Најново од Сакам Книги (194)
  • img-book

    Го запознав Броди Истон во машката соблекувална. Требаше да го направам моето прво интервју како спортски новинар.

    Познатиот квотербек реши да се разголи. Не, не ми ги раскажа своите тајни, не ми ја разголи душата. Самобендисаниот играч реши да ја тргне крпата врзана околу половината во моментот кога му го поставив првото прашање. А интервјуто одеше во живо!

    Но јас не излегувам со играчи – згодни и самозадоволни момци на кои паметот им е само во сексот. Не затоа што сум една од малкуте жени кои работат во светот на професионалниот спорт.

    Нема поголем играч од Броди Истон. Секоја жена копнее да го смени. Но нему му беше потребна девојка за која вреди да се промени. Излезе дека јас сум таа девојка.

    Просто како грав, нели? Но никогаш не е толку едноставно. Постои цела една приказна меѓу Си беа еднаш и Си живееја среќно до крајот на животот. А оваа е нашата.


  • img-book

    (Серијал TWISTED #1)

    Алекс Волков е ѓавол со ангелско лице и минато од кое не може да побегне. Трагедијата во детството му го одредила животот и му го поплочила патот кон одмаздата. Воден од безмилосната потрага по успех, тој во своето срце нема место за љубов.

    Кога е принуден да се грижи за помладата сестра на неговиот најдобар пријател, почнува да чувствува дека нешто се топи во неговите гради. По извесно време му го распламтува срцето. Во него почнува да беснее таков оган што ќе му го изгори сиот свет.

    Ава Чен е самостојна и силна девојка, со чии соништа господарат кошмарите од детството на кое не може да се сети. Но и покрај тешкото минато, постојано наоѓа убавина во светот што ја опкружува – вклучително и во срцето скриено зад ледениот ѕид што го кренал мажот кој не смее да го посакува. Најдобриот пријател на нејзиниот брат. Нивниот сосед. Нејзиниот спасител и нејзината пропаст.

    Алекс и Ава не смеат да се засакаат. Нивната забранета љубов ќе разоткрие тајни кои би можеле да ги уништат – нив двајцата и сè што им значи.


  • img-book

    „Одлична книга која може да ви го смени животот.“ – Опра Винфри

    Предупредување до читателите: содржината на оваа книга може да ги потресе основите на вашиот живот. Ова е најлуцидната, најпроникливата и најзначајната книга за пари што ќе ја прочитате. Веројатно зашто во неа не станува збор за пари, туку за она за што ја разменуваме нашата животна енергија.

    Ова не е книга за личните финансии, туку за животот и како да го структурирате вашиот за да одговара на вашите вредности. И тоа не преку бескорисни совети како „следете ја страста“, туку на многу подлабоко ниво. Ви помага да откриете колку е „доволно“ за вас – точка во која сте задоволни и исполнети, единствена за секој. Иако вежбите во книгата се за управување со вашите пари, прашањата и советите се поврзани со ограничениот број часови што ни остануваат во животот и начините на кои можеме да внесеме смисла во нив.

    Без разлика дали штотуку го почнувате вашиот финансиски живот или сте пред пензија, оваа книга ќе ви покаже како да:

    • се ослободите од долговите и да заштедите
    • заштедите преку зголемена свесност и добри навики, а не преку строго штедење
    • го расчистите животот и да живеете подобро со помалку
    • ја вложите вашата заштеда и да се збогатите
    • и уште многу други важни работи!

     

     

     

     

     


  • img-book

    Доктор Беки Кенеди, психолог и популарен експерт за родителство, го споделува својот револуционерен пристап кон воспитувањето на децата и нуди практични стратегии за родителство. Нејзиниот пристап промовира цврсти граници, родителски авторитет и силно водство, притоа не заборавајќи ги позитивните односи, довербата и почитта.

    Во изминатите неколку години, доктор Беки Кенеди предизвика родителска револуција. Милиони родители, уморни од следењето на советите кои или не функционираат или едноставно не се чинат исправни, го прифатија моќниот и ефективен пристап на доктор Беки, модел кој дава приоритет на поврзувањето со нашите деца, наместо на нивно поправање.

    На родителите многу долго им се продава модел на воспитување на децата, кој едноставно не функционира. Од сложени системи за наградување, до казни или праќање во ќош, многу популарни родителски пристапи се засноваат на обликување на однесувањето, а не на воспитување луѓе. Овие техники не ги градат вештините што им се потребни на децата за живот, ниту ги објаснуваат нивните сложени емоционални потреби. Во Добри однатре, доктор Беки ја споделува својата родителска филозофија, комплетирана со изводливи стратегии, кои ќе им помогнат на родителите да преминат од несигурност и самообвинување кон самодоверба и цврсто лидерство. Ова е нов начин на воспитување, со главна цел: да им се помогне на децата да стекнат саморегулација, самодоверба и издржливост за цел живот.


