Веќе се докажа дека сите си ги сакаме овие книги во стилот на „Очајни домаќинки“… Стилот на Ејми Молој во книгава ме потсетуваше на Мориарти, а самото тоа што се работи за 4-5 жени уште повеќе го засили впечатокот. Ја читав книгава уште кога не беше официјално излезена и мило ми е поради тоа, бидејќи немаше простор туѓи мислења и оцени да влијаат на оформување на мојата. Сега гледам дека веќе има оцени од скоро 30.000 читатели на GR, но мојата оцена дефинитивно е повисока од групната.
Книгава годинава беше нарекувана „најисчекувана книга на летото“, а наскоро ќе биде и филм со Кери Вашингтон во главната улога. Станува збор за доста заразен психолошки трилер за група жени кои се зближуваат кога исчезнува новороденчето на едната од нив, бидејќи се членови на истата група на мајки кои се сретнуваат во градскиот парк секоја недела. Бидејќи целите животи сега им се вртат само околу бебињата, се договараат една вечер да излезат сами и да се олабават малку. Едната од нив, самохраната мајка Вини, не е расположена да го остави бебето со дадилка, но сите останати ја убедуваат дека сè ќе биде океј, па таа најпосле попушта. И вечерта додека тие се излезени, нејзиното бебе го снемува од дома. И сега знаете, следи паника и вперување прст – сите бараат виновник за едно или за друго, некој мора да ја понесе вината. Новинарите ѝ се сипуваат најпрво на мајката; како можела да го остави новороденчето со непозната, каде била таа вечерта, кој е татко на бебето и така натаму.
Ова не е една од оние книги со нови пресврти во секоја глава, па можеби затоа некои очекувале повеќе од неа – не, овде дејствието е повеќе водено од ликовите и ако се поврзеш со нив како што треба, тогаш приказната се чита за една вечер, просто не ти се остава. Ја имаме најпрво Нел, која цела книга ме засмеваше со саркастичната смисла за хумор, но која очигледно крие некоја голема тајна од сите. Потоа Колет, која очигледно има прекрасен маж и доста пари, но и храброст што може да ѝ донесе големи проблеми. И на крај, симпатичната Френси, паничарката која најмногу се вознемирува од киднапирањето, до степен што почнува да станува дури и сомнителна. Дали е Френси толку невина колку што се прави или…?
Оваа книга многу добро овозможува да се ѕирне како е во животот на секоја тазе мајка и одлично покажува дека не постои такво нешто како „совршена мајка“. Најмногу ќеф ми направи крајот – да бидам искрена, не го очекував; очекував нешто тотално друго, а тоа дефинитивно е достигнување, нешто од трилери да ме изненади мене. Плус, пак си заплакав малку за негативецот – тоа е таа тежина кога ќе успее да те погоди приказна. Па, се надевам дека ќе ја прочитате и дека ќе ја доживеете како и јас. Едвај чекам да го гледам филмот!
katuskaskopje – :
„Книжевниот свет веќе има огромен број успешни детективски книги, но верувам дека и Кара Хантер ќе го најде своето место меѓу сите нив со овој ОДЛИЧЕН дебитантски роман“ – ова го прочитав некаде пред да почнам да ја читам книгава и не можам, а да не се согласам со секој збор. Ретко пишувам рецензии, но книгава ме импресионира и си реков да ги споделам впечатоците со вас.
За време на вечерна прослава, осумгодишната Дејзи Мејсон како да ја проголтала земјата. На забавата имаше многу гости – другарчиња од училиште и нивните родители, соседи, а сепак никој ништо не видел, никој ништо не знае. Дури ни нејзините родители не можат да се сетат кога последен пат ја виделе ќерка си таа вечер. Инспекторот Адам Фоли и неговата екипа треба да ги спојат парчињата од сложувалката за да ја спасат Дејзи пред да биде предоцна.
Во случаи како овој, сомнежот секогаш најпрво паѓа врз НЕКОЈ БЛИЗОК. По разговорот со родителите, инспекторот Фоли е убеден дека секој од нив по нешто крие. Мајката на Дејзи е незаинтересирана жена, која се чини дека повеќе се грижи за својот изглед отколку за фактот што нејзината ќерка исчезнала, а татко ѝ е сосема непријателски настроен, прилично ладен тип на човек. Очите на инспекторот внимателно и постојано го набљудуваат Лео, десетгодишниот брат на Дејзи, кој очигледно се плаши од нешто или од некого и не сака да ги сподели информациите што ги знае.
Во текот на истрагата, преку ретроспективи, постепено добиваме нови информации за ова сложено семејство и за причините што довеле до исчезнувањето на Дејзи. Многу ми се допадна тоа што вистината се открива буквално во последните неколку страници.
Станува збор за навистина ОДЛИЧЕН трилер. Приказната е крајно привлечна, а ликовите (иако не секогаш допадливи) се сосема веродостојни. Самиот стил на авторката те „вози“, не ти дава да престанеш да читаш. Немаше ниту еден досаден дел. Инспекторот Фоли и неговата екипа работеа неуморно во потрагата по Дејзи. А најинтересно е тоа што темпото на дејството воопшто не престанува.
Мислам дека ова е еден од ретките трилери во кои толкупати се „предомислував“ во тоа кој може да биде сторителот. Топла препорака за сите љубители на крими-трилери.