Многу одамна немав седнато да напишам рецензија за книга затоа што воопшто немам време и многу ми е жал – искрено ми недостига пишувањето рецензии – но следејќи ја индиректно продажбата на одредени наслови, забележав едно големо несогласување и се замислив. Имено, забележав дека еден од моите омилени трилери во изминатите неколку години, се продава океј, но не се продава ТОЛКУ колку што очекував, а повеќе се продаваат други книги кои мене лично не ми се ни на приближно исто ниво. И не се работи воопшто за продажбата, книгите вака или онака ќе се продадат, туку се работи за тоа дека во денешно време страшно тешко се наоѓа ОДЛИЧНА книга, особено кога си толку пребирлив читател како јас, па кога ќе пронајдам нешто олку добро, јас сакам да го споделам со сите и сакам приказната да ја прочитаат сите, па на крајот да можеме и меѓусебно да си коментираме и да дискутираме и да анализираме.
Па тоа ме натера да одвојам малку време и да ви кажам нешто повеќе за книгава…
Кетрин и Рејчел се пријателки од деца, сродни души, неразделни, не можат една без друга. Но книгата почнува со раскажување од гледна точка на Кетрин и одеднаш сфаќаме дека таа го планира убиството на нејзината најдобра пријателка. Зошто? Затоа што Рејчел, во еден краток момент на невнимание, има направено фатална грешка што резултирала со смрт на двете синчиња на Кетрин и таа веќе не е мајка, таа веќе не е нормална личност; таа е сенка од човек. И нема да се смири сè додека не ја натера Рејчел да плати за сè. Рејчел патем си живее убав живот со нејзиниот сопруг и нејзините две деца. Но не знаеме како ѝ е нејзе сè додека не стигнеме до третиот дел од приказната кој го раскажува токму таа.
Дејствието се одвива на Фолкландските Острови, кои се мирно место каде сите меѓусебно се познаваат и убаво си живеат, па кога одеднаш почнуваат да исчезнуваат деца кои сомнително многу личат на починатите синови на Кетрин, населението го фаќа хистерија. Можно ли е меѓу нив да постои монструм кој повредува деца или станува збор за несреќни трагедии? Патем, страшно беше интересно да се чита за Фолкландските Острови. Кетрин нурка и работи со морскиот свет, а мене ова ми беше првпат да читам за тие работи во книга и дознав многу интересни информации. Има еден особен трогателен дел со насукување на китови каде што е објаснето зошто и како китовите се насукуваат и умираат во огромни бројки. Но да се навратиме на сериските исчезнувања на децата… Рејчел веќе е црна овца поради случајот со двете загинати деца. За Кетрин одамна се шпекулира дека го изгубила умот откако ги изгубила синовите. Но која од двете поранешни најдобри пријателки е поопасна? Или можеби станува збор за некој сосема друг… Навистина нема да погодите сè до последната страница. Крајот беше спакуван во неколку огромни изненадувања за мене. Дознаваме кој ги киднапира децата, дознаваме како Рејчел ја направила грешката што ја направила за да починат синовите на Кетрин, дознаваме што се случува со последното, најважното, исчезнато дете и дознаваме зошто Кетрин и самата носи вина за смртта на нејзините деца. Значи ова не е еден од оние крвави, хард кор трилери како Девојката Врана или Алекс; ова е целосна приказна каде што има сè: заплет, пресврти, емоции, човечки односи, неизвесност…
Она што посебно ми се допадна во оваа книга беше тоа што низ целата трилер приказна имаше и некоја љубовна нишка затоа што има и трет машки лик кој има значајно минато со Кетрин и сега повторно е тука во целата истрага. Имам прочитано четири или пет книги од Шерон Болтон, но оваа ми е УБЕДЛИВО најдобра. Болтон за мене е нов мајстор за трилери. Ви ја препорачувам од срце и едвај чекам да си размениме некој коментар за приказната!
Александар Николовски – :
Многу добра книга, иако за 5 ми недостигаше уште малку. 🙂 Се надевам продолжението дека е уште подобро.
Слаѓан – :
Тензична, мрачна и непредвидлива. Одлична психолошка-трилер/драма!
Ана Ѓурова – :
#ТеПредизвикувамеДаЧиташ
#СакамКнигиПредизвик1
Рецензија
“Пазете што посакувате, оти може да се исполни”, но може да има страшни последици од желбата.
Книгава ја прочитав во рекордно време и досега вакво нешто немам прочитано. Толку многу делува на психата, што ти се чини дека ќе те измести. Не ми се верува што може 6-дишно девојче да направи и предизвика. Иако не можам да поверувам, но сигурно во светов постои и вакво нешто, па дури и полошо. Оваа книга ќе ви побуди многу чувства, емоции, но најмногу ќе ви предизвика бес.
Среќниот пар Кристофер и Хана се медицински лица, тој хирург, а таа медицинска сестра. Нивниот брак е хармоничен, совршен, среќен, но сепак им недостасува едно делче од сложувалката наречена живот. А тоа е дете, нивната единствена желба за да ја исполнат празнината во нивниот живот. Еден ден во болницата каде работат стигнува 6-дишно девојче Џејни. Крис како нејзин хирург се поврзува со неа, повеќе од обичен пациент. Кога треба да ја отпишат од болница, тој ја убедува Хана да ја згрижат. Таа не е воодушевена, но се согласува. Џејни пак е толку комплицирано дете со оштетена психа, што дури е неверојатна на секој начин. Таа се поврзува со Крис, а бесот го насочува кон Хана. Кога се двете сами, таа има испади, вришти, крши и ред други гнасни работи. Крис не и верува на Хана и таа почнува да попушта со нервите,посебно кога ќе добијат нов член. Џејни вешто манипулира со Крис, но нејзиното минато може да го растури семејството.
Што се случува понатаму, дали Џејни ќе ги оддалечи Крис и Хана, дали Хана ќе попушти на нејзиниот бес и испади, прочитајте сами. Книгава не ја препорачувам на луѓе со слаби нерви, па дури и со слаб желудник. Во секој случај добар трилер за читање.
Мона (го има купено овој производ од сајтот) – :
Одлична книга со хорор примеси. Доколку сакате квалитетно потрошено време тогаш прочитајте ја.
Стефани – :
Необичен трилер,но сепак е интересен!😊