За љубов и брак треба двајца…
Една грешка во раните дваесетти години може да те научи на многу работи, еден катастрофален развод може да те натера никогаш повеќе да не веруваш во брак и вистинска љубов. Може дури и да те натера да станеш адвокат за разводи за да им помагаш на луѓето со слична судбина. Харпер Џејмс има работа во која е страшно добра, куќа на плажа која ја обожава и тип кој го посакува скоро секоја жена во градот. Да, добро, фатално скршеното срце ја прави ладна, крута и затворена, но вака барем никој не може да ја повреди. Таа сега знае дека бракот не се гради со љубов, туку со партнерство и разбирање, па не ѝ треба филмска љубов за да направи совршен план за животот. И нејзиниот план звучи солидно… сè додека нејзината полу сестра не ѝ соопштува дека ќе се мажи за братот на нејзиниот бивши маж. После толку долги безбедни години, Харпер на свадбата треба да го види човекот чија сама појава ѝ го превртува светот наопаку.
Ник Ловери е маж кој многу добро знае како да ги добие и задржи работите што ги сака во животот. Освен една. Љубовта на неговиот живот која многу одамна му се лизнала низ прсти. Како и да е, тој и Харпер се болна, античка историја. И покрај тоа што сè уште има чувства за неа, тој не може да ѝ прости за неверството со кое дошол и крајот на нивниот брак.
Јас и ти е книга која веднаш ќе влезе во вашите топ десет омилени модерни романси. Број 1 романтична препорака од Сакам Книги за оваа година!
Топол и автентичен тон ве зграбува уште од првата страница, како да сте посегнале по книга од веќе добро оформен и етаблиран автор, а не сосема ново име на македонската книжевна сцена. Страница, две, три – ненаситно ги пиев редовите, не можејќи да поверувам каква оригиналност, каква својственост, каква приказна ми падна в раце.
Приказната почнува со љубовна средба на млад пар на брегот на Беровското Езеро и по тонот веднаш се насетува дека станува збор за забранета љубов. Авторката полека ни ја доближува сцената, потег по потег со нејзината раскошна литературна четка на платното, и сфаќаме дека се работи за млад човек кој во прегратка ја држи вереницата на неговиот најдобар пријател.
Веќе заробени од оваа интригантна приказна, во следната глава ја запознаваме малку несмасната, но крајно симпатична хероина, Викторија. Таа се бори да најде работа по завршувањето на факултетот, но брзо станува свесна дека тоа нема да ѝ успее на оној најчесниот начин, па кога со помош на игра на судбината налетува на фотографии кои не се наменети за нејзини очи, решава да го искористи тоа.
Излегува дека човекот од фотографиите кој држи туѓа вереница в прегратка е директор на маркетинг агенција, каде што таа не добива работа, иако е најквалификувана. Викторија одлучува за првпат во животот да покаже заби и му се заканува на младиот директор дека доколку не го добие тоа што праведно ѝ следува, ќе го разоткрие пред неговиот најдобар пријател и бизнис партнер. Немајќи друг избор, директорот на маркетинг агенцијата ѝ го нуди работното место и оттука почнува да се плете една богата таписерија од оригинални ликови и емоции што го држи читателот в рака од прва до последна страница.
Просто е неверојатно дека еден автор дебитант може да има ваков стил, ваков тек на мисли. Самата приказна тече природно и неизбрзано, градацијата е одлична, а перипетијата и расплетот страшно задоволувачки. Флерт, уцени и високи потпетици е модерна македонска приказна што вреди да биде прочитана од страна на секој домашен читател, затоа што оваа приказна е нешто блиско за нас, нешто што има моќ да им се пикне под кожа на многумина. Ова е македонски чик лит во најдобрата смисла на зборот!
