• img-book

    Стара семејна тајна носи голема опасност, дури и по неколку декади…

    Пред стотици години, трговецот Вилфрид Војнич открил ракопис кој до ден денес се смета за најтаинствениот и најмистериозниот ракопис на светот. Напишан е на чудно и непознато писмо во комбинација со необични илустрации и дијаграми. Многу светски научници и стручњаци за шифри се обиделе да го дешифрираат, но досега ниту еден нивни труд не вродил со плод.

    Хана Дејвис пишува статии за весник во Њујорк. Иако нејзиниот живот не бил лесен, ниту просечен, сепак таа се изборила да заврши факултет и да си најде работа во еден од најголемите градови во Америка. Текот на нејзиниот живот наеднаш се менува кога добива повик од полицијата во Кејп Меј. Единствениот човек со кого е во крвно сродство и единствен нејзин близок роднина – нејзиниот дедо – е убиен во неговиот стан. Таа стои пред една од најважните одлуки кои мора да ги донесе – дали да продолжи со животот во Њујорк или да се врати во нејзиното родно место и да ја продолжи работата на дедо ѝ во семејната антикварница.

    Така одлучува да се врати во Кејп Меј. Кога се сретнува со адвокатот за тестаментот, сфаќа дека дедо ѝ ѝ оставил скриена порака. Ни самата не знае што значи пораката, ниту како ќе ја дешифрира. Сепак, со малку помош од старите пријатели и малку среќни околности, успева во тоа. Но една порака ја носи кон друга па кон трета. Откривајќи ги сите три, таа се става во огромна опасност. Пораките ја водат до тајно откритие, поради кое и дедо ѝ го загубил животот.

     


  • img-book

    Интимен портрет на растењето во опасно време и епска приказна за една поделена нација.

    И жените можат да бидат херои. Овие зборови се откровение за дваесетгодишната Френки, која учи за медицинска сестра. Израсната во сончевиот и идиличен свет на Јужна Калифорнија и секогаш штитена од своите конзервативни родители, таа се гордее со фактот дека секогаш ги правела правилните нешта, она што се барало и очекувало од неа. Но во 1965, светот се менува и таа одеднаш се осмелува да замисли поинаква иднина за себе. Кога нејзиниот брат заминува да служи во Виетнам, Френки се приклучува кон воениот корпус како медицинска сестра и го следи неговиот пример.

    Незрела и неискусна исто колку и мажите пратени во Виетнам да се борат, Френки психички ја совладува хаосот и деструкцијата од војната. Секој ден е коцкање со животот и смртта, надежта и предавството, а пријателствата имаат длабоки корења, но воедно можат да се распрснат за миг. Во војната, таа ги запознава – но и станува една од – среќните, храбрите, скршените и изгубените. Но војната е само почеток за Френки и нејзините пријатели ветерани. Вистинската битка почнува со враќањето дома, во променетата и поделената Америка, кај лутите протестанти, во државата која сака да го заборави Виетнам.

     


  • img-book
     
    „Ние сме една круна. Неговата тежина е моја, а мојата е и негова…“
     
    Во 1761, еден сончев септемвриски ден, еден крал и една кралица се сретнуваат за првпат. И се венчаваат во рок од неколку часа.
     
    Родена како германска принцеза, Шарлота е прекрасна, тврдоглава и крајно интелигентна… а тоа не се баш особините кои Палатата ги посакува за сопругата на младиот крал Џорџ III. Но нејзиниот оган и независност се токму она што е потребно, бидејќи Џорџ има тајни… тајни со потенцијал да ги разнишаат темелите на монархијата.
     

    Втурната во новата улога на кралица, Шарлота мора да се запознае со правилата и политиките додека истовремено си го штити срцето, бидејќи се вљубува во кралот, дури и покрај тоа што тој ја оттурнува од себе. А пред сѐ мора да научи да владее и да разбере дека ѝ е дадена моќ да направи огромни промени во општеството. Таа мора да се бори – за себе, за својот сопруг и за сите кои бараат помош и водство од неа. Затоа што таа никогаш повеќе нема да биде само Шарлота. Мора да ја следи својата судбина… како кралицата Шарлота.

