• img-book


ISBN: 978-608-260-107-6

Ноќно пливање

4.67 од 5 од 3 оцени на читатели
3 оцени од читатели

Откако првата сезона од нејзиниот подкаст за вистински злосторства станува сензација преку ноќ и ослободува невин човек од затвор, Рејчел Крол станува општо познато име и последна надеж за илјадниците луѓе кои бараат правда. Но таа е навикната сите да го препознаваат нејзиниот глас, а не нејзиното лице. Затоа се вознемирува кога наоѓа порака на шофершајбната на нејзината кола, адресирана до неа, со молба за помош.

Во малиот град Неаполис се води ужасно судење за силување. Еден од милениците на градот, пливач со потенцијал да стане олимпиец, е обвинет за силување средношколка, саканата внука на полициски началник. Рејчел е под притисок да направи успешна трета сезона од подкастот, па се впушта во интервјуирање и испрашување – но мистериозните писма и понатаму се појавуваат на неочекувани места. Некој ја следи и нема намера да престане додека Рејчел не открие што се случило со нејзината сестра пред дваесет и пет години. Наводно, Џени Стилс трагично се удавила, но девојката од писмата тврди дека нејзината сестра била убиена, а кога Рејчел почнува да поставува прашања за Џени, никој не сака да одговори. Минатото и сегашноста почнуваат да се судираат кога Рејчел открива вознемирувачки поврзаности меѓу двата случаи, кои имаат моќ да го сменат текот на судењето, а и животите на сите инволвирани.

Може ли еден мал град да ги поправи грешките од минатото? Да се искупи за прикриените гревови? И што навистина се случило со Џени?

490 ден

Количина:
За книгата

  1. :

    5 out of 5

    Одлична книга која опфаќа доста болна тема за која треба повеќе да се дискутира.
    Ликовите се прекрасно доловени, дејството е заразно и уште од самиот почеток те вовлекува,
    а фиктивното гратче Неаполис е претставено со голема умешност од страна на авторката.
    Крими-драма со доза на мистерија која ќе ви ги разбранува сетилата, препорачувам!

  2. :

    5 out of 5

    Случајно давење на тинејџерка.
    Контроверзно судење за силување на популарна пливачка ѕвезда.
    Два случаи, со временска разлика од 25 години.
    Како се поврзани?
    „Овде Рејчел Крол за Виновен или невин, подкастот што ве става на местото на поротниците.“
    Ноќно пливање ни ја претставува Рејчел Крол, водителка и основач на најуспешниот подкаст за вистински криминал.
    Во текот на првата сезона, доказите што Рејчел ги набави беа всушност тие што му помогнаа на еден невин човек да се ослободи од осудата. Тоа е она што ја прослави. Ја добива репутацијата на неуморен трагач по вистината, па многу луѓе допираат до неа сакајќи да им помогне со тоа што ќе ги истражи нивните случаи.
    Многу од овие луѓе, разочарани од фактот што системот на некој начин потфрлил кога им бил најпотребен, сметаат дека кога станува збор за барањето правда за смртта на драга личност – Рејчел им е последната утешна станица. Писмата што таа ги добива со молба за помош доаѓаат во форма на имејл, а повремено и преку традиционална пошта. Затоа, Рејчел е изненадена кога едно од писмата завршува заглавено под бришачот на шофершајбната на нејзиниот автомобил. Како некој воопшто би ја препознал? Луѓето го знаат нејзиниот глас, но не и нејзиното лице. Дали можеби некој ја следи?
    Кога ја добива првата белешка, Рејчел е на пат за Неаполис, каде што моментално е во тек случај на силување. За последната сезона на подкастот, Рејчел ќе ја разгледува заднината на случајот, а истовремено ќе присуствува на судењето и ќе известува за него. Додека таа се сосредоточува на случајот, мистериозните писма продолжуваат да се појавуваат на неочекувани места, вклучувајќи ја и нејзината хотелска соба.
    Хана, авторката на писмата, ја моли Рејчел да се наврати 25 години наназад и да ја разгледа смртта на својата сестра Џени. Пријавено било случајно давење за време на ноќно пливање, но Хана инсистира дека има нешто повеќе.
    „Овој пат, вистината ќе биде слушната.“
    ———————
    Уживав во книгава! Најпрво, форматот во којшто е претставена е супер. Ни прикажува неколку перспективи на повеќе приказни, приказна од минатото и приказна од сегашноста, и секако, целосни епизоди од подкастот на Рејчел. Начинот на кој Меган Голдин ги спои овие две мистерии е БЕСПРЕКОРЕН. Постојано се потсетував себеси дека всушност станува збор за измислена приказна, бидејќи книгата е навистина веродостојна, а мене најмногу ме привлекуваат токму оние книги чии приказни звучат вистинско.
    Еден од многуте делови во книгава што навистина ме фасцинираше, и што никогаш нема да го заборавам:
    „Кога некој убиец ќе застрела ученици, никој не вели дека жртвите требало да бидат повнимателни. Никој не вели дека жртвите тој ден не требало да одат на училиште. Никој никогаш не ги обвинува тие жртви. Тогаш, зошто кога е нападната некоја жена, одговорноста паѓа на неа? „Камо да не си одела пеш дома.“, „Камо да не поминела низ паркот.“, „Камо да фатела такси.“ Кога се работи за силување, ми се чини дека постојано се користи тоа „камо“. Никој никогаш не зборува за мажот. Никој никогаш не вели „камо“ да не ја силувал. Секогаш се зборува за жената. Камо…“
    Жртвите на силување не се нападнати само еднаш (односно, само кога ќе бидат силувани), туку тоа е процес кој трае постојано, живеат со него. Емоционалната траума што ја доживува таа жртва, особено кога се потсетува и раскажува за деталите на дејството… Конкретно, за време на судењето. Буквално, нејзиното тело е ставено под микроскоп од страна на лекарите, начинот на кој ѝ се суди и на кој ќе ја гледаат сите оние кои ја познаваат. Срцепарателно.
    Доколку сè уште не сте ја прочитале Ноќно пливање, сторете го тоа! Дефинитивно е во мојата листа на топ 5 трилери/мистерии. Неверојатно моќна книга!

  3. :

    4 out of 5

    Пристоен, питок трилер. Не е лош, ама има многу подобри трилери. 3,5/5 😉