1. Романси (245)
  • img-book

    Тој е сè што таа се заколна да избегнува.

    И покрај тоа што неизмерно го обожава своето необично семејство, Попи Хатавеј копнее по нормален живот. Но судбината има друга замисла и со помош на малата палава ласица ја запознава со Хари Ратлеџ, загадочниот сопственик на хотел и моќен, богат изумител. Паѓајќи во неговата стапица, угледот ѝ е загрозен и сите се изненадени кога го прифаќа неговиот предлог за брак. Наскоро открива дека нејзиниот сопруг е подготвен да ѝ ја подари сета своја страст, но не и довербата…

    А таа е сè што му е потребно.

    Хари би направил сè за да ја освои Попи – освен да ѝ го отвори срцето. Свикнал самиот да го носи сиот свет на плеќите без да оствари поголема блискост со другите… но остроумната и заводлива Попи сака да му биде вистинска сопруга во секој поглед. Сепак, додека страста се распламтува меѓу нив со секој изминат ден, во сенките се крие непријателот. Ако Хари навистина сака да ја задржи Попи, мора да го спушти гардот и целосно да ѝ се препушти на љубовта, еднаш и засекогаш.


  • img-book

    Лили и нејзиниот поранешен сопруг Рајл најпосле успеваат да фатат ред со заедничкото одгледување на нивната ќерка, кога таа ненадејно го среќава Атлас, нејзината прва љубов. Пресреќна е што најпосле времето е на нивна страна и веднаш ја прифаќа неговата покана да излезат.

    Но возбудата ѝ е засенета од сознанието дека, иако повеќе не се во брак, Рајл е голем дел од нејзиниот живот и дека нема да му се допаѓа што Атлас е дел од животот на Лили и нивната ќерка.

    Раскажана од перспективите на Лили и Атлас, Ова започнува со нас продолжува токму онаму каде што завршува епилогот од неверојатно возбудливата Ова завршува со нас. Откривајќи ни повеќе детали од минатото на Атлас и следејќи ја Лили додека ја зграпчува втората шанса што ѝ ја дава љубовта, додека и двајцата се справуваат со љубоморниот поранешен сопруг, Колин Хувер ни докажува дека никој не умее подобро од неа да допре до нашите срца.


  • img-book

    Го запознав Хадсон Ротшилд на свадба. Неочекувано имав добиено покана за во еден од најелитните ресторани во градот. Хадсон беше кумот и веројатно најпрекрасниот маж кој некогаш сум го видела. Ме покани да танцуваме, а хемијата помеѓу нас беше неопислива, речиси нереална. Знаев дека не беше добра идеја да се плеткам со него со оглед на тоа на чија свадба се наоѓав. Но конекцијата беше ненормална и одлично си поминував.

    Но забавата нагло запре кога Хадсон сфати дека не сум таа што реков дека сум. Видете вака, во врска со неочекуваната покана што ја добив. Па, таа всушност не ми беше испратена мене – ѝ беше испратена на мојата бивша цимерка, која ме зезна за киријата за последните два месеци и побегна некаде сред ноќ. Сметав дека ми должеше барем едно добро скапо излегување, но технички, бев падобранец на свадбата. Па кога бев разоткриена, побегнав најбрзо што можев. И мислев дека успешно избегнав проблем… сѐ додека не ми текна дека си го оставив мобилниот на масата. Погодете кој го нашол?

    Тоа е лудата приказна за запознавањето со Хадсон. Но верувајте ми, ова не е ништо во споредба со сѐ што следеше.


  • img-book

    Тој дава сѐ од себе да се обиде да ја заборави.

    Кев Мерипен копнее за убавата, фино воспитана Винфред Хатавеј уште откако нејзиното семејство го спасило од смрт кога бил само дете. Но овој привлечен Ром е човек со мистериозно потекло – и се плаши дека неговото мрачно минато би можело да ја уништи нежната, прекрасна Вин. Па затоа Кев не дозволува да потклекне пред искушението… и наскоро ја губи Вин поради иронична игра на судбината.

    Таа не го познава човекот во кој се претворил.

    И тогаш, Вин се враќа во Англија… но открива дека Кев се трансформирал во ладен човек кој ја одбива љубовта по секоја цена. Во меѓувреме, се појавува привлечен додворувач кој кружи околу Вин. Кев мора да одлучи дали ќе преземе нешто бидејќи моментот е сега или никогаш. Во секој случај, прво мора да се соочи со опасната тајна за неговата судбина… или да ризикува да ја изгуби единствената жена за којашто отсекогаш живеел…


  • img-book

    Не постои нешто полошо од тоа да живееш врата до врата со твојот непријател од детството, освен можеби да си принуден да соработуваш со него на проектот од твоите соништа, да бидеш уценуван да се согласиш на нешто што едноставно знаеш дека не е во ред и некој да ти го краде какаото.