    Незаборавна романса од моќното дуо, напишана ексклузивно за Нетфликс.


  • img-book

    Музиката е нејзиниот живот, а петнаесетте песни одлучуваат колку ќе биде долг.
     
    Пред еден месец, петнаесетгодишната Фелин Јагов исчезнува без трага одејќи на училиште. Мајка ѝ го најмува приватниот детектив Александер Зорбах, кој открива дека преку онлајн музички сервис Фелин ги слуша омилените песни, иако е во заробеништво. Уште поинтересно е што плејлистата била сменета пред два дена. Дали преку новите песни таа се обидува да прати тајна порака?
     
    Зорбах очајно се обидува да ја одгатне загатката што ќе го одведе до местото каде што се наоѓа Фелин. За жал, не знае дека обидот да ја најде и да ја спаси од киднаперот ќе го вовлече во ужасен кошмар, во безмилосна трка со времето во која шансите да преживеат се речиси еднакви на нула.
     
    Ова е една од најуникатните книги на Фицек бидејќи плејлистата навистина постои. Фицек овој пат се јавува и како креатор на текстови и композиции заедно со низа познати музичари, кои имаат креирано 15 песни специјално за приказната. 

  • img-book

    Анастасија Ален цел живот дава сѐ од себе за да добие шанса да влезе во Американскиот олимписки тим. Се натпреварува во лизгање уште од петгодишна возраст, има комплетна студентска стипендија благодарение на нејзината позиција во лизгачкиот тим и секојдневен распоред на активности од кои би липала и најамбициозната личност на светот. Стаси не си игра, Стаси секогаш цели на победа. Без исклучоци.

    Нејтан Хокинс никогаш немал проблем што не може да го реши. Како капитен на Тајтанс, добро знае што значи одговорноста да го носиш целиот тим на рамена на мразот. Но благодарение на едно недоразбирање, двата тима мораат да го делат лизгалиштето, а партнерот на Анастасија се повредува. Тогаш Нејт е принуден да го замени хокеарскиот стап за хеланки и стариот страшен тренер за уште пострашен.

    Тие се заглавени заедно на повеќе од еден начин, но во ред е, бидејќи Анастасија мрази хокеари… нели?


  • img-book

    Една девојка доживува трагедија…
    Матурската вечер завршува кобно за една млада девојка, која не знае ни како, ни зошто, ниту од кого е силувана. Последното нешто на кое се сеќава е дека професорот ја враќа дома, но нема никакво сеќавање од настаните кои следуваат откако излегува од неговото возило. Иако се обидува да се носи и да живее со таа траума, сфаќа дека не е доволно силна и посегнува по својот живот.

    Еден професор е осомничен и добива тешка казна…
    Професорот има голема грижа на совест и носи тежок грев, па ја прифаќа казната. Но за што поточно е виновен?

    Еден монах решава да оди против себе и да открие голема тајна…
    Речиси секој од ликовите крие нешто, заплеткувајќи ја приказната, а само еден од нив собира храброст да ја открие својата тајна и да фрли барем малку светлина на трагичните настани.


  • img-book

    Понекогаш, лоши работи им се случуваат на добри луѓе, па добрите луѓе се принудени да прават лоши работи.

    Дваесет години откако едно бебе е украдено од количка, една жена е убиена во дом за нега на стари лица. Двете злосторства се некако поврзани, а една добра/лоша девојка веројатно е клучот за откривање на вистината.

    Едит можеби ја прелажале за да ја пикнат во домот, но сега, на осумдесет години, го планира своето бегство. Пејшнс работи таму, па така и се зближува со Едит, како со сродна душа. Но Пејшнс ја лаже Едит речиси за сѐ. А и Едит не е безгрешна. Токму затоа, нејзината ќерка Клео, воопшто не зборува со неа.
     

