемена свесност и добри навики, а не преку строго штедење
    • го расчистите животот и да живеете подобро со помалку
    • ја вложите вашата заштеда и да се збогатите
    • и уште многу други важни работи!

     

     

     

     

     


  • img-book

    Доктор Беки Кенеди, психолог и популарен експерт за родителство, го споделува својот револуционерен пристап кон воспитувањето на децата и нуди практични стратегии за родителство. Нејзиниот пристап промовира цврсти граници, родителски авторитет и силно водство, притоа не заборавајќи ги позитивните односи, довербата и почитта.

    Во изминатите неколку години, доктор Беки Кенеди предизвика родителска револуција. Милиони родители, уморни од следењето на советите кои или не функционираат или едноставно не се чинат исправни, го прифатија моќниот и ефективен пристап на доктор Беки, модел кој дава приоритет на поврзувањето со нашите деца, наместо на нивно поправање.

    На родителите многу долго им се продава модел на воспитување на децата, кој едноставно не функционира. Од сложени системи за наградување, до казни или праќање во ќош, многу популарни родителски пристапи се засноваат на обликување на однесувањето, а не на воспитување луѓе. Овие техники не ги градат вештините што им се потребни на децата за живот, ниту ги објаснуваат нивните сложени емоционални потреби. Во Добри однатре, доктор Беки ја споделува својата родителска филозофија, комплетирана со изводливи стратегии, кои ќе им помогнат на родителите да преминат од несигурност и самообвинување кон самодоверба и цврсто лидерство. Ова е нов начин на воспитување, со главна цел: да им се помогне на децата да стекнат саморегулација, самодоверба и издржливост за цел живот.


  • img-book

    Можеш ли да спречиш убиство откако веќе се случило?

    Крај на октомври. После полноќ. Го чекаш својот осумнаесетгодишен син. Тој доцни. Додека гледаш од прозорецот, тој се појавува и сфаќаш дека не е сам: тој оди кон еден човек и вооружен е.

    Не можеш да поверуваш кога ќе видиш што прави: твојот забавен, среќен син тинејџер, убива некој странец, токму таму на улицата пред вашата куќа. Не знаеш кој. Не знаеш зошто. Знаеш само дека твојот син сега е во притвор, неговата иднина е уништена.

    Таа ноќ заспиваш во очај. Сѐ е изгубено.

    Додека не се разбудиш. . .
    . . . на вчерашен ден.

    И тогаш повторно се будиш. . .
    . . . на завчерашен ден.

    Секое утро се будиш ден порано, уште еден ден пред убиството. Со уште една шанса да го запреш. Некаде во минатото лежи одговорот – причината за ова злосторство – и немаш друг избор, освен да ја откриеш. . .

    Goodreads Choice Award
     – Номинирана за најдобра мистерија и трилер за 2022 година

     


  • img-book

    Мислите дека ја познавате личноста со која сте се венчале? Размислете уште еднаш…

    Работите помеѓу господин и госпоѓа Рајт веќе долго време не се како што треба. Кога Адам и Амелија добиваат викенд-патување во Шкотска, тоа може да биде токму она што му треба на нивниот брак. Самопрогласениот работохолик и сценарист Адам Рајт цел живот живее со нарушување на способноста за идентификување човечки лица. Тој не може да ги препознае пријателите или семејството, па дури ни сопствената сопруга.

    Секоја годишнина двојката разменува традиционални подароци – хартија, памук, керамика, калај – и секоја година сопругата на Адам му пишува писмо, што никогаш не му дозволува да го прочита. Сè досега. И двајцата знаат дека овој викенд ќе го поправат или раскинат нивниот брак, но тие не го добија ова патување случајно. Еден од нив лаже, а некој не сака тие да живеат среќно до крајот на животот.

    Десет години брак. Десет години тајни. И годишнина што никогаш нема да ја заборават.

    Камен, Лист, Ножици е најновиот возбудлив трилер од кралицата на убиствените пресврти и најпродавана авторка на Њујорк Тајмс, Алиса Фини.

    Goodreads Choice Award
    – Номинирана за најдобра мистерија и трилер за 2021 година


  • img-book

    Стари мистерии отвораат нови рани…

     Полициски извештај за настан кој се случил во мај 1994 година ја отпочнува приказната богата со ликови и испреплетени стории во чија срж лежи стара мистерија. Во раните утрински часови пронајдено е безживотното тело на полицаецот Зафир. Неговата глава е целосно разнесена од истрел од револвер кој е пронајден до неговото тело. Од извршениот увид на местото на настанот и од извршените оперативни проверки констатирано е дека Зафир се самоубил.

    По 28 години во истиот град исчезнуваат две машки лица. Заедничко за исчезнатите е тоа што и двајцата извршиле семејно насилство врз нивните сопруги и тие ги пријавиле настаните во полициската станица.

    Потрагата по двајцата исчезнати ја води инспектор кој всушност е син на починатиот полицаец Зафир. Додека трае потрагата по исчезнатите, во полициската станица се појавува и нова млада инспекторка. Нејзиното појавување и започнување со работа во полициската станица во малиот град е сомнително, поради тоа што таа не познава никого во гратчето.

    Неизвесна мистерија, која до самиот крај го тера читателот да се прашува како ли ќе заврши, кој е виновникот, кој е мотивот. Фактот дека авторот по професија е инспектор кој ги искористува своите лични искуства и експертиза како инспирација од која ги крои приказните го прави делото уште поинтересно.