  • img-book

    Можеш ли да спречиш убиство откако веќе се случило?

    Крај на октомври. После полноќ. Го чекаш својот осумнаесетгодишен син. Тој доцни. Додека гледаш од прозорецот, тој се појавува и сфаќаш дека не е сам: тој оди кон еден човек и вооружен е.

    Не можеш да поверуваш кога ќе видиш што прави: твојот забавен, среќен син тинејџер, убива некој странец, токму таму на улицата пред вашата куќа. Не знаеш кој. Не знаеш зошто. Знаеш само дека твојот син сега е во притвор, неговата иднина е уништена.

    Таа ноќ заспиваш во очај. Сѐ е изгубено.

    Додека не се разбудиш. . .
    . . . на вчерашен ден.

    И тогаш повторно се будиш. . .
    . . . на завчерашен ден.

    Секое утро се будиш ден порано, уште еден ден пред убиството. Со уште една шанса да го запреш. Некаде во минатото лежи одговорот – причината за ова злосторство – и немаш друг избор, освен да ја откриеш. . .

    Goodreads Choice Award
     – Номинирана за најдобра мистерија и трилер за 2022 година

     


  • img-book

    Мислите дека ја познавате личноста со која сте се венчале? Размислете уште еднаш…

    Работите помеѓу господин и госпоѓа Рајт веќе долго време не се како што треба. Кога Адам и Амелија добиваат викенд-патување во Шкотска, тоа може да биде токму она што му треба на нивниот брак. Самопрогласениот работохолик и сценарист Адам Рајт цел живот живее со нарушување на способноста за идентификување човечки лица. Тој не може да ги препознае пријателите или семејството, па дури ни сопствената сопруга.

    Секоја годишнина двојката разменува традиционални подароци – хартија, памук, керамика, калај – и секоја година сопругата на Адам му пишува писмо, што никогаш не му дозволува да го прочита. Сè досега. И двајцата знаат дека овој викенд ќе го поправат или раскинат нивниот брак, но тие не го добија ова патување случајно. Еден од нив лаже, а некој не сака тие да живеат среќно до крајот на животот.

    Десет години брак. Десет години тајни. И годишнина што никогаш нема да ја заборават.

    Камен, Лист, Ножици е најновиот возбудлив трилер од кралицата на убиствените пресврти и најпродавана авторка на Њујорк Тајмс, Алиса Фини.

    Goodreads Choice Award
    – Номинирана за најдобра мистерија и трилер за 2021 година


  • img-book

    „Се надеваме дека Вашиот син ќе може да ни одговори на неколку прашања во врска со едно девојче кое исчезнало синоќа…“

    Ерика Кас има совршено семејство и совршен живот. Сѐ до вечерта кога двајца детективи се појавуваат на нејзината врата.

    Една средношколка исчезнува од тивката предградска населба на Ерика. Полицијата се сомнева во најлошото – убиство. А синот на Ерика, тинејџерот Лиам, е последниот кој го видел девојчето живо.

    Ерика отсекогаш насетувала нешто мрачно и вознемирувачко во нејзиното навидум совршено постаро дете. Таа сака да верува дека тој е невин, но како што доказите се трупаат, така ѝ станува сѐ потешко да се бори против вистината – можно е Лиам да го направил незамисливото.

    И сега таа мора да се запраша себеси: колку далеку е подготвена да оди за да го заштити сопствениот син?


  • img-book

    Стари мистерии отвораат нови рани…

     Полициски извештај за настан кој се случил во мај 1994 година ја отпочнува приказната богата со ликови и испреплетени стории во чија срж лежи стара мистерија. Во раните утрински часови пронајдено е безживотното тело на полицаецот Зафир. Неговата глава е целосно разнесена од истрел од револвер кој е пронајден до неговото тело. Од извршениот увид на местото на настанот и од извршените оперативни проверки констатирано е дека Зафир се самоубил.

    По 28 години во истиот град исчезнуваат две машки лица. Заедничко за исчезнатите е тоа што и двајцата извршиле семејно насилство врз нивните сопруги и тие ги пријавиле настаните во полициската станица.

    Потрагата по двајцата исчезнати ја води инспектор кој всушност е син на починатиот полицаец Зафир. Додека трае потрагата по исчезнатите, во полициската станица се појавува и нова млада инспекторка. Нејзиното појавување и започнување со работа во полициската станица во малиот град е сомнително, поради тоа што таа не познава никого во гратчето.

