Историска драма за Втора Светска Војна, сага за недозволена љубов, убиство и одамна загубена слика…
Летото во 1942 година, дваесет и едно годишната Ен Келовеј, неодамна свршена, одлучува да ја напушти својата земја за да служи во Армијата на медицинските сестри на Пацифичкиот остров Бора-Бора. Ова за неа претставува нешто сосема ново и возбудливо, сосема спротивно од она на кое е научена и навикната со нејзиниот мирен и предвидлив свршеник, па нејзиното внимание веднаш го привлекува мистериозниот војник по име Вестри. Нивното пријателство на прекрасно опишаниот остров наскоро почнува да цути како што хибискусот цути покрај океанот. Но покрај океанот има и нешто друго…
Мал, напуштен бунгалов на одамна починат сликар, непознат за останатите војници, па Ен и Вестри се состануваат под малиот речиси распаднат кров на колибата каде делат еден свој приватен свет. Но нивниот мал идеален свет во колибата се распаѓа кога стануваат сведоци на грозоморно убиство во близина на колибата. Брзо по убиството, Вестри одеднаш го преместуваат на друга воена локација и целата убавина исчезнува во ветриштата на војната.
Ен Келовеј, сега старица, ја раскажува оваа приказна обидувајќи се да открие нешто повеќе во врска со љубовта која трае повеќе од седумдесет години…
Тие што ме знаат уште од основањето на www.sakamknigi.mk знаат дека Кинсела отсекогаш беше (и остана) една од моите најомилени авторки. Ретките се таквите како неа што знаат да ме изнасмеат до солзи и да направат да се почувствувам убаво, дури и кога не ми е до смеење. Може да се каже дека пораснав со нејзините стари книги и серијали, но сега слободно можам да речам дека си најдов нова омилена книга од неа (на исто рамниште со Знаеш ли да чуваш тајна?), а тоа е нејзината фантастична Го имам твојот број. Ајде малку за книгата…
Попи Вајат никогаш немала поубав период во животот. Таа наскоро треба да се омажи за нејзиниот совршен вереник Магнус, но нејзината идилична иднина почнува да се распаѓа за само едно попладне. Прво го губи скапиот веренички прстен, а во моментот на паника што следи, ѝ го крадат мобилниот телефон. Додека избезумено шета во хотелот каде што се случува сето тоа, забележува еден фрлен телефон во корпа за отпадоци. И се разбира дека си го зема! Мора да им остави број во хотелот за да ја контактираат ако ѝ го најдат прстенот.
Попи е лик каков што може да создаде само Кинсела; допадлива, слатка, смешна и шармантно изгубена во вселената. Но другиот главен лик, сопственикот на телефонот, Сем Рокстон, воопшто не е допадлив, симпатичен мекуш како неа и не се согласува таа да го задржи телефонот. Тој сака таа да му го врати мобилниот и не сака Попи да му ги чита пораките и да му душка во приватниот живот. Следи комичен пресврт на настаните додека Попи и Сем делат телефон, ѕиркајќи си еден на друг во животите. Попи се подготвува за свадба и ја крие левата рака од Магнус и неговите родители, но набрзо сфаќа дека ја чека најголемото изненадување во животот.
Оваа книга ми беше како една џиновска принцес крофна, ниту можеш да ја лапнеш за една вечер затоа што е преголема, ниту пак ти се остава. Со тешко срце легнав и ја оставив недочитана, а утредента едвај чекав да дојде крај на работното време за да ѝ се навратам. Пораките што си ги разменуваа Попи и Сем ми беа особено слатки и смешни, а ликот на Сем страшно секси и привлечен. Сите знаете колку сакам секси, резервирани мажи во книгите 🙂
За крај, со огромно задоволство ви соопштувам дека Софи Кинсела отсега е наша авторка за преводи на македонски јазик и веднаш можам да најавам дека до крајот на годината ќе има уште две преведени нејзини книги во издание на Сакам Книги.
Тој е првата личност што ја инспирира, што ја трогнува, што вистински ја разбира. Дали е судено да биде и последната?
Луси мора да донесе одлука што ќе ѝ го смени животот – дали да даде одобрение за исклучување на апаратите што го одржуваат во живот нејзиниот најдобар пријател и човекот кој воедно е љубовта на нејзиниот живот. Но за да може да ја донесе таа одлука, прво мора да ја раскаже нејзината приказна – нивната приказна – од самиот почеток.
Она што следи е тринаесетгодишно патување на соништа, желби, копнежи, љубомори, предавства и, пред сè, љубов. Дали судбината ги има споено? Дали по свој избор се имаат одвоено? Нивните патувања ги носат Луси и Гејб на различни континенти, но никогаш не можат да ја извадат неа од неговото срце и него од нејзиното.
