Купувам домашно (584)
  • img-book

    Заразен психолошки трилер за група жени кои заедно се дружат во нивната група на мајки и неочекувано се поврзуваат кога доаѓа до трагедија. Се нарекуваат Мајските Мајки, бидејќи сите се имаат породено во истиот месец и се сретнуваат во паркот со количките, барајќи прибежиште од стресовите што доаѓаат со мајчинството; ги делат стравовите, радостите и советите што ги имаат како тазе мајки.

    Една вечер по договор излегуваат без бебињата за да се опуштат малку, но токму таа вечер, нешто тргнува во ужасно лош правец: едно од бебињата го снемува од неговото креветче дома. Вини е самохрана мајка, која секако не сака да го остави бебето со дадилка, но другите жени инсистираат дека сè ќе биде добро и таа неволно попушта. Сега нејзиното бебе го нема, џандарите поставуваат вознемирувачки прашања и животот на затворената Вини се наоѓа под рефлектори. Кој е таткото на бебето? Каде всушност била мајката вечерта? Иако никој од групата мајки не е близок со резервираната Вини, три од нив преземаат големи ризици за да ѝ помогнат да си го најде синот. И кога новинарите почнуваат да им вадат душа на сите жени од групата, почнуваат да се разоткриваат штетни тајни, а браковите и пријателствата се ставени на голем тест.

    button-new


    3.75 out of 5
    Совршената мајка од: Ејми Молој 420 ден

    Веќе се докажа дека сите си ги сакаме овие книги во стилот на „Очајни домаќинки“… Стилот на Ејми Молој во книгава ме потсетуваше на Мориарти, а самото тоа што се работи за 4-5 жени уште повеќе го засили впечатокот. Ја читав книгава уште кога не беше официјално излезена и мило ми е поради тоа, бидејќи немаше простор туѓи мислења и оцени да влијаат на оформување на мојата. Сега гледам дека веќе има оцени од скоро 30.000 читатели на GR, но мојата оцена дефинитивно е повисока од групната.

    Книгава годинава беше нарекувана „најисчекувана книга на летото“, а наскоро ќе биде и филм со Кери Вашингтон во главната улога. Станува збор за доста заразен психолошки трилер за група жени кои се зближуваат кога исчезнува новороденчето на едната од нив, бидејќи се членови на истата група на мајки кои се сретнуваат во градскиот парк секоја недела. Бидејќи целите животи сега им се вртат само околу бебињата, се договараат една вечер да излезат сами и да се олабават малку. Едната од нив, самохраната мајка Вини, не е расположена да го остави бебето со дадилка, но сите останати ја убедуваат дека сè ќе биде океј, па таа најпосле попушта. И вечерта додека тие се излезени, нејзиното бебе го снемува од дома. И сега знаете, следи паника и вперување прст – сите бараат виновник за едно или за друго, некој мора да ја понесе вината. Новинарите ѝ се сипуваат најпрво на мајката; како можела да го остави новороденчето со непозната, каде била таа вечерта, кој е татко на бебето и така натаму.

    Ова не е една од оние книги со нови пресврти во секоја глава, па можеби затоа некои очекувале повеќе од неа – не, овде дејствието е повеќе водено од ликовите и ако се поврзеш со нив како што треба, тогаш приказната се чита за една вечер, просто не ти се остава. Ја имаме најпрво Нел, која цела книга ме засмеваше со саркастичната смисла за хумор, но која очигледно крие некоја голема тајна од сите. Потоа Колет, која очигледно има прекрасен маж и доста пари, но и храброст што може да ѝ донесе големи проблеми. И на крај, симпатичната Френси, паничарката која најмногу се вознемирува од киднапирањето, до степен што почнува да станува дури и сомнителна. Дали е Френси толку невина колку што се прави или…?

    Оваа книга многу добро овозможува да се ѕирне како е во животот на секоја тазе мајка и одлично покажува дека не постои такво нешто како „совршена мајка“. Најмногу ќеф ми направи крајот – да бидам искрена, не го очекував; очекував нешто тотално друго, а тоа дефинитивно е достигнување, нешто од трилери да ме изненади мене. Плус, пак си заплакав малку за негативецот – тоа е таа тежина кога ќе успее да те погоди приказна. Па, се надевам дека ќе ја прочитате и дека ќе ја доживеете како и јас. Едвај чекам да го гледам филмот!