    Сѐ додека има многу какао, алат во рака и успева да одолее на опасниот шарм на Конор О’Нил, Рори Џејмс би требало да може да го преживее проектот со сочуван здрав разум. Но, ако не успее… Веројатно ќе помине уште некоја ноќ во затвор, ќе добие уште некоја забрана за приближување и ќе го изгуби умот по човекот кој ѝ го уништува животот…


  • img-book

    Една од најмаестралните и најтрогателните љубовни приказни на Џудит Мекнот ја оживува на хартија неверојатната страст на една нескротлива американска убавица и еден комплициран англиски лорд.

    Кога одеднаш останува сирак и сама на белиот свет, Викторија тргнува на патување преку океанот, нетрпелива да стигне до своето наследство во Вејкфилд, раскошниот англиски имот на далечниот роднина, озлогласениот лорд Џејсон Филдинг. Страшно збунета од неговата ароганција, но истовремено привлечена од неговата грациозност на пантер, таа ги чувствува болните спомени што тлеат во неговите мрачни очи. Кога тој најпосле ќе ја земе во прегратка, будејќи слатка ненаситност кај неа, тие се венчаат и ги обзема неопислива, бескрајна радост – најмногу затоа што конечно се слободни од злата канџа на минатото. Но тогаш Викторија открива предавство во сржта на нивната љубов… љубов за која сонувала дека ќе триумфира не само еднаш, туку засекогаш.


  • img-book

    Слоун би отишла до пеколот и назад за оние коишто ги сака. И го прави тоа, секој Божји ден. Заглавена во врска со опасниот и морално корумпиран Ејса, таа е подготвена на сè, само за да преживее додека не најде излез. И нема намера да дозволи ништо да ѝ застане на патот.

    Ништо, освен Картер.

    Слоун е најдоброто нешто што некогаш му се случило на Ејса. И ако се прашува тој, тој е најдоброто нешто што некогаш ѝ се случило нејзе. И покрај тоа што таа не го одобрува неговиот криминален животен стил, тој го прави она што е неопходно за да биде чекор пред сите во бизнисот. И чекор пред Слоун. И нема намера да дозволи ништо да му застане на патот.

    Ништо, освен Картер.


  • img-book

    Марија е силна и независна архитектка, успешна и истакната во својата област, па не е никакво изненадување кога добива понуда за работа во престижна компанија. Нејзиниот хумор зачинет со многу сарказам, способноста да се шегува дури и на своја сметка и вечно позитивната енергија која зрачи од неа, ја прават како магнет за сите во нејзина околина, но особено за мажите, кои не остануваат имуни ниту на нејзината огнена коса, полните сензуални усни, крупните искрени очи и женствените облини. Но тие нејзини очи кријат голема тајна и имаат исплакано премногу солзи во животот, а зад нејзината убава насмевка лежи незамислива болка.

    Кога почнува со работа во новата компанија, таа веднаш му го привлекува вниманието на најимпресивниот маж кој некогаш го сретнала. Темнокосиот Александар плени со своите сини очи и лесната, секси насмевка; очигледно е дека многу жени паѓаат на неговиот шарм, но Марија има штит од изградени ѕидини околу себе, кој ѝ помага да одолее на искушението. Не само што не сака да се плетка со колеги, туку и знае дека тој не е слободен маж, па јасно поставува граница. Но, разумот е едно, а неверојатната конекција и неодолива привлечност помеѓу нив нешто сосема друго… Кога ситуацијата почнува да излегува од контрола во еден нејзин момент на слабост, Марија ја искористува деловната можност и заминува во Италија, за да побегне што подалеку од него, и од болката која тлее во неа цели 18 години и овој пат ѝ се заканува целосно да ја скрши.


  • img-book
    Таа ќе склучи договор со најлошото момче на факултетот…
    Хана Велс конечно наоѓа некој кој ја возбудува. Но и покрај тоа што е многу самоуверена на секое друго поле во нејзиниот живот, носи огромен товар кога станува збор за сексот и заведувањето. Ако сака да му го привлече вниманието на типот кој ѝ се допаѓа, ќе мора да излезе малку од својата комфор зона и да го натера да ја забележи. Па дури и по цена да мора да му помага во учењето на иритантниот, арогантен капитен на хокеарскиот тим во замена за фиктивно рандеву.
    …и ќе биде страаашно добро.
    Животната желба на Гарет Грахам е професионално да игра хокеј по дипломирањето, но расипаниот просек на неговите оценки претставува закана за сѐ за што напорно се трудел цел живот. Па затоа не му е проблем да прифати да ѝ помогне на една саркастична бринета да предизвика љубомора кај друг тип – подготвен е на сѐ за да си ја осигура позицијата во тимот. Но кога еден неочекуван бакнеж води до најлудиот секс во нивните животи, Гарет брзо сфаќа дека нема да се задоволи со преправање и глумење. Едноставно мора да ја убеди Хана дека човекот што го бара е тој.