Оваа книга годинава беше на едно од првите три места на сите можни позначајни избори, награди, листи на најпродавани книги, па ја грабна дури и наградата Costa Book, 2017. Слушнав дека правата за филм веднаш ги лапнала брилијантната Рис Витерспун која очигледно си има зададено цел во изминатите неколку години да направи филмски верзии од сите најголеми книжевни хитови, а веќе ги погледнавме: Големи мали лаги (Big little lies) и Ејми ја нема (Gone girl). Искрено, едвај чекам да видам како ќе изгледа ова дело на големите екрани!
Долго се мислев дали воопшто да ја прочитам книгава и покрај сите награди и нездраво добри рејтинзи; искрено, оригиналната корица со некоја матна жена во портокалова блуза ич не ме привлекуваше. Мислев дека е некоја тешка, претенциозна глупост. На крајот, сепак решив да ѝ дадам шанса и кога ја почнав, не можев да ја оставам сè додека не ја дочитав доцна во ноќта. Ајде малку за книгата!
Запознајте ја Еленор Олифант. Таа е девојка со тајни со кои не може да се соочи цел живот. Таа си има проблем со социјалните вештини и има обичај да го кажува баш тоа што го мисли. Иако не се потенцира во книгата, мислам дека Еленор е некаде на спектарот на аутизмот, можеби со Аспергеров синдром – нејзиното однесување ќе им биде познато на сите што гледаат The big bang theory и го сакаат Шелдон. Таа се убедува себеси дека ништо не недостига во нејзиното внимателно испланирано време каде што викендите се посветени на замрзната пица, вотка и телефонски разговори со Мама. Сево ова значи дека Еленор е станата роб на навиките, а и малку осамена. Но сè се менува кога Еленор го запознава Рејмонд, пелтечавиот и несреден тип од ИТ во фирмата каде што таа работи. Кога таа и Рејмонд заедно го спасуваат Семи, еден постар човек кој доживува незгода на улица, тројцата стануваа еден вид на пријатели кои меѓусебно се спасуваат од изолацијата во која живеат.
Низ низа горко слатки и траги комични моменти, големото срце на Рејмонд ќе ѝ помогне на Еленор да најде начин да го поправи нејзиното крајно оштетено срце. А ако таа конечно успее да се соочи со тајните што ги крие, можеби ќе успее да најде и пријателство, па можеби дури и љубов.
Можеби на некои луѓе книгава ќе им биде чудна, можеби Еленор ќе им биде чудна и самата ќе речам дека не е за секого, не е за луѓе со малку позатапени емоции, не е за луѓе кои не знаат ништо за аутизмот и луѓето со социјални анксиозности. Треба да имате срце и мека душичка за да се поврзете со незамисливата, а сепак пресимпатична Еленор која просто не може да излезе од дома без да навреди некого, иако не е ни свесна за тоа. Мислам дека тоа всушност е најголемиот трик што го има направено госпоѓата Ханимен со оваа книга, има успеано да направи читателите да се заљубат во лик кој дава сè од себе да биде недопадлив. Тоа не е лесна задача!
Инаку, дејствијата течат одмерено и природно со некое тамамско темпо, а мистеријата за тајните на Еленор што се плете до самиот крај додава една нова димензија на приказната што цело време држи во неизвесност. На крајот, ја читаш последната реченица, воздивнуваш и воодушевено ја лепиш книгата за гради. Кога така се завршува една книга, со целосно исполнета душичка, не можам да не им ја препорачам на сите што ги познавам. Па, луѓе, што чекате? Фаќајте се за Еленор Олифант е океј.
Сè уште нема. Проверете повторно за некое време.
Џил МекСвини посакува само сѐ да може да се врати во нормална состојба.
Но по смртта на татко ѝ, нејзиното огледало, човекот кој цел живот ја учел како да биде подобра личност, таа повеќе нема желба за ништо и едноставно се оддалечува од сите кои сакаат да ѝ помогнат: нејзиното момче, нејзините пријатели, нејзината мајка… И сега, кога мајка ѝ одлучува да посвои бебе, таа се чувствува гневно поради обидот еден живот да се замени со друг, бидејќи, се разбира, никој и ништо не би можел да го замени татко ѝ – сонцето на нејзиниот живот.
Гневна на животот, намуртена, заворена и цинична, иако сите овие звучат како негативни карактеристики, Џил е лик кој ќе ви прирасне за срце и чија болка ќе ја разберете и почувствувате.
Менди Калиновски знае како е да пораснеш без никој да те сака, со мајка која никогаш не сакала да има дете. Па кога останува трудна, таа е сигурна во една работа, дека сака подобар живот за своето дете. Но дали постои некаква шанса таа некогаш да најде подобар живот за себе, бидејќи, ако сме реални, таа и самата сѐ уште е дете?
Ќе најде ли некогаш некој кој ќе се грижи за неа?