  • img-book

    Колин Хувер се надминува себеси со моќна приказна за еден разнишан брак и едно старо, речиси заборавено ветување што би можело да го спаси.

    На совршената љубов на Квин и Грахам ѝ се заканува нивниот несовршен брак. Спомените, грешките и тајните што се трупале низ годините сега ги влечат на различни страни и уште повеќе ја зголемуваат дистанцата меѓу нив. Единственото нешто што би можело да ги спаси е токму онаа работа што ги има донесено до работ на пропаста.

    „Сите твои совршености“ е срцепарателна, емотивна и моќна приказна за пар чија потенцијална иднина се држи на шарките на ветувањата дадени во минатото. Додека без престан ги голтате страниците, ќе се прашувате: Може ли една силна љубов со совршен почеток да живее цел живот меѓу двајца несовршени луѓе?

    Ако ви се допадна нејзината „Ова завршува со нас“, тогаш сигурно ќе ве освои и нејзиното најново ремек-дело.

    button-new


  • img-book

    Тој не ги убива, не ги силува, не ги измачува… Неговото злосторство е многу, многу полошо.

    Три жени – млади, прекрасни, полни со живот – исчезнуваат без трага. На психопатот, кој медиумите го нарекуваат „Душокршачот“, му е потребна само една недела да ги уништи. До седмиот ден, жените се ментално мртви, како тела без душа. Никој не знае што им прави, но тие се како живи мртовци.

    Кратко пред Божиќ, Душокршачот повторно напаѓа, но овој пат во една ексклузивна психијатриска клиника. Докторите и пациентите се испаничуваат кога сфаќаат дека во клиниката е примен тежок, насилен психопат, особено затоа што никој не знае кој е тој. Од друга страна, страшна снежна бура тотално ја отсекува изолираната клиника, па сите остануваат заробени внатре – со нефункционални телефони – заедно со Душокршачот. Заробени во клиниката, вработените и пациентите се здружуваат за да се заштитат, но во една ноќ полна со незамислив терор, Душокршачот им покажува дека никој не е безбеден и дека ништо не е така како што изгледа.

    Уште едно ремек дело на Фицек, чиј крај никој нема да може да го предвиди.

    button-new


  • img-book

    Сте се запрашале ли некогаш колку време е потребно за да се ископа гроб?

    Ерин го сака Марк и Марк ја сака Ерин. Нивната љубов е една од оние фанатичните, кои горат силно, љубов каде ништо друго не е важно. Тие имаат совршен живот; таа е режисер на документарци, а тој згоден, успешен банкар. Имаат прекрасна куќа во Лондон и ја планираат нивната свадба, како и луксузен меден месец на Бора Бора. Да, тие имаат сè, но Марк одеднаш ја губи работата и во нивниот совршен живот почнуваат да се појавуваат пукнатини.

    Но тие се решени да се потрудат да им успее. Одат на свадбеното патување и веруваат дека сè ќе се среди – на крајот на краиштата, се имаат еден со друг. На Бора Бора, Марк инсистира да нуркаат. Ерин страшно се плаши, но тој е со неа – знае дека ќе биде безбедна. Но, неочекувано наоѓаат нешто во водата.

    Колку далеку би отишле за да бидете вистински среќни?

    Марк ја сака Ерин и Ерин го сака Марк. Но кога приказната почнува, тие двајца се во шума; едниот од нив е мртов, а другиот копа гроб. Што ли се случило? Има само еден начин да дознаете…

    button-new


  • img-book

    СЕРИЈАЛ СРЕЌНО КРАЈБРЕЖЈЕ #3

    Слободоумната Клои живее за кршење срца и прекршување на правилата. Таа сака да го живее животот на раб на опасност. За разлика од нејзините сестри, Меди и Тара, кои наскоро треба да се мажат, Клои не е подготвена да се скраси и да води тивок, мирен живот во семејното хотелче на плажа. Но нејзината љубов за проблеми – и нејзиниот проблем со љубовта – го привлекуваат вниманието на еден многу строг, многу секси шериф, кој многу би сакал да ја скроти оваа дива девојка.

