Веќе се докажа дека сите си ги сакаме овие книги во стилот на „Очајни домаќинки“… Стилот на Ејми Молој во книгава ме потсетуваше на Мориарти, а самото тоа што се работи за 4-5 жени уште повеќе го засили впечатокот. Ја читав книгава уште кога не беше официјално излезена и мило ми е поради тоа, бидејќи немаше простор туѓи мислења и оцени да влијаат на оформување на мојата. Сега гледам дека веќе има оцени од скоро 30.000 читатели на GR, но мојата оцена дефинитивно е повисока од групната.
Книгава годинава беше нарекувана „најисчекувана книга на летото“, а наскоро ќе биде и филм со Кери Вашингтон во главната улога. Станува збор за доста заразен психолошки трилер за група жени кои се зближуваат кога исчезнува новороденчето на едната од нив, бидејќи се членови на истата група на мајки кои се сретнуваат во градскиот парк секоја недела. Бидејќи целите животи сега им се вртат само околу бебињата, се договараат една вечер да излезат сами и да се олабават малку. Едната од нив, самохраната мајка Вини, не е расположена да го остави бебето со дадилка, но сите останати ја убедуваат дека сè ќе биде океј, па таа најпосле попушта. И вечерта додека тие се излезени, нејзиното бебе го снемува од дома. И сега знаете, следи паника и вперување прст – сите бараат виновник за едно или за друго, некој мора да ја понесе вината. Новинарите ѝ се сипуваат најпрво на мајката; како можела да го остави новороденчето со непозната, каде била таа вечерта, кој е татко на бебето и така натаму.
Ова не е една од оние книги со нови пресврти во секоја глава, па можеби затоа некои очекувале повеќе од неа – не, овде дејствието е повеќе водено од ликовите и ако се поврзеш со нив како што треба, тогаш приказната се чита за една вечер, просто не ти се остава. Ја имаме најпрво Нел, која цела книга ме засмеваше со саркастичната смисла за хумор, но која очигледно крие некоја голема тајна од сите. Потоа Колет, која очигледно има прекрасен маж и доста пари, но и храброст што може да ѝ донесе големи проблеми. И на крај, симпатичната Френси, паничарката која најмногу се вознемирува од киднапирањето, до степен што почнува да станува дури и сомнителна. Дали е Френси толку невина колку што се прави или…?
Оваа книга многу добро овозможува да се ѕирне како е во животот на секоја тазе мајка и одлично покажува дека не постои такво нешто како „совршена мајка“. Најмногу ќеф ми направи крајот – да бидам искрена, не го очекував; очекував нешто тотално друго, а тоа дефинитивно е достигнување, нешто од трилери да ме изненади мене. Плус, пак си заплакав малку за негативецот – тоа е таа тежина кога ќе успее да те погоди приказна. Па, се надевам дека ќе ја прочитате и дека ќе ја доживеете како и јас. Едвај чекам да го гледам филмот!
marijasumkoska – :
Мене искрено многу ми се допадна.Но малку не го сфатив крајот,ако може некој да ми го објасни во групата на Сакам книги -читатели.
Слаѓан – :
Солиден трилер, има далеку подобри трилери – но сепак, има доста интересни и непредвидливи пресврти, а и ликовите се добро портретирани 😀
Нена – :
Мноогу добар трилер, само што завршив со читање и навистина сум под импресии. Многу добро заплеткано дејство кое колку и да предвидуваш, изненадува на крај, многу добра заблуда прави авторката со ликовите во текот на читањето, од мене дефинитивно 5 ѕвезди 😀
Стефани (го има купено овој производ од сајтот) – :
Одличен трилер,премногу пресврти и неочекуван крај!😃
Елена (го има купено овој производ од сајтот) – :
Добар трилер, не ми се испушташе од раце.
Мила – :
Одлична книга. Неверојатни пресврти. Вакви книги чекам уште 😀
Emilija (го има купено овој производ од сајтот) – :
Добра книга барем за мене. Дефинитивно до последна реченица ке ве држи напнати и во недоумица. Во морето преведени романси ова е нешто освежувачки ново и добро
Александар Николовски – :
Книгава за мене беше баш “страхотен” трилер кој едноставно не сакав да заврши, барав да имав уште и уште страници на крајот 🙂 Феноменални ликови и опасни манипулативни пресврти баш какви што сакам, ептен солидно нема што, мојата крајна оценка е 4.25/5 🙂