  • img-book

    Тој е осуден убиец во затвор… но таа не се плаши од него.

    Новинарката Софи Алтон го истражува исчезнувањето на млада мајка, Меган, која неодамна е пуштена на условно и сега бега од властите со нејзината ќеркичка. Потрагата ја води Софи до братот на Меган, Марк, осуден убиец – и воедно човекот со кого таа има поминато една незаборавна ноќ пред дванесет години.

    Осуден на живот во затвор, Марк ја користи Софи да побегне за да може да ја најде сестра си и да ја заштити од монструмот кој ја гони. Софи знае дека треба да се плаши од Марк. Но сѐ уште премногу добро се сеќава на жестината и страста во неговите допири, дури и по толку време.
    Заедно следат опасна трага додека многу луѓе од двете страни на законот прават сѐ што е во нивна моќ да ги спречат Софи и Марк во пронаоѓањето на Меган… и откривањето на вистината за минатото.

  • img-book
    Тој ја бара совршената жена, а тоа дефинитивно не е таа.

    Зои е навикната да се грижи самата за себе и одамна има прифатено дека кога се случува нешто лошо, сигурно ќе ѝ се случи нејзе. Па кога ја губи работата поради глупост и сѐ тргнува во надолна линија после тоа, таа не очекува никакво подобрување на ниедно поле. И дефинитивно не очекува да добие помош од нејзиниот бучен безобразен сосед, но секако нема што да изгуби па ја става довербата во негови раце и решава да се надева на најдоброто. Но она што не го очекува е уникатната можност која ѝ ја нуди тој со договор од кој двајцата би имале корист, а никој не би требало да биде повреден… иако таа веќе има доволно искуство со проблемите и би требало да знае дека никогаш немала таква среќа во животот.
    Како и сите други мажи во семејството Бредфорд, Тревор има една слаба точка: храната – и ништо друго. Тој води прилично стандарден живот и сака едноставни работи, а тоа значи дека сака и едноставни, лесни врски. Истовремено, посакува совршена жена и точно знае каква би требало да биде таа. Па кога сфаќа дека почнува премногу да мисли на сосетката, која не исполнува речиси ниеден од неговите критериуми, ужасено заклучува дека има само еден начин да му пројде меракот и да ја батали, а тоа е да легне со неа. Па решава да си го пополни времето со неа додека го бара своето совршенство.

  • img-book

    Татјана е осумнаесетгодишна трудна вдовица кога бега од војната во Ленинград со надеж за нов живот во Америка. Но духовите од нејзиното минато не се откажуваат лесно и неуморно ја прогонуваат. Таа станува целосно опседната од помислата и вербата дека нејзиниот сопруг, офицерот Александар Белов, сѐ уште е жив таму некаде во војната и дека таа му е очајно потребна.
    Во меѓувреме, на океани и континенти од неа, во Советскиот Сојуз, Александар едвај спасува жива глава од погубување и принуден е да води баталјон војници кои се сметаат за „потрошен материјал“ од страна на врвот на Советскиот Сојуз. Сепак, Александар е цврсто решен да ги поведе своите луѓе низ руините во Европа во еден последен очаен обид да побегнат од смртоносната машинерија на Сталин и некако повторно да си го најде патот до Татјана.


  • img-book

    Кога библиотекарката Валентина Бејкер била тинејџерка, нејзината мајка неочекувано побегнала во родниот Лондон, оставајќи ги Вал и татко ѝ сами. Вал сега има триесеттина години и пропаднат брак зад себе, па се чувствува како да не си го сака животот – и знае дека нејзиното срце сѐ уште е скршено благодарение на тоа што била напуштена од сопствената мајка.
    Во еден горко-сладок сплет на судбината, Вал добива абер дека нејзината мајка починала и ѝ го оставила својот стан, како и имотниот лист за една книжарница. Иако веста е поразителна, Вал одеднаш цврсто решава да открие која и каква била нејзината мајка навистина. Го прелетува океанот, го напушта Сиетл и започнува нов живот во преубавиот Лондон.
    Полека, но сигурно, Вал почнува да ја составува сложувалката за животот на Елоиз во Англија, но и да се вљубува во станчето уредено во пастелни бои, пријатното соседство и шармантниот излог на книжарницата. Кога дознава дека постои ризик книжарницата да пропадне, Вал мора да почне да соработува со нејзините ексцентрични вработени за да ја спаси ситуацијата. Во текот на тој процес, дознава многу повеќе за Елоиз отколку што мислела дека е можно. Додека Вал се обидува да ја спаси книжарницата, Елоиз полека ја раскажува својата приказна, а мајката и ќерката откриваат страшни и болни вистини.