    Па Клои веќе не може да прави бељи затоа што згодниот шериф постојано ѝ е зад петици. А неговата таинствена насмевка на моменти ја тера да посака да почне да го моли да ѝ стави лисици. За првпат во животот, наместо да бега од законот, Клои мечтае да му се предаде. Може ли оваа бунтовничка да најде начин за примирје со сериозниот и намќорест шериф? Дали нејзината нескротливост ќе дозволи да го најде безбедното прибежиште што го бара во малото гратче Среќно Крајбрежје?

    button-new


    Будалеста, слатка љубов #3 од: Џил Шелвис 390 ден

    Проверете подоцна.

  • img-book

    СЕРИЈАЛ СРЕЌНО КРАЈБРЕЖЈЕ #2

    Тара има илјада добри причини за да не се врати во Среќно Крајбрежје, Вашингтон. Но кога животот ѝ се руши до темел, веќе го нема тој луксуз да бира, па гледа само да побегне од нејзините неисполнети соништа и нејзиниот секси бивши сопруг. Додека Тара им помага на нејзините две сестри да го разработат наследеното хотелче на плажа, конечно добива шанса да ги стави работите под контрола и да смисли нов план за својот живот.

    Но и покрај мирната, пријатна атмосфера во крајбрежното гратче, Тара не може да најде мир, бидејќи бегајќи од сегашноста, тука се судира со минатото што го има оставено зад себе. Односно со еден морнар со зелени очи кој ја потсетува на најголемата грешка во нејзиниот живот. За работата да стане уште покомплицирана, нејзиниот бивши маж сега сфаќа дека не смее да ја остави да му се лизне низ прсти, па доаѓа да се бори за неа.

    Тара е принудена конечно да реши што сака и, ако има среќа, можеби ќе го најде сè она што го бара токму тука, во малото Среќно Крајбрежје.

    button-new


    5 out of 5
    Најслаткото нешто #2 од: Џил Шелвис 390 ден

    Проверете подоцна.

  • img-book

    Кејти Бренер го има совршениот живот: стан во Лондон, гламурозна работа и супер кул фотки на профилот на Instagram. Добро, но вистината е дека таа живее во минијатурна соба под кирија каде што нема место ни за гардеробер, секој ден со часови патува до работното место каде што не е ценета и животот што го споделува на Instagram не е нејзин, бидејќи дури ни сликите не се баш нејзини.

    Но соништата мора да почнат да ѝ се исполнуваат еден ден, нели?
    Не. Наместо работите да се подобрат баш кога се појавува интересен тип во нејзиниот живот, нејзиниот не-баш совршен живот дополнително се распаѓа кога нејзината супер-успешна шефица Деметра ја брка од работа. Сите надежи на Кејти паѓаат во вода. Мора да се врати дома во Сомерсет, каде што ќе му помага на татко ѝ со нов бизнис за гламурозно кампирање на нивната фарма.
    Тогаш Деметра и нејзиното семејство се појавуваат на одмор на фармата и Кејти ја добива својата шанса. Но дали треба да ѝ се одмазди на жената што ѝ ги уништи соништата или да се обиде да си ја врати работата? Но дали Деметра – жената која има сè – навистина има толку идиличен живот како што изгледа? Или ни нејзиниот не е баш совршен?

    button-new


    5 out of 5
    Moјот (не баш) совршен живот од: Софи Кинсела 420 ден

    Проверете подоцна.

  • img-book

    „Се викам Амбер Рејнолдс. Има три работи што треба да ги знаете за мене:

    1. Во кома сум.
    2. Маж ми не ме сака веќе.
    3. Понекогаш лажам.“

    Амбер Рејнолдс се буди во болница. Не може да се движи. Не може да зборува. Не може да ги отвори очите. Ги слуша сите околу неа, но тие не се свесни дека ги слуша. Амбер е во кома. Не се сеќава како дошло до тоа, но се сомнева дека маж ѝ е некако поврзан со „несреќата“.

    Преплашена и заробена во сопственото тело, се обидува да ги состави спомените од минатата недела, но и од пред 20 години, преку дневници од детството. Со сопруг што не ја сака веќе, сестра што крие опасна тајна и бивши дечко што не сака да крене раце од неа, Амбер знае дека некој лаже и нејзиниот живот сè уште е во опасност. Но може ли да се принуди себеси да се разбуди пред да стане предоцна?

    button-new


    4.75 out of 5
    Понекогаш лажам од: Алиса Фини 420 ден

    Побарајте подоцна.

