Веќе се докажа дека сите си ги сакаме овие книги во стилот на „Очајни домаќинки“… Стилот на Ејми Молој во книгава ме потсетуваше на Мориарти, а самото тоа што се работи за 4-5 жени уште повеќе го засили впечатокот. Ја читав книгава уште кога не беше официјално излезена и мило ми е поради тоа, бидејќи немаше простор туѓи мислења и оцени да влијаат на оформување на мојата. Сега гледам дека веќе има оцени од скоро 30.000 читатели на GR, но мојата оцена дефинитивно е повисока од групната.
Книгава годинава беше нарекувана „најисчекувана книга на летото“, а наскоро ќе биде и филм со Кери Вашингтон во главната улога. Станува збор за доста заразен психолошки трилер за група жени кои се зближуваат кога исчезнува новороденчето на едната од нив, бидејќи се членови на истата група на мајки кои се сретнуваат во градскиот парк секоја недела. Бидејќи целите животи сега им се вртат само околу бебињата, се договараат една вечер да излезат сами и да се олабават малку. Едната од нив, самохраната мајка Вини, не е расположена да го остави бебето со дадилка, но сите останати ја убедуваат дека сè ќе биде океј, па таа најпосле попушта. И вечерта додека тие се излезени, нејзиното бебе го снемува од дома. И сега знаете, следи паника и вперување прст – сите бараат виновник за едно или за друго, некој мора да ја понесе вината. Новинарите ѝ се сипуваат најпрво на мајката; како можела да го остави новороденчето со непозната, каде била таа вечерта, кој е татко на бебето и така натаму.
Ова не е една од оние книги со нови пресврти во секоја глава, па можеби затоа некои очекувале повеќе од неа – не, овде дејствието е повеќе водено од ликовите и ако се поврзеш со нив како што треба, тогаш приказната се чита за една вечер, просто не ти се остава. Ја имаме најпрво Нел, која цела книга ме засмеваше со саркастичната смисла за хумор, но која очигледно крие некоја голема тајна од сите. Потоа Колет, која очигледно има прекрасен маж и доста пари, но и храброст што може да ѝ донесе големи проблеми. И на крај, симпатичната Френси, паничарката која најмногу се вознемирува од киднапирањето, до степен што почнува да станува дури и сомнителна. Дали е Френси толку невина колку што се прави или…?
Оваа книга многу добро овозможува да се ѕирне како е во животот на секоја тазе мајка и одлично покажува дека не постои такво нешто како „совршена мајка“. Најмногу ќеф ми направи крајот – да бидам искрена, не го очекував; очекував нешто тотално друго, а тоа дефинитивно е достигнување, нешто од трилери да ме изненади мене. Плус, пак си заплакав малку за негативецот – тоа е таа тежина кога ќе успее да те погоди приказна. Па, се надевам дека ќе ја прочитате и дека ќе ја доживеете како и јас. Едвај чекам да го гледам филмот!
Ана Ѓурова – :
,,Надвор од контрола (Амок)”
,,Чудно, но мислам дека најдобрата и најсигурна маска е секогаш чистата и гола вистина. Бидејќи никој не верува во неа.”
Фицек е мајстор на психолошкиот трилер, кој го влече читателот длабоко во приказната за да му приреди невидени пресврти. ,,Амок” е извртено, експлозивно, застрашувачко, мистериозно, но и забавно дело. Нешто слично како ролеркостер, ќе ви приреди такво возење во кое дефинитивно ќе се забавувате и покрај многуте пресврти и повеќеслојните ликови. Максимално уживање од почеток до крај, ќе ве издигне на страшна угорница, па со необично свртување ќе ве спушти по стрмна удолница, а може да ви направи и инверзија.
Добро развиените ликови, нивните приказни, заплетите кои течат со брзо темпо, интересните пресврти, а пред се’ наративот, го туркаат читателот напред и му нудат интриги, мистерии, на крај и неверојатен заговор. Кратките поглавја мамат да читате без пауза, ,,само уште малку”, ,,само уште една глава” и ви го привлекуваат вниманието до самиот крај.
,,Во нашата претстава, ние откриваме какви луѓе сме.”
Темелно уживав во оваа приказна, очајно сакав да знам што се случува до крај. Дејството се случува во радио- станица, каде психопат држи заложници и емитува во живо преку радио брановите.Има едно барање да му ја донесат неговата свршеница која починала пред неколку месеци. Но, тој тврди дека таа е жива и сака да ја види. И во вакви случаи на сцена стапува криминален психолог(преговарач) и од тој миг приказната добива неочекуван тек и за киднаперот, и за заложниците, но и за психологот.Како приказната напредува почнуваат да се провлекуваат многу неодговорени прашања. Што навистина се случува? Кому може да му се верува? Што се случило со свршеницата на киднаперот? Дали навистина е мртва или жива како што тврди тој? И најбитното, каков заговор се крие позади сето ова? Кој се’ е вмешан? И што може да се случи кога се’ ќе излезе надвор од контрола?
Браво за Фицек! Не знам од каде ги добива овие идеи, но ќе признаам дека му се одлични.
Зошто во одредени моменти се’ излегува ,,Надвор од контрола”, зошто доаѓа до ,,Амок”, Ви препорачувам да ја прочитате книгата и се’ што треба за ова однесување ќе дознаете.