    Со низа причини да не си веруваат меѓусебно, овие жени мора да решат една мистерија во која има тројца осомничени, две убиства и една жртва. И ако ја решат, можеби ќе откријат и што се случило со исчезнатото бебе, мајката која го изгубила и поврзаноста помеѓу нив. Ова е трилер во кој никому не може да му се верува…

     


  • img-book

    Конфликтот помеѓу мене и Вестон Локвуд започна на олтарот. Само што, никој од нас не присуствуваше на свадбата, заветите беа дадени декади пред ние двајцата да се родиме.

    Нашите дедовци биле најдобри пријатели и бизнис партнери, сѐ до свадбата на дедо ми – кога неговата несудена невеста соопштила дека не може да се омажи за него, бидејќи била вљубена и во дедото на Вестон.

    Двајцата мажи со години војувале за Грејс, која пак истовремено била нивната трета бизнис партнерка. Но на крајот, ниеден од нив не успеал да ѝ го украде срцето од другиот. Па така секој од нив си фатил на своја страна. Нашите дедовци се ожениле за други жени, а двајцата мажи станале најголемите бизнис ривали во историјата. Нашите татковци ја продолжиле семејната традиција на војување. Потоа ја продолживме и јас и Вестон.

    Но со смртта на жената со која започнало сѐ, нашите дедовци неочекувано станаа сопственици на еден од највредните хотели во светот и јас заглавив со човекот кој сум родена да го мразам. И не е проблем да го мразам, па нашите семејства си вадат очи цел живот. Има само еден малечок проблем. Секојпат кога јас и Вестон се караме, некако завршуваме во кревет.


  • img-book

    Колин дава сѐ од себе за максимално да ја искористи добиената втора шанса. На 28 години, фокусиран е строго на чекорење по вистинскиот пат – учи за да стане наставник, посветено вежба во вежбалница секој ден и ги избегнува сите места и луѓе кои биле крајно деструктивни во неговиот живот претходно. Ако нешто не му треба во оваа фаза, тоа е сериозна врска. Но кога случајно ја сретнува Марија Санчез една врнежлива вечер во Северна Каролина, неговите планови ќе се разнишаат до степен што ќе ги протресе дури и темелите на неговиот внимателно структуриран живот. А пак за Марија, вредна адвокатка и ќерка на имигранти од Мексико, Колин е предизвик за сѐ што сметала дека знае за себе и за иднината, некој кој ќе ја натера да се запраша што навистина ја усреќува.

    Меѓутоа, пред да добијат шанса да замислат како би можел да им изгледа заедничкиот живот, почнуваат да се појавуваат злокобни потсетници на настани од минатото на Марија. И кога опасноста почнува да ја демне на секој чекор, судбината ги тестира двајцата на страшни начини. Дали демоните од минатото ќе го уништат она меѓу нив или љубовта ќе ги штити дури и во најмрачниот час?

    Види ме е приказна за опсесија, нови шанси и љубов која ги покорува сите очекувања, потсетувајќи нѐ дека судбината често лежи токму во нашите раце.


  • img-book

    Вистинска животна приказна. Драматична, потресна, вечна.

    Таа има шеснаесет години. Се вика Луна, најубавата Еврејка во градот. Такец има осумнаесет години. Но љубов за цел живот, за навек.
    Двајца млади се засакуваат, лудо, искрено… вечно. Но што со предрасудите, различностите? Исконски нож кој отсекогаш ги сечел ваквите врски, посилен дури и од најсилната љубов. И што кога бесмисленоста на војната алчно ќе ги проголта невините, недолжните? Ќе остане празнина, молк, тага, болка.

    Такец и во својата деведесет и трета година од животот безмерно ќе тагува по љубената Луна. Но ниеден јунак од оваа сага не е повеќе жив.
    Само авторот на романот, единствениот жив сведок за страдањата на својот татко Такец, ќе му го подари на човештвото, татковото претсмртно завештание како аманет со порака дека единствено љубовта останува вечна… исто како уметноста. А Луна и малечката Сара чии животи прерано се стопија во гасните комори на Треблинка и од оној свет порачуваат:
    Лудилото на војната никогаш да не се повтори…


  • img-book

    Коки е прилично затворен тип, кој веќе 10 години живее во Њујорк, без да се врати во татковината. Да, можеби е малку осамен, но животот таму му е убав има девојка која ја сака, одлична работа, стан и веќе е навикнат на рутината.