  • img-book

    Историска драма за Втора Светска Војна, сага за недозволена љубов, убиство и одамна загубена слика…

    Летото во 1942 година, дваесет и едногодишната Ен Келовеј, неодамна свршена, одлучува да ја напушти својата земја за да служи во Армијата на медицинските сестри на Пацифичкиот остров Бора-Бора. Ова за неа претставува нешто сосема ново и возбудливо, сосема спротивно од она на кое е научена и навикната со нејзиниот мирен и предвидлив свршеник, па нејзиното внимание веднаш го привлекува мистериозниот војник по име Вестри. Нивното пријателство на прекрасно опишаниот остров наскоро почнува да цути како што хибискусот цути покрај океанот. Но покрај океанот има и нешто друго… Мала напуштена колиба на одамна починат сликар, непозната за останатите војници, па Ен и Вестри се состануваат под малиот речиси распаднат кров каде делат еден свој приватен свет. Но нивниот мал идеален свет во колибата се распаѓа кога стануваат сведоци на грозоморно убиство во близина на колибата. Брзо по убиството, Вестри одеднаш го преместуваат на друга воена локација и целата убавина исчезнува во ветриштата на војната.

    Ен Келовеј, сега старица, ја раскажува оваа приказна обидувајќи се да открие нешто повеќе во врска со љубовта која трае повеќе од седумдесет години…

    button-new


    5 out of 5
    Тајната колиба на плажата од: Сара Џио 400 ден

    Историска драма за Втора Светска Војна, сага за недозволена љубов, убиство и одамна загубена слика…

    Летото во 1942 година, дваесет и едно годишната Ен Келовеј, неодамна свршена, одлучува да ја напушти својата земја за да служи во Армијата на медицинските сестри на Пацифичкиот остров Бора-Бора. Ова за неа претставува нешто сосема ново и возбудливо, сосема спротивно од она на кое е научена и навикната со нејзиниот мирен и предвидлив свршеник, па нејзиното внимание веднаш го привлекува мистериозниот војник по име Вестри. Нивното пријателство на прекрасно опишаниот остров наскоро почнува да цути како што хибискусот цути покрај океанот. Но покрај океанот има и нешто друго…

    Мал, напуштен бунгалов на одамна починат сликар, непознат за останатите војници, па Ен и Вестри се состануваат под малиот речиси распаднат кров на колибата каде делат еден свој приватен свет. Но нивниот мал идеален свет во колибата се распаѓа кога стануваат сведоци на грозоморно убиство во близина на колибата. Брзо по убиството, Вестри одеднаш го преместуваат на друга воена локација и целата убавина исчезнува во ветриштата на војната.

    Ен Келовеј, сега старица, ја раскажува оваа приказна обидувајќи се да открие нешто повеќе во врска со љубовта која трае повеќе од седумдесет години…

  • img-book

    ШТО АКО ГО ЗНАЕШ ТОЧНИОТ ДЕН КОГА ЌЕ УМРЕШ?

    Шарлин Грант верува дека ќе умре наскоро. Во изминатите две години, некој ги убива нејзините пријателки од детството една по една. На истиот ден. Во исто време. И сега таа е последната што е останата жива и ги одбројува последните четири дена до 21-ви јануари.

    КОЛКУ ДАЛЕКУ ЌЕ ОДИШ ЗА ДА ПРЕЖИВЕЕШ?

    Шарлин не планира да се предаде без борба. Таа цела година боксува, тренира пукање и трча. Таа исто така сака, ако сепак биде убиена, истрагата за нејзиното убиство да ја води детективката Ди Ди Ворен.

    Но како што Ди Ди навлегува подлабоко во случајот, така почнува да ја преиспитува приказната на жената. Инстинктите ѝ велат дека има шанси Шарлин да не е во никаква опасност. Ако тоа е вистина, тогаш жената мора да има некоја тајна – некоја толку страшна тајна што таа самата по себе би можела да биде најголемата закана од сите.

    button-new


    4.75 out of 5
    Фати ме од: Лиса Гарднер 420 ден

    Сè уште нема. Проверете повторно за некое време.

  • img-book

    Го изгубив 🙁 Единственото нешто на светот што не смеев да го изгубам. Мојот веренички прстен, кој е семејно наследство три генерации. И сега, баш дента кога треба да дојдат неговите родители, јас го изгубив. Баш тој ден! Остани присебна, Попи!