    Неизвесна мистерија, која до самиот крај го тера читателот да се прашува како ли ќе заврши, кој е виновникот, кој е мотивот. Фактот дека авторот по професија е инспектор кој ги искористува своите лични искуства и експертиза како инспирација од која ги крои приказните го прави делото уште поинтересно.


  • img-book

    Сузан Колинс се буди во чудна соба налик на „собите за бегство“, каде што решаваш загатки за да стигнеш до излезот. Набргу сфаќа дека е затворена со глувонемиот Џефри, младиот Дилан кој е слеп од раѓање и Мајк, кому му недостасуваат горните екстремитети, додека самата таа е во инвалидска количка по тешка сообраќајна незгода. Последното нешто на кое сите се сеќаваат е дека биле присутни на забавата на Астрикс, филантропска компанија која вложува огромни средства во откривање и лекување на трауми, како и нови методи за лечење на тешки заболувања.

    Не знаат како се нашле во собата, зошто се заклучени таму и како е направена таа чудна комбинација на луѓе со различни инвалидитети, но веднаш сфаќаат дека има траги насекаде околу нив и дека мора да ги здружат силите за да почнат да ги решаваат загатките ако сакаат некогаш да излезат.

    Сепак, кога детективот Алекс ќе почне да го истражува случајот, првото нешто на што ќе наиде е документ за приватност кој сите затворени во собата за загатки го имаат своеволно потпишано… што значи дека некој тука крие нешто, дури и дел од заробените во собата. Но сопругот на Сузан е убеден дека таа е таму против своја волја, дека не би заминала никаде без да му каже и најстрашно од сѐ, чувствува дека неговата сопруга е во голема опасност.

     


    4 out of 5
    ИЗЛЕЗ од: Саша Богдан 350 ден
  • img-book

    Ема е млада девојка, средношколка во музичко училиште, која го сака пеењето и свирењето виолина. Малку „презрела“ за своите години, или барем таа така се доживува себеси. Ема е паметна, Ема е интересна, Ема е убава; сите сакаат да се дружат со неа и каде и да оди го привлекува вниманието на момчињата. Но нејзиното внимание го привлекува токму оној кој не треба; личност која е забранета за Ема. Новиот, млад и прекрасен професор по солфеж, кој сепак е премногу „стар“ за малолетната Ема. Но забранетото секогаш е најслатко и најпривлечно, па така Ема се опседнува со професорот Огнен и не може да престане да мисли на него. Фантазира за него, го идеализира до бескрај и почнува да излегува каде што тој има свирки само за да биде во негова близина.

    Кога нејзината најдобра другарка дознава за ова и ја советува да не се впушта во опасни води со постариот професор, Ема не сака ни да чуе; напротив, таа свесно ја оттурнува Марија од себе. Впрочем, таа ги оттурнува сите и сѐ од себе, не сакајќи ништо да ѝ пречи во мисијата да го освои неговото срце. Младоста ја карактеризираат невиноста и неискуството, коишто се први предуслови за погрешни избори и грешки кои можат многу да чинат. Па така, во еден момент се чини како главната хероина да губи сѐ, но сепак останува една светла точка во нејзиниот живот.

    Велат дека пријателството е како свеќа што сјае и ти го грее срцето кога надвор е студено и темно…


  • img-book

    Родителите се единствените луѓе на светот чии раце се секогаш подадени кон нас и  секогаш подготвени да нè прифатат. Само што, понекогаш, ние сметаме дека тие раце имаат намера да нè гушат, па се опираме и опираме за да избегаме што подалеку од нив. За жал, далеку од вистинската поддршка и искрените совети кои единствено тие можат да ни ги дадат, може да донесеме катастрофални одлуки и да паднеме на дното во кое ќе ги повлечеме и нив со нас.

    Ова е приказна за девојка доведена на раб на нервен слом и втурната во психички проблеми по смртта на нејзиниот татко.  Приказна за девојка која почнува да ја гледа мајка си како непријател и станува мета на емотивни манипулатори кои ја цицаат секоја капка енергија од неа, доведувајќи ја до уште поголеми психички проблеми и психијатриска установа. Ова е приказна за девојка која на потешкиот начин ќе научи дека единствените луѓе во чија верност и љубов никогаш не треба да се сомневаме се родителите. Животот е суров учител, но најважните лекции секогаш се најтешки за учење.

    Прекрасен и трогателен роман, во кој емоциите се леат од страница на страница и вибрираат низ секој збор.

     


  • img-book

    По напорната недела, Тања Кејтлин со нетрпение очекува да помине безгрижна вечер во својот дом, но кога ќе излезе од тушот, го слуша мобилниот телефон како ѕвони. Нејзината најдобра пријателка Карен Вард ѝ се јавува преку видеоповик. Тања одговара и – кошмарот започнува.

