Топол и автентичен тон ве зграбува уште од првата страница, како да сте посегнале по книга од веќе добро оформен и етаблиран автор, а не сосема ново име на македонската книжевна сцена. Страница, две, три – ненаситно ги пиев редовите, не можејќи да поверувам каква оригиналност, каква својственост, каква приказна ми падна в раце.
Приказната почнува со љубовна средба на млад пар на брегот на Беровското Езеро и по тонот веднаш се насетува дека станува збор за забранета љубов. Авторката полека ни ја доближува сцената, потег по потег со нејзината раскошна литературна четка на платното, и сфаќаме дека се работи за млад човек кој во прегратка ја држи вереницата на неговиот најдобар пријател.
Веќе заробени од оваа интригантна приказна, во следната глава ја запознаваме малку несмасната, но крајно симпатична хероина, Викторија. Таа се бори да најде работа по завршувањето на факултетот, но брзо станува свесна дека тоа нема да ѝ успее на оној најчесниот начин, па кога со помош на игра на судбината налетува на фотографии кои не се наменети за нејзини очи, решава да го искористи тоа.
Излегува дека човекот од фотографиите кој држи туѓа вереница в прегратка е директор на маркетинг агенција, каде што таа не добива работа, иако е најквалификувана. Викторија одлучува за првпат во животот да покаже заби и му се заканува на младиот директор дека доколку не го добие тоа што праведно ѝ следува, ќе го разоткрие пред неговиот најдобар пријател и бизнис партнер. Немајќи друг избор, директорот на маркетинг агенцијата ѝ го нуди работното место и оттука почнува да се плете една богата таписерија од оригинални ликови и емоции што го држи читателот в рака од прва до последна страница.
Просто е неверојатно дека еден автор дебитант може да има ваков стил, ваков тек на мисли. Самата приказна тече природно и неизбрзано, градацијата е одлична, а перипетијата и расплетот страшно задоволувачки. Флерт, уцени и високи потпетици е модерна македонска приказна што вреди да биде прочитана од страна на секој домашен читател, затоа што оваа приказна е нешто блиско за нас, нешто што има моќ да им се пикне под кожа на многумина. Ова е македонски чик лит во најдобрата смисла на зборот!
Тие што ме знаат уште од основањето на www.sakamknigi.mk знаат дека Кинсела отсекогаш беше (и остана) една од моите најомилени авторки. Ретките се таквите како неа што знаат да ме изнасмеат до солзи и да направат да се почувствувам убаво, дури и кога не ми е до смеење. Може да се каже дека пораснав со нејзините стари книги и серијали, но сега слободно можам да речам дека си најдов нова омилена книга од неа (на исто рамниште со Знаеш ли да чуваш тајна?), а тоа е нејзината фантастична Го имам твојот број. Ајде малку за книгата…
Попи Вајат никогаш немала поубав период во животот. Таа наскоро треба да се омажи за нејзиниот совршен вереник Магнус, но нејзината идилична иднина почнува да се распаѓа за само едно попладне. Прво го губи скапиот веренички прстен, а во моментот на паника што следи, ѝ го крадат мобилниот телефон. Додека избезумено шета во хотелот каде што се случува сето тоа, забележува еден фрлен телефон во корпа за отпадоци. И се разбира дека си го зема! Мора да им остави број во хотелот за да ја контактираат ако ѝ го најдат прстенот.
Попи е лик каков што може да создаде само Кинсела; допадлива, слатка, смешна и шармантно изгубена во вселената. Но другиот главен лик, сопственикот на телефонот, Сем Рокстон, воопшто не е допадлив, симпатичен мекуш како неа и не се согласува таа да го задржи телефонот. Тој сака таа да му го врати мобилниот и не сака Попи да му ги чита пораките и да му душка во приватниот живот. Следи комичен пресврт на настаните додека Попи и Сем делат телефон, ѕиркајќи си еден на друг во животите. Попи се подготвува за свадба и ја крие левата рака од Магнус и неговите родители, но набрзо сфаќа дека ја чека најголемото изненадување во животот.
Оваа книга ми беше како една џиновска принцес крофна, ниту можеш да ја лапнеш за една вечер затоа што е преголема, ниту пак ти се остава. Со тешко срце легнав и ја оставив недочитана, а утредента едвај чекав да дојде крај на работното време за да ѝ се навратам. Пораките што си ги разменуваа Попи и Сем ми беа особено слатки и смешни, а ликот на Сем страшно секси и привлечен. Сите знаете колку сакам секси, резервирани мажи во книгите 🙂
За крај, со огромно задоволство ви соопштувам дека Софи Кинсела отсега е наша авторка за преводи на македонски јазик и веднаш можам да најавам дека до крајот на годината ќе има уште две преведени нејзини книги во издание на Сакам Книги.