    Кога неговиот најдобар другар Мики, последен од големото друштво во Скопје, решава да се жени, го бара токму него за кум. Коки не е воодушевен од идејата, особено затоа што токму во тој момент на работа лансираат многу важна апликација за голем клиент и не смее да ризикува, но Мики успева да го убеди, ветувајќи му дека сѐ ќе биде многу брзо, а свадбата мала и без никакви церемонии. Во бурниот професионален живот во Њујорк, Коки едвај успева да земе три слободни дена, иако планира да работи на апликацијата во текот на целото патување. Но не е свесен што го чека во градот кој е многу променет од неговото заминување, во истиот стан од детството и младоста, со семејството и лудото друштво, македонските необични адети и низа други компликации додека се обидува да го реши главниот проблем на апликацијата.

    Растргнат помеѓу минатото и сегашноста, девојката во Њујорк и убавите скопски девојки, Коки само се обидува да го заврши патувањето без дополнителни проблеми, но тие некако упорно го следат, без оглед на тоа колку се труди да ги избегне.


    КУМ од: Саша Богдан 300 ден
  • img-book

    Еден нов брачен пар е во потрага по куќата од нивните соништа. Но кога го посетуваат големиот и изолиран имот кој некогаш ѝ припаѓал на докторката Адриен Хејл, позната психијатарка која исчезнала без трага пред четири години, опасна снежна бура ги заробува на имотот… и не остава простор за заминување оттаму додека не заврши.

    Барајќи некоја книга за да се занимава додека веењето не стивне, Триша случајно пронаоѓа една тајна соба. Соба каде има аудио записи од секој можен пациент кој доктор Хејл некогаш го интервјуирала. Додека ги слуша касетите, Триша открива ужасна низа настани кои всушност воделе до мистериозното исчезнување на доктор Хејл.

    Триша ги слуша касетите една по друга, до доцна ноќе. И со секоја следна касета, уште по едно делче од шокантната сложувалка си доаѓа на свое место, а пајажината од лаги на психијатарката полека се отплеткува. И тогаш Триша стига до последната касета. А таму лежи целата грозоморна вистина.


  • img-book

    Мрачни и возбудливи приказни – патување низ изопачените, лажливи умови на одмаздољубивите срца

    Вистинските бестрашни љубители на криминалот со оваа книга ќе го доживеат најпродаваниот детективски автор како никогаш досега. Насловниот расказ е само вовед во многу заплеткани животни истории. Инспектор, спецјалист за љубомора, кој на островот Калминос ќе се соочи со чудно исчезнување на еден германски турист. Таксист кој ја наоѓа обетката на сопругата во автомобилот на својот работодавач. Жена која дознала дека сопругот ја изневерува и на летот од Њујорк до Лондон му го раскажува својот морничав план на човекот кој седи до неа…

    Приказни проникнати со најмоќните човечки чувства. Во својот добропознат манир, Несбе ги прикажува можните смртоносни последици од неискреноста, љубомората и неверството. Извонредната атмосфера, шокантните пресврти и неизвесноста – што мајсторски ги владее, одново го потврдуваат како најдобар крими – автор на денешницата.

    „Несбе умее остро да ги преобрази баналните и безначајни случувања во судбоносни пресвртници и духовито, но застрашувачки ги отсликува современото општество и светот околу нас.“

    Берлингске


  • img-book

    Како би изгледало кога би можеле да се ослободите од ограничувањата и да се извишите над своите граници? Што можете да сторите секој ден за да дојдете до внатрешен мир и спокој? „Незаробената душа“ нуди едноставни, а сепак длабоки одговори на овие прашања.