Сите кои го познаваат Џејмс Кенеди сметаат дека животот не можел да му подели подобри карти. Зошто, што му недостига? Тој е згоден, паметен, млад, има одлично платена работа како банкар во центарот на Лондон, живее во огромен модерен стан во скапиот дел од градот, ги менува девојките како чорапи, има група фини пријатели… Навидум, тој навистина има совршен живот. Но она што никој не го знае е дека Џејмс Кенеди е тапа во кревет. Нула. Аматер. Не затоа што не знае како, туку затоа што има проблем, затоа што некаде греши.
Кога само би имало некој кој би можел да му покаже каде греши, можеби да му даде неколку часа по секс… Но кој?
Часови по секс е искрена, но исклучително забавна и смешна унисекс романтична комедија. Напишана од страна на машки автор и со маж како главен лик, ова е уникатна приказна која ќе го зароби вниманието на двата пола, а истовремено ќе ви открие како е да сте во кожата на еден маж кој се бори со еден од најчестите машки проблеми.
Часови по секс е едноставно, комично и директно ѕиркање во светот на машките проблеми, а Даниел Грант е автор без влакна на јазикот.
Часови по секс е како машка верзија од „Дневникот на Бриџит Џоунс“
Тие што ме знаат уште од основањето на www.sakamknigi.mk знаат дека Кинсела отсекогаш беше (и остана) една од моите најомилени авторки. Ретките се таквите како неа што знаат да ме изнасмеат до солзи и да направат да се почувствувам убаво, дури и кога не ми е до смеење. Може да се каже дека пораснав со нејзините стари книги и серијали, но сега слободно можам да речам дека си најдов нова омилена книга од неа (на исто рамниште со Знаеш ли да чуваш тајна?), а тоа е нејзината фантастична Го имам твојот број. Ајде малку за книгата…
Попи Вајат никогаш немала поубав период во животот. Таа наскоро треба да се омажи за нејзиниот совршен вереник Магнус, но нејзината идилична иднина почнува да се распаѓа за само едно попладне. Прво го губи скапиот веренички прстен, а во моментот на паника што следи, ѝ го крадат мобилниот телефон. Додека избезумено шета во хотелот каде што се случува сето тоа, забележува еден фрлен телефон во корпа за отпадоци. И се разбира дека си го зема! Мора да им остави број во хотелот за да ја контактираат ако ѝ го најдат прстенот.
Попи е лик каков што може да создаде само Кинсела; допадлива, слатка, смешна и шармантно изгубена во вселената. Но другиот главен лик, сопственикот на телефонот, Сем Рокстон, воопшто не е допадлив, симпатичен мекуш како неа и не се согласува таа да го задржи телефонот. Тој сака таа да му го врати мобилниот и не сака Попи да му ги чита пораките и да му душка во приватниот живот. Следи комичен пресврт на настаните додека Попи и Сем делат телефон, ѕиркајќи си еден на друг во животите. Попи се подготвува за свадба и ја крие левата рака од Магнус и неговите родители, но набрзо сфаќа дека ја чека најголемото изненадување во животот.
Оваа книга ми беше како една џиновска принцес крофна, ниту можеш да ја лапнеш за една вечер затоа што е преголема, ниту пак ти се остава. Со тешко срце легнав и ја оставив недочитана, а утредента едвај чекав да дојде крај на работното време за да ѝ се навратам. Пораките што си ги разменуваа Попи и Сем ми беа особено слатки и смешни, а ликот на Сем страшно секси и привлечен. Сите знаете колку сакам секси, резервирани мажи во книгите 🙂
За крај, со огромно задоволство ви соопштувам дека Софи Кинсела отсега е наша авторка за преводи на македонски јазик и веднаш можам да најавам дека до крајот на годината ќе има уште две преведени нејзини книги во издание на Сакам Книги.
Сè уште нема. Проверете повторно за некое време.
Сè уште нема. Проверете повторно за некое време.
Сè уште нема. Проверете повторно за некое време.
Сè уште нема. Проверете повторно за некое време.
Сè уште нема. Проверете повторно за некое време.
Нема производи |