    Попи Вајат никогаш немала поубав период во животот. Таа наскоро треба да се омажи за нејзиниот совршен вереник Магнус, но нејзината идилична иднина почнува да се распаѓа за само едно попладне. Прво го губи скапиот веренички прстен, а во моментот на паника што следи, ѝ го крадат мобилниот телефон. Додека избезумено шета во хотелот каде што се случува сето тоа, забележува еден фрлен телефон во корпа за отпадоци. И се разбира дека си го зема! Мора да им остави број во хотелот за да ја контактираат ако ѝ го најдат прстенот. Совршено!

    Меѓутоа, сопственикот на телефонот, Сем Рокстон, не се согласува. Тој сака таа да му го врати мобилниот и не сака Попи да му ги чита пораките и да му душка во приватниот живот. Следи комичен пресврт на настаните додека Попи и Сем делат телефон, ѕиркајќи си еден на друг во животите. Попи се подготвува за свадба и ја крие левата рака од Магнус и неговите родители, но набрзо сфаќа дека ја чека најголемото изненадување во животот.

    button-new


    5 out of 5
    Го имам твојот број од: Софи Кинсела 420 ден

    Тие што ме знаат уште од основањето на www.sakamknigi.mk знаат дека Кинсела отсекогаш беше (и остана) една од моите најомилени авторки. Ретките се таквите како неа што знаат да ме изнасмеат до солзи и да направат да се почувствувам убаво, дури и кога не ми е до смеење. Може да се каже дека пораснав со нејзините стари книги и серијали, но сега слободно можам да речам дека си најдов нова омилена книга од неа (на исто рамниште со Знаеш ли да чуваш тајна?), а тоа е нејзината фантастична Го имам твојот број. Ајде малку за книгата…

    Попи Вајат никогаш немала поубав период во животот. Таа наскоро треба да се омажи за нејзиниот совршен вереник Магнус, но нејзината идилична иднина почнува да се распаѓа за само едно попладне. Прво го губи скапиот веренички прстен, а во моментот на паника што следи, ѝ го крадат мобилниот телефон. Додека избезумено шета во хотелот каде што се случува сето тоа, забележува еден фрлен телефон во корпа за отпадоци. И се разбира дека си го зема! Мора да им остави број во хотелот за да ја контактираат ако ѝ го најдат прстенот.

    Попи е лик каков што може да создаде само Кинсела; допадлива, слатка, смешна и шармантно изгубена во вселената. Но другиот главен лик, сопственикот на телефонот, Сем Рокстон, воопшто не е допадлив, симпатичен мекуш како неа и не се согласува таа да го задржи телефонот. Тој сака таа да му го врати мобилниот и не сака Попи да му ги чита пораките и да му душка во приватниот живот. Следи комичен пресврт на настаните додека Попи и Сем делат телефон, ѕиркајќи си еден на друг во животите. Попи се подготвува за свадба и ја крие левата рака од Магнус и неговите родители, но набрзо сфаќа дека ја чека најголемото изненадување во животот.

    Оваа книга ми беше како една џиновска принцес крофна, ниту можеш да ја лапнеш за една вечер затоа што е преголема, ниту пак ти се остава. Со тешко срце легнав и ја оставив недочитана, а утредента едвај чекав да дојде крај на работното време за да ѝ се навратам. Пораките што си ги разменуваа Попи и Сем ми беа особено слатки и смешни, а ликот на Сем страшно секси и привлечен. Сите знаете колку сакам секси, резервирани мажи во книгите 🙂

    За крај, со огромно задоволство ви соопштувам дека Софи Кинсела отсега е наша авторка за преводи на македонски јазик и веднаш можам да најавам дека до крајот на годината ќе има уште две преведени нејзини книги во издание на Сакам Книги.

  • img-book

    ЖЕНАТА ПРЕТХОДНО…
    Ванеса и Ричард биле во брак седум години – сè додека не ја оставил за друга жена, некоја помлада и попосакувана. И таа сега ги поминува деновите навраќајќи се на болни спомени и обидувајќи се да сфати кога работите меѓу нив тргнале во толку лош правец. Но се разбира дека ни таа не е апсолутно невина во сето тоа – таа никогаш не била жената за која ја сметал Ричард.

    ЖЕНАТА ОТПОСЛЕ…
    Нели е свршена за човекот од нејзините соништа. Ричард е грижлив, харизматичен и успешен, но најважно од сè, ѝ ја дава безбедноста по која секогаш копнеела. Но како што нивната свадба наближува, таа сè повеќе има чувство дека некој ја следи и набљудува.