    Карен е врзана за столче во нејзината дневна соба, со затворена уста. Ако Тања успее да даде точен одговор на две прашања, нејзината пријателка ќе преживее, но ако одговори погрешно тогаш ќе биде сведок на ужасно и одвратно убиство. Длабокиот, рапав и демонски глас од другата страна на линијата ѝ се заканува на Тања дека ако го прекине повикот или само го сврти погледот настрана, таа ќе биде следната.
    Хантер и Гарсија се наоѓаат во вител на злото додека го истражуваат случајот. Трагаат по предатор кој своите жртви ги наоѓа на улица и на социјалните мрежи. Им ги проучува грешките, ги измачува со анонимни пораки и ужива во нивниот страв…

    Во „Јавувачот“ владее напнатата, бурна атмосфера типична за романите на Крис Картер. Тој одново ни докажува дека освен што е надарен писател е и вешт познавач на човековата психа и криминалната природа. Подгответе се за роман чии страници се вртат со зашеметувачка брзина на филм!


  • img-book

    Седум дена по нејзиното киднапирање, го наоѓаат телото на дваесетгодишна жена во празниот дел на меѓународниот аеродром на Лос Анџелес. Телото е поставено со раширени раце и нозе, во форма на петокрака човечка ѕвезда.

    Обдукцијата открива дека таа била измачувана и убиена на најбизарен можен начин. Но изненадувањата не завршуваат тука. Убиецот исто така сака да си игра и им има оставено нешто на полицајците.

    Детективот Роберт Хантер, кој ја води специјалната единица за ултра насилни злосторства, повторно е назначен да го води случајот. Но речиси уште пред да почне, се појавува и второ тело.

    Соочувајќи се со нови предизвици секој Божји ден, детективот Хантер сфаќа дека брка чудовиште. Предатор чие минато крие ужасна тајна и чија желба да повредува и убива луѓе никогаш не може да биде згасната, бидејќи тој е… СМРТ.


  • img-book

    Алиса Лав има дваесет и девет години, лудо е вљубена во сопругот и наскоро треба да стане мајка.

    Замислете само колку ќе се изненади кога ќе се освести по падот во вежбалницата (во вежбалница? Па таа мрази да вежба!) и ќе открие дека има триесет и девет години и три деца на кои не се сеќава. Се разведуваат со љубениот сопруг Ник, кој ја мрази, а од сестра ѝ Елизабет, поради некоја причина, необјасниво се отуѓила.

    Сега мора да сфати зошто одвај разговараат со сестра ѝ и како се претворила во една од оние преслаби мајки облечени во прескапа облека. Како можело за десет години нештата да тргнат толку наопаку? Зошто не се препознава самата себе – и што е уште полошо, зошто оваа нова Алиса ни најмалку не ѝ се допаѓа?

    Алиса мора да се сети на сè што заборавила, одново да ја изгради сликата од изминатите десет години и да дознае дали работите можат да бидат како порано. А пред сè, мора да дознае дали заборавот е благослов или проклетство и дали е навистина можно човек да почне одново.


  • img-book

    Кога се случува нешто тажно, Тејлор не знае кому да се обрати. Сите животни се сигурни дека имаат решение за проблемот. Кокошката сака да помогне со разговор, но на Тејлор не му е до зборување. Мечката смета дека Тејлор треба да се разлути, но нему ни тоа не му се чини правилно. Едно по едно, сите се обидуваат да му кажат на Тејлор како да постапи, но ниедно од нив не му нуди утеха. И тогаш доаѓа зајачето. Зајачето не прави ништо, само слуша… а тоа е токму она што му е потребно на Тејлор.

    Трогателна и безвременска сликовница за емпатијата и љубезноста, која лекува тага, голема и мала. Њујорк Тајмс бестселер и совршен подарок за секоја пригода, за секое дете и секој родител.


  • img-book

    Кои модели на размислување и однесување ни помагаат достоинствено да се соочиме со искушенијата и да ги надминеме? Ејми Морин си го поставува ова прашање не само како психотерапевт туку и како личност која претрпела неколку тешки загуби. Додека се соочува со уште една лична трагедија, размислува за природата на психичката моќ и ги набројува тринаесетте работи што нè спречуваат да ја развиеме.

    Во оваа книга, авторката ги опишува лошите навики што нè спречуваат да го постигнеме својот целосен потенцијал и ни предлага начини за развивање на психичката сила насочени кон контрола на мислите, емоциите и однесувањето. Благодарение на проверените совети и интересните приказни на нејзините пациенти, ќе можете да стекнете навики на психички силни луѓе. Повеќе нема да се сожалувате, премногу да се навраќате кон минатото, да се плашите од промени или неуспех, или да се трудите да им угодувате на другите. Со новооткриената самодоверба и одлучност, ќе го пронајдете својот пат до среќата и успехот.