  • img-book

    Марта е девојка каква што најчесто постои само во книгите и на филмовите. Девојка која им помага со тешките кеси на бремени жени. Девојка која им помага на стари бабички да преминат улица. Девојка која е секогаш ведра, љубезна и насмеана, прекрасно воспитана и културна со сите. Девојка која ја знаат сите во градот и за која сите имаат само убав збор, никогаш лоша мисла ниту поглед попреку. Но набрзо по нејзината матура, се случува нешто ужасно. Марта е убиена. Градот е во шок. Никој не може да поверува. Но како е можно? Кој би можел да го стори тоа? Та нели сите ја сакаат Марта. Зошто тогаш некој би ја убил девојката ангел?
    Млад детектив од главниот град е испратен на југот на земјата да се обиде да го реши со години старото убиство и конечно да им даде малку мир на родителите на Марта, нејзините брат и сестра, но и сите жители на малиот град кои со цело срце ја сакале младата мила девојка. Но кога тој попатно почнува да развива симпатии кон сестрата на починатата девојка, работите дополнително се комплицираат…


  • img-book

    Четири најдобри пријателки, сите со прилично различни животи, одеднаш се соочени со кошмарот наречен КОВИД-19. Денес сѐ е нормално, животот тече по својот секојдневен, ако не и малку монотон тек, а веќе утредента сѐ почнува да се менува: се појавува вирусот, растат бројките на заболени, луѓето се исплашени и затворени во своите домови. Одеднаш сите почнуваме да ја сфаќаме непроценливата вредност на едноставните секојдневни нешта што до вчера сме ги земале здраво за готово.
    Марија е мажена и има две деца. Нивната куќа се претвора во хаотичен „затвор“ во текот на карантините. Хана е сингл докторка, која ги гледа последиците од вирусот во првите борбени редови во болниците, но дома е страшно осамена и не може да престане да го анализира својот живот во четирите празни ѕидови кога е принудена деновите да ги минува сама. Сара е мажена, без деца; таа и сопругот се дел од оние кои работат од дома поради вонредната состојба, па привремено се селат во викендичка на планина и одеднаш почнуваат да го гледаат животот со нови очи. Катарина е разведена, со дете, води свој бизнис и благодарение на новонастанатата состојба е принудена да се прилагодува, да бара алтернативни начини за работа – сето тоа како дополнителен стрес и притисок од веќе постоечкиот кој го наметнува вирусот. Секоја од жените претставува дел од таписеријата во која се претвори животот на луѓето во Ковид-19 добата.


  • img-book

    Вечерта кога го запознав Дру, имаше провалено во мојата нова канцеларија. Повикав полиција, а потоа го нападнав со моите новостекнати боречки вештини. Тој лесно ми се спротивстави, а потоа се изнасмеа затоа што очигледно мојот обид за напад му беше комичен. Многу јасно дека натрапникот мораше да биде арогантен. Само што, се покажа дека тој воопшто не бил натрапник.
    Дру всушност беше сопственикот на просторот. Бил на одмор за време на реновирањето на неговите луксузни канцеларии. Па така јас наседнав, закупувајќи зафатен деловен простор од измамник и изгубив десет илјадарки.
    Следниот ден, по неколку часа во полициската станица, Дру ми даде понуда што не можев да ја одбијам. Ми понуди да останам во канцелариите додека не најдам нов простор, а во замена за тоа да одговарам на неговите телефонски повици додека неговата секретарка е на одмор. Веројатно требаше да бидам благодарна и да си ја држам муцката затворена кога го слушав какви совети им даваше на неговите клиенти. Но не очекував моето тело да реагира така секојпат кога се расправавме. Особено со оглед на тоа дека се расправавме цело време.
    Ние бевме тотално различни. Дру беше огорчен, лут, проклето секси уништувач на врски. А јас им помагав на луѓе да си ги спасат браковите. Единственото заедничко нешто ни беше просторот кој го делевме. И фатална привлечност која беше сѐ потешка за игнорирање со секој изминат ден.


    Додадена