Сè уште нема. Проверете повторно за некое време.
Сè уште нема. Проверете повторно за некое време.
Сè уште нема. Проверете повторно за некое време.
Сè уште нема. Проверете повторно за некое време.
Сè уште нема. Проверете повторно за некое време.
Која е Тејлор Донован? Тејлор Донован веќе 7 години работи за една од најдобрите адвокатски компаниии во Чикаго. Таа е толку добра, врвот на најдобрите и сите најтешки случаи паѓаат во нејзини раце. Сега, ја праќаат во Лос Анџелес за да работи на актуелен случај за сексуална злоупотреба во кој е инволвиран познат ланец на маркети. Таа е одличен адвокат, а ова е прекрасна можност самата себеси уште еднаш да си докаже колку е добра во својата работа, но и да им се заблагодари на своите родители кои се жртвуваа за таа да се здобие со најдоброто и најскапото образование. Млада, успешна и ја обожава својата професија. Звукот на звонењето на телефоните во канцелариите на адвокатската компанија, принтерите кои бучат додека ги печатат извештаите за случаите, викањата по судниците… тоа е мелодија за нејзините уши. Таа не е само убиствено добар адвокат…. таа е воркoхолик.
Кој е Џејсон Ендрус? Чекај, чекај – што е ова? Паралелно со судењето на Тејлор ѝ доделуваат нова задача во која е инволвиран еден познат актер. Колку познат?
Па да речеме дека Бред Пит може да му носи вода. Џејсон Ендрус е смртоносна комбинација на интелигенција, сексипил и шарм. Нешто како Кларк Гејбл или Кери Грант, само уште подобар. Има ли потреба таа да биде загрижена што наеднаш треба да соработува со најпосакуваниот маж на денешницата… со Богот на Сексипилноста? Мислам, таа е сепак професионалец… А тој? Тој е само еден обичен актер. Добро де, познат и до болка привлечен актер. Милиони мисли ѝ се мотаат во главата додека ја напушта канцеларија на својот претпоставен кој ѝ го дава новиот случај. Дали нејзината професионалност за првпат ќе биде ставена на тест? Хммм… Ма ти се молам – па зборуваме за Тејлор Донован овде! Жената која не се скрши ни кога ја раскина својата веридба пред некој месец. Нема ништо што би можело да ја помести нејзината емотивна рамнотежа. Зарем тоа може да го направи еден обичен актер кој дури не го ни познава. Што си мислат луѓето, кој е тој? НАЈСЕКСИ МАЖ НА СВЕТОТ??? Луѓето кои тоа го мислат не знаат што е 24/7 работа и труд вложени во својата кариера. И нема НИКОЈ, АПСОЛУТНО НИКОЈ да ја загрози нејзината работа… и ја прикаже како недоделкан тинејџер.
Тоа е тоа, нејзиниот збор секогаш мора да биде последен! Но, сепак таа го видела на малите екрани… И тој е неодолив. И згоден. Шармантен. Но и дрзок. Арогантен. Самобендисан. Тоа е човекот кој на национална телевизија изјавува дека секоја жена ја третира како ново сценарио: Ако не му го задржи вниманието после саат време, тој сценариото го фрла!
Уффф… Ќе го поремети ли Господинот Холивуд нејзиниот совршен, педантен свет во кој сè е подредено на кариерата? Може ли некој да ја расплаче Тејлор – онаа која знае дека во „бејзболот нема плачење“?
НАЈПРОДАВАНАТА РОМАНСА НА САКАМ КНИГИ!
САМОУВЕРЕНА. БЕЗОБРАЗНА. НЕПОБЕДЛИВА…
Пејтон Кендал: феминистка до коска која дава сè од себе за да успее во професијата во која доминираат мажи. Осум години, ден и ноќ, работни денови и викенди, без одмори и паузи, таа има само една цел пред себе – да биде унапредена во партнер.
АМБИЦИОЗЕН. НАДМЕН. ЗГОДЕН КАКО ЃАВОЛ…
Џеј Ди Џејмисон: богато семејство, гламурозен стил на живот, амбициозен и професионален, најдобар во својата работа. Осум години, ден и ноќ, работни денови и викенди, без одмори и паузи, тој има само две цели пред себе – да биде унапреден во партнер… и да ја игнорира Пејтон. Осум години глума и цивилно однесување кога тие двајцата се наоѓаат во присуство на други луѓе. Осум години омраза и војна додека се наоѓаат зад затворени врати иако двајцата знаат дека има две партнерски позиции и нема потреба од војна.
И одеднаш, пресврт! Доаѓа известувањето дека нема две туку само една позиција за унапредување!
Па, нека победи подобриот!