    СОВРШЕНАТА ЗАМЕНА…
    Никој не ја знае вистината за тоа што точно се случува во еден брак, дури ни за оние кои од страна личат на среќни бракови. Но Ванеса е сигурна во едно: ќе направи сè што треба за да ја запре свадбата на Ричард пред да биде предоцна. Таа нема да дозволи нејзината совршена замена да му стане нова сопруга.

    button-new


    4.6 out of 5
    Совршената замена од: Грир Хендрикс и Сара Пеканен 440 ден

    Совршената замена (или оригинал The wife between us) ми го привлече вниманието затоа што веднаш штом излезе од печат почна да се искачува на сите топ листи и не можев да не ја прочитам. Се сеќавам дека беше недела, па си седнав релаксирано попладнето со Киндлот и една кутија чоколатца и додека да се свестам, веќе беше стемнето, бев стигната до пола книга и имав изедено пола од кутијата со чоколади. Ова ќе го кажам од старт; иако има доста пресврти во неа, не е книга што ќе ве шокира и ќе ве акне од земја, но дефинитивно е книга што не се остава, едноставно влече и те тера да се залажуваш со „Ајде само уште една глава, и ајде само уште една“ сè додека не ја прочиташ цела.

    Па ајде малку за дејствието: Ванеса и Ричард биле во брак седум години – сè додека не ја оставил за друга жена, некоја помлада и попосакувана. И таа сега ги поминува деновите пиејќи и навраќајќи се на болни спомени, обидувајќи се да сфати кога работите меѓу нив тргнале во толку лош правец. Но се разбира дека ни таа не е апсолутно невина во сето тоа – таа никогаш не била жената за која ја сметал Ричард. Полека патуваме со неа, се навраќаме во минатото и дознаваме што се случувало во нивниот брак.

    Од друга страна, помладата Нели е свршена за човекот од нејзините соништа. Ричард е грижлив, харизматичен и успешен, но најважно од сè, ѝ ја дава безбедноста по која секогаш копнеела. Но како што нивната свадба наближува, таа сè повеќе има чувство дека некој ја следи и набљудува. Се гледа дека и Нели има некоја скриена приказна, но уште не знаеме што е тоа.

    Она што беше интересно е тоа дека додека ја читав книгава, буквално ме болеше срце за Ванеса. Секојпат кога ќе се спомнеше Нели и кога Ричард се потресуваше околу неа, чувствував љубомора како да се работи за мој маж и тоа е она што ми покажа колку авторките успешно си ја завршиле работата. Нели ми беше допадлива, а истовремено ме нервираше зошто Ричард ја сака, зошто не е веќе со Ванеса. Ова беше чуден и интересен конфликт на емоции за мене.

    Никој не ја знае вистината за тоа што точно се случува во еден брак, дури ни за оние кои од страна личат на среќни бракови. Но Ванеса е сигурна во едно: ќе направи сè што треба за да ја запре свадбата на Ричард пред да биде предоцна. Таа нема да дозволи нејзината совршена замена да му стане нова сопруга.

    Ќе запрам тука за да не ви го расипам читањето и се надевам дека ќе ви го задржи вниманието како што ми го задржа мене. Веќе најавија и филм по книгата, па ако стигне до финална фаза, баш би сакала да го изгледам.

  • img-book

    Тој е првата личност што ја инспирира, што ја трогнува, што вистински ја разбира. Дали е судено да биде и последната?

    Луси мора да донесе одлука што ќе ѝ го смени животот – но за да може да ја донесе таа одлука, прво мора да ја раскаже нејзината приказна – нивната приказна – од самиот почеток.

    Луси и Гејб се запознаваат на факултет, на ден што засекогаш им ги менува животите на двајцата. Заедно решаваат дека сакаат нивните животи да значат нешто, да постигнат нешто важно. Кога повторно се сретнуваат година дена подоцна, личи на судбина – можеби ќе го најдат своето животно значење еден во друг… Но тогаш, Гејб станува фоторепортер кој добива задача на Блискиот Исток, а Луси гради кариера во Њујорк. Она што следи е тринаесетгодишно патување на соништа, желби, копнежи, љубомори, предавства и, пред сè, љубов. Дали судбината ги има споено? Дали по свој избор се имаат одвоено? Нивните патувања ги носат Луси и Гејб на различни континенти, но никогаш не можат да ја извадат неа од неговото срце и него од нејзиното.

