Многу одамна немав седнато да напишам рецензија за книга затоа што воопшто немам време и многу ми е жал – искрено ми недостига пишувањето рецензии – но следејќи ја индиректно продажбата на одредени наслови, забележав едно големо несогласување и се замислив. Имено, забележав дека еден од моите омилени трилери во изминатите неколку години, се продава океј, но не се продава ТОЛКУ колку што очекував, а повеќе се продаваат други книги кои мене лично не ми се ни на приближно исто ниво. И не се работи воопшто за продажбата, книгите вака или онака ќе се продадат, туку се работи за тоа дека во денешно време страшно тешко се наоѓа ОДЛИЧНА книга, особено кога си толку пребирлив читател како јас, па кога ќе пронајдам нешто олку добро, јас сакам да го споделам со сите и сакам приказната да ја прочитаат сите, па на крајот да можеме и меѓусебно да си коментираме и да дискутираме и да анализираме.
Па тоа ме натера да одвојам малку време и да ви кажам нешто повеќе за книгава…
Кетрин и Рејчел се пријателки од деца, сродни души, неразделни, не можат една без друга. Но книгата почнува со раскажување од гледна точка на Кетрин и одеднаш сфаќаме дека таа го планира убиството на нејзината најдобра пријателка. Зошто? Затоа што Рејчел, во еден краток момент на невнимание, има направено фатална грешка што резултирала со смрт на двете синчиња на Кетрин и таа веќе не е мајка, таа веќе не е нормална личност; таа е сенка од човек. И нема да се смири сè додека не ја натера Рејчел да плати за сè. Рејчел патем си живее убав живот со нејзиниот сопруг и нејзините две деца. Но не знаеме како ѝ е нејзе сè додека не стигнеме до третиот дел од приказната кој го раскажува токму таа.
Дејствието се одвива на Фолкландските Острови, кои се мирно место каде сите меѓусебно се познаваат и убаво си живеат, па кога одеднаш почнуваат да исчезнуваат деца кои сомнително многу личат на починатите синови на Кетрин, населението го фаќа хистерија. Можно ли е меѓу нив да постои монструм кој повредува деца или станува збор за несреќни трагедии? Патем, страшно беше интересно да се чита за Фолкландските Острови. Кетрин нурка и работи со морскиот свет, а мене ова ми беше првпат да читам за тие работи во книга и дознав многу интересни информации. Има еден особен трогателен дел со насукување на китови каде што е објаснето зошто и како китовите се насукуваат и умираат во огромни бројки. Но да се навратиме на сериските исчезнувања на децата… Рејчел веќе е црна овца поради случајот со двете загинати деца. За Кетрин одамна се шпекулира дека го изгубила умот откако ги изгубила синовите. Но која од двете поранешни најдобри пријателки е поопасна? Или можеби станува збор за некој сосема друг… Навистина нема да погодите сè до последната страница. Крајот беше спакуван во неколку огромни изненадувања за мене. Дознаваме кој ги киднапира децата, дознаваме како Рејчел ја направила грешката што ја направила за да починат синовите на Кетрин, дознаваме што се случува со последното, најважното, исчезнато дете и дознаваме зошто Кетрин и самата носи вина за смртта на нејзините деца. Значи ова не е еден од оние крвави, хард кор трилери како Девојката Врана или Алекс; ова е целосна приказна каде што има сè: заплет, пресврти, емоции, човечки односи, неизвесност…
Она што посебно ми се допадна во оваа книга беше тоа што низ целата трилер приказна имаше и некоја љубовна нишка затоа што има и трет машки лик кој има значајно минато со Кетрин и сега повторно е тука во целата истрага. Имам прочитано четири или пет книги од Шерон Болтон, но оваа ми е УБЕДЛИВО најдобра. Болтон за мене е нов мајстор за трилери. Ви ја препорачувам од срце и едвај чекам да си размениме некој коментар за приказната!
Нина – :
Предобар трилер, се чита во еден здив…со малку избрзан крај…
Вреди да се прочита…
saramastoridis – :
Одличен трилер со разочарувачки и избрзан крај.
Стефани – :
Ми беше супер трилерче,ама крајот ептен ме разочара.Целата книга и приказна одлично скроена,заплетите перфектни,на моменти ти се одзема здивот,за на крај со трчање колку да се напише нешто.Мислам дека да имаше уште неколку страни плус дообјаснување,приказната ќе беше врвна.Секако вреди да се прочита.😊
Слаѓан – :
Се чита страшно брзо (не повеќе од два дена), има супер пресврт што воопшто не го очекував!
Одличен заплет, убаво е доловена психолошката состојба на ликовите, лесен стил на пишување; ја препорачувам 🙂
Milka – :
Ovekuvav poveke. Precenata
popovska.monika – :
Предобар трилер. Неочекуван крај
Денис – :
Врв
Наталија – :
Врвен трилер, го прочитав на едно седнување.
Maja – :
Добар трилер Можеби ќе му дадев повеќе ѕвезди да не беше чувството дека некој ме лажел цело време. Така се осетив со оваа книга и тоа е она што ми пречи кај психолошките трилери кои се пишуваат во последно време. Така е ама не е така. И оној diary thing… Во последно време сите книги го имаат. кај Ејми ја нема ми беше совршено прикажан, тука ми беше таа приказна полна со нелогичности… давање на дневнкот, па повторно враќање…како и да е интересен plot, и во секој случај брзо се впива приказната.
Магдица Минов (го има купено овој производ од сајтот) – :
Ако ова е прво дело на авторот, што ќе биде следно? Предобар трилер кој не се испушта од рака, а крајот непредвилив.