    Сеедно дали сега за првпат го истражувате сопствениот внатрешен простор или целиот живот сте го посветиле на патувањето низ својата внатрешност, оваа книга ќе ви го преобрази односот со себеси и со светот околу вас. Ќе откриете што е она кое можете да го сторите за да им ставите крај на сите вообичаени мисли и емоции кои ви ја ограничуваат свеста.

    Користејќи ги традициите на медитирање и на апсолутно концентрирање, авторот и духовен учител Мајкл А. Сингер ни покажува како развивањето на свеста може да ни овозможи да се задржуваме во сегашниов миг, а притоа да ги пуштиме од себе мислите и сеќавањата полни болка кои нè спречуваат да постигнеме среќа и да се реализираме себеси.

    Издадена во соработка со Институтот за ноетички науки (ИОНС), „Незробената душа“ почнува така што чекор по чекор ви ја објаснува релацијата што ја имате со сопствените мисли и емоции и ви помага да ги откриете изворот и флуктуирањата на вашата внатрешна енергија. Понатаму, книгата се задлабочува во она кое можете самите да го сторите за да се ослободите од вообичаените мисли, емоции и модели на лична енергија што ви ја ограничуваат свеста. На крај, со совршена јасност, книгата ви ја отвора вратата кон живеењето со слобода за вашето најдлабоко битие.


  • img-book

    Сурово искрено четиво кое прво ве крши на многу парчиња, а потоа одново ве составува, така што ниту еден дел не е излишен.

    Кристи Тејт е штотуку прогласена за најдобра студентка на Правниот факултет и успешно се справува со нарушувањата во исхраната. Но зошто вози низ Чикаго посакувајќи да исчезне? Зошто си замислува дека ѝ става крај на тагата што ја притиска?

    Кога влегува во шестчлената група на психотерапевтот д-р Розен, сѐ почнува да се менува. Но пресвртницата во нејзиниот живот не се случува прекуноќ. Влезот во тој чуден и застрашувачки свет, во кој пред непознати луѓе треба да ги исповеда дури и најмрачните тајни, воопшто не е лесен. Но во секој случај е исплатлив.

    Кристи Тејт е наш водич во тешкиот, но возбудлив процес на поврзување со себеси и со другите – врска за која не сме знаеле дека ни е толку потребна сѐ додека не се најдеме разголени пред оваа книга согледувајќи колку нѐ чинат чувствата што ги потиснуваме во себе. Време е да ги пуштиме надвор, кон новиот среќен живот.

    „Потребни се храброст и доверба за да се разголи душата пред психотерапевт и плус пред шестмина странци. Одлуката на Тејт да ја раскаже оваа приказна е вистински подвиг, и среќни сме што се одлучи на тој чекор.“

    Лори Готлиб, авторка на „Можеби треба да разговараш со некого“


    Група од: 490 ден
  • img-book

    Овој практичен и пред сè оптимистички советник, родителите ги запознава со навиките на најсреќните луѓе на светот. Четириесет години Данска доминира на листата на земји во кои живеат најсреќните луѓе, додека тајниот чинител на нивната среќа сè уште не е откриен. Сепак, авторките на оваа книга тврдат дека конечно го имаат решението во своите раце: тајната на данската среќа е во тоа што родителите ги воспитуваат своите деца да бидат полни со самодоверба, дружељубиви, исполнети − и, се разбира − среќни. Се прашувате како? На страниците на оваа книга ќе најдете разновидни, креативни и оригинални совети, како да: − ја поттикнете слободната игра − ја поттикнете автентичноста и самодовербата − негувате емпатија − го нагласувате тимскиот дух − го прославите заедништвото. Со многу практични решенија за проблемите и со инспиративни примери, книгата Дански начин за воспитување деца им помогна на родителите ширум светот, без разлика на културата и начинот на живот, да воспитаат среќни, добро приспособени деца. „Моќен воспитен метод… отпорни, емоционално сигурни и среќни деца – со други зборови, токму она кон кое сите тежнееме“, бележи списанието Mother „Би ја препорачала оваа книга на секој којшто себе и на своите деца сака да им понуди шанса за среќен живот“, пишува Малене Ридал, данска амбасадорка на добра волја