    Апсолутен хит за 2017 година, преведен во повеќе од 35 земји.

    button-new


    4.89 out of 5
    Светлината што ја изгубивме од: Џил Сантополо 400 ден

    Тој е првата личност што ја инспирира, што ја трогнува, што вистински ја разбира. Дали е судено да биде и последната?

    Луси мора да донесе одлука што ќе ѝ го смени животот – дали да даде одобрение за исклучување на апаратите што го одржуваат во живот нејзиниот најдобар пријател и човекот кој воедно е љубовта на нејзиниот живот. Но за да може да ја донесе таа одлука, прво мора да ја раскаже нејзината приказна – нивната приказна – од самиот почеток.

    Она што следи е тринаесетгодишно патување на соништа, желби, копнежи, љубомори, предавства и, пред сè, љубов. Дали судбината ги има споено? Дали по свој избор се имаат одвоено? Нивните патувања ги носат Луси и Гејб на различни континенти, но никогаш не можат да ја извадат неа од неговото срце и него од нејзиното.

  • img-book

    Ана Фокс живее сама – таа е како затвореник во нејзината куќа во Њујорк, од каде што не може да излезе. Ги поминува деновите пиејќи вино (можеби повеќе отколку што треба), гледајќи стари филмови, присетувајќи се на подобри времиња… и шпионирајќи ги соседите.

    И тогаш во куќата отспротива се вселуваат Раселови: татко, мајка и нивниот син тинејџер. Совршеното семејство. Но кога Ана една вечер набљудува низ прозорецот како и обично, и здогледува нешто што не треба да го види, нејзиниот свет почнува да се руши – и шокантни тајни излегуваат на виделина.

    Што е реално? Што е замислено благодарение на тешките апчиња што ги пие за нејзината состојба? Кој е во опасност? Кој ја има контролата? Во овој нездраво неизвесен трилер, ништо и никој не е тоа што се чини дека е.

    button-new


    4.5 out of 5
    Жената на прозорецот од: А.Џ. Фин 440 ден

    Сè уште нема. Проверете повторно за некое време.

  • img-book

    Помината е цела една година од сообраќајната несреќа на Ела, благодарение на која таа останува без мајка, со куп лузни по телото и неспособна да се движи без помагало. По долгиот и тежок процес на заздравување, Ела е принудена да се пресели кај таткото кој ја напуштил уште кога била мало дете. Ако Ела сака да побегне од домот на татко ѝ и нејзиното ново ужасно „семејство“, мора да ги убеди нејзините доктори дека е способна, физички и емоционално, да живее сама. Проблемот лежи во тоа што таа уште не е подготвена за тоа. И нема ниедна друга идеја како би можела да го отпочне овој процес на заздравување, освен повторно да се поврзе со единствената останата личност на светот која некогаш ѝ значела нешто – нејзиниот анонимен најдобар пријател од интернет – Синдер.

    Холивудската ѕвезда Брајан Оливер има репутација на проблематично момче. Веќе се шират гласини дека е можно да биде номиниран за Оскар, но неговиот менаџер е убеден дека луѓето никогаш нема да почнат да го сметаат за сериозен актер ако не ги остави лудите денови зад себе. Па со цел да го изгаснат огнот околу неговата репутација на лошо момче, неговите агенти организираат лажна свршувачка со негова колешка актерка. Брајан не е воодушевен од идејата – ниту пак од неговата лажна свршеница – но решава дека ќе издржи ако тоа може да му донесе Оскар. Тогаш добива еден изненадувачки мејл кој менува буквално сѐ.

    button-new


    5 out of 5
    Синдер & Ела од: Кели Орам 390 ден
  • img-book

    Запознајте ја Еленор Олифант. Таа е девојка со тајни со кои не може да се соочи цел живот. Таа си има проблем со социјалните вештини и има обичај да го кажува баш тоа што го мисли. Таа се убедува себеси дека ништо не недостига во нејзиното внимателно испланирано време каде што викендите се посветени на замрзната пица, вотка и телефонски разговори со Мама. Сево ова значи дека Еленор е станата роб на навиките, а и малку осамена.