Сара Џио како автор за првпат се појави во 2011 година со книгата The Violets of March и уште со таа книга, почна еден интересен феномен, односно читателите почнаа да ја нарекуваат „feel-good author“, а нејзините книги „feel-good“ книги. Морав да се изразам вака, бидејќи буквален превод немам, но се мисли на тоа дека огромен дел од читателите велат дека едноставно се чувствуваат некако убаво додека ги читаат нејзините приказни. Ова веројатно произлегува од тоа што нејзините книги се некако топли, ликовите мили и убаво опишани дури и кога на моменти се малку наивни или недопадливи, приказните речиси секогаш со двојна нарација за забранета љубов или љубов во време на војна или љубовници од различни класи и така натаму. Некои читатели ги споредуваат нејзините книги со книгите на Лусинда Рајли и Кристин Хана, а други пак велат, „Џио ми е мала, безобразна тајна. Нејзините книги понекогаш мe потсетуваат на сапуници, во позитивна смисла, и не можам да престанам да ги читам“.
Во изминативе 6 години, нејзините книги се преведени во 30 земји и таа веќе има милиони обожаватели. Со оглед на тоа дека Зима со мирис на капини ѝ е една од најпопуларните и најубавите книги, ние решивме да почнеме од неа па да продолжиме понатаму со другите.
И во оваа книга имаме двојна нарација, паралелно ни раскажуваат две жени; двете од Сиетл, само едната живее во 1933, а другата во 2010 година. Самохраната мајка Вера Реј има тригодишно синче, кое навечер со тешко срце го заклучува само дома, бидејќи нема кој да ѝ го чува кога е трета смена во хотелот каде што работи како собарка. Еднаш дури и го има однесено на работа со себе, но не смее веќе да ризикува затоа што и без тоа не им стигаат средства за трошоци и кирија, па не може да си дозволи да ја изгуби работата. Кога излегува од работа следното утро, гледа дека градот го покрил голем снег, иако е месец мај. Кога стигнува дома открива дека нејзиниот син исчезнал во текот на ноќта. Надвор, го наоѓа неговото сакано мече фрлено на подмрзнатата улица, а снегот веќе ги има скриено неговите стапки, како и на личноста што го зела. Вера е избезумена, не знае каде да се обрати и што да направи за да си го најде детето. Додека трага по него, паралелно ни ја раскажува приказната за љубовта со таткото на Даниел, богатиот Чарлс.
Осумдесет години подоцна, новинарката Клер Олдриџ добива задача да пишува за снежната бура, чуден феномен во мај кој се случил и во 1933 и така дознава за нерешениот случај со киднапирање дете, па си се заколнува дека ќе ја открие вистината. Во меѓувреме се труди да се опорави од лична трагедија и да си го спаси бракот кој стои на стаклени нозе. Во процесот дознава дека таа и Вера може да се поврзани на неочекуван начин…
Да не откривам повеќе, останува на вас да дознаете што се случило со Даниел, со Вера и Чарлс, со Клер и нејзиниот сопруг, како и другите ликови што имаат своја улога. За крај можам само да им ја препорачам книгата на сите оние кои сакаат убава драма, особено во зимските денови.
Натали Беноа е новинарка во истражувачкиот тим (И-ТИМ) на еден престижен дневен весник. Таа е личност која, за девојка на нејзини години, има поминато навистина многу во животот. Нејзината судбина е толку мрачна и тажна што изгледа дури и неверојатно. И како да е малку сето она што го има преживеано, нејзиното службено патување на кое оди со група новинари се претвора во пекол во моментот кога мексикански картел ги убива речиси сите нејзини колеги во автобусот и ја зема неа како заложник. Една клаустрофобична девојка пикната во багажник како животно, а потоа затворена во напуштена куќа среде пустина во туѓа земја. Киднаперите, подивени членови на картел за дрога и оружје, се познати по силување и убивање на млади жени чии тела потоа ги фрлаат во пустината.
Пеколот на командирот Зак Мек Брајд почнува многу порано од оној на Натали односно во моментот кога неговата тајна мисија тргнува во погрешен правец и една жена го предава во рацете на крволочните убијци. Во истото дувло среде пустината, истите луѓе со денови го измачуваат Мек Брајд.
Но потребно е многу повеќе од електрични шокови, неколку скорпии и тарантули за да се скрши човекот кој има преживеано вистински пекол. Тој е маршал, тој е бивши војник, синоним за храброст, добитник на орден за воени заслуги. За Натали – тој е само глас кој ќе прозбори од мракот од ќелијата до неа… и нејзина последна надеж за да остане жива.
Една жена со силна волја за живот. Еден маж одлучен да ја врати дома жива макар и по цена на сопствениот живот. Едно бегство низ морничавата пустина. Една љубов која почнува да гори таму каде што има останато само пепел… Памела Клер меѓу своите фанови е позната по тоа што има способност навистина да ги оживее ликовите, таа знае со зборови да ве натера да ги почувствувате нивните болки, нивните стравови, нивната страст. Токму тоа го прави и во оваа книга.
Неизвесен трилер, жестока акција, бурна авантура, напната романса и уникатна смисла за хумор сплетена во најсериозните моменти – доколку го сакате сето тоа во едно, тогаш обидете се со оваа книга! И за крај – само уште мојот омилен цитат од книгата:
„Ако ти умреш, ангелу – тоа значи дека јас сум веќе мртов…“
Сè уште нема. Проверете повторно за некое време.