    Но сè се менува кога Еленор го запознава Рејмонд, пелтечавиот и несреден тип од ИТ во фирмата каде што таа работи. Кога таа и Рејмонд заедно го спасуваат Семи, еден постар човек кој доживува незгода на улица, тројцата стануваа еден вид на пријатели кои меѓусебно се спасуваат од изолацијата во која живеат.

    Низ низа горко слатки и траги комични моменти, големото срце на Рејмонд ќе ѝ помогне на Еленор да најде начин да го поправи нејзиното крајно оштетено срце. А ако таа конечно успее да се соочи со тајните што ги крие, можеби ќе успее да најде и пријателство, па можеби дури и љубов.

    button-new


    4.71 out of 5
    Еленор Олифант е океј од: Гејл Ханимен 400 ден

    Оваа книга годинава беше на едно од првите три места на сите можни позначајни избори, награди, листи на најпродавани книги, па ја грабна дури и наградата Costa Book, 2017. Слушнав дека правата за филм веднаш ги лапнала брилијантната Рис Витерспун која очигледно си има зададено цел во изминатите неколку години да направи филмски верзии од сите најголеми книжевни хитови, а веќе ги погледнавме: Големи мали лаги (Big little lies) и Ејми ја нема (Gone girl). Искрено, едвај чекам да видам како ќе изгледа ова дело на големите екрани!

    Долго се мислев дали воопшто да ја прочитам книгава и покрај сите награди и нездраво добри рејтинзи; искрено, оригиналната корица со некоја матна жена во портокалова блуза ич не ме привлекуваше. Мислев дека е некоја тешка, претенциозна глупост. На крајот, сепак решив да ѝ дадам шанса и кога ја почнав, не можев да ја оставам сè додека не ја дочитав доцна во ноќта. Ајде малку за книгата!

    Запознајте ја Еленор Олифант. Таа е девојка со тајни со кои не може да се соочи цел живот. Таа си има проблем со социјалните вештини и има обичај да го кажува баш тоа што го мисли. Иако не се потенцира во книгата, мислам дека Еленор е некаде на спектарот на аутизмот, можеби со Аспергеров синдром – нејзиното однесување ќе им биде познато на сите што гледаат The big bang theory и го сакаат Шелдон. Таа се убедува себеси дека ништо не недостига во нејзиното внимателно испланирано време каде што викендите се посветени на замрзната пица, вотка и телефонски разговори со Мама. Сево ова значи дека Еленор е станата роб на навиките, а и малку осамена. Но сè се менува кога Еленор го запознава Рејмонд, пелтечавиот и несреден тип од ИТ во фирмата каде што таа работи. Кога таа и Рејмонд заедно го спасуваат Семи, еден постар човек кој доживува незгода на улица, тројцата стануваа еден вид на пријатели кои меѓусебно се спасуваат од изолацијата во која живеат.

    Низ низа горко слатки и траги комични моменти, големото срце на Рејмонд ќе ѝ помогне на Еленор да најде начин да го поправи нејзиното крајно оштетено срце. А ако таа конечно успее да се соочи со тајните што ги крие, можеби ќе успее да најде и пријателство, па можеби дури и љубов.

    Можеби на некои луѓе книгава ќе им биде чудна, можеби Еленор ќе им биде чудна и самата ќе речам дека не е за секого, не е за луѓе со малку позатапени емоции, не е за луѓе кои не знаат ништо за аутизмот и луѓето со социјални анксиозности. Треба да имате срце и мека душичка за да се поврзете со незамисливата, а сепак пресимпатична Еленор која просто не може да излезе од дома без да навреди некого, иако не е ни свесна за тоа. Мислам дека тоа всушност е најголемиот трик што го има направено госпоѓата Ханимен со оваа книга, има успеано да направи читателите да се заљубат во лик кој дава сè од себе да биде недопадлив. Тоа не е лесна задача!

    Инаку, дејствијата течат одмерено и природно со некое тамамско темпо, а мистеријата за тајните на Еленор што се плете до самиот крај додава една нова димензија на приказната што цело време држи во неизвесност. На крајот, ја читаш последната реченица, воздивнуваш и воодушевено ја лепиш книгата за гради. Кога така се завршува една книга, со целосно исполнета душичка, не можам да не им ја препорачам на сите што ги познавам. Па, луѓе, што чекате? Фаќајте се за Еленор Олифант е океј.