-
Крис Картер
ЈАС СУМ СМРТ #7
од: Крис КартерСедум дена по нејзиното киднапирање, го наоѓаат телото на дваесетгодишна жена во празниот дел на меѓународниот аеродром на Лос Анџелес. Телото е поставено со раширени раце и нозе, во форма на петокрака човечка ѕвезда.
Обдукцијата открива дека таа била измачувана и убиена на најбизарен можен начин. Но изненадувањата не завршуваат тука. Убиецот исто така сака да си игра и им има оставено нешто на полицајците.
Детективот Роберт Хантер, кој ја води специјалната единица за ултра насилни злосторства, повторно е назначен да го води случајот. Но речиси уште пред да почне, се појавува и второ тело.
Соочувајќи се со нови предизвици секој Божји ден, детективот Хантер сфаќа дека брка чудовиште. Предатор чие минато крие ужасна тајна и чија желба да повредува и убива луѓе никогаш не може да биде згасната, бидејќи тој е… СМРТ.
520 ден442 ден

-
Попуст!4.71 out of 5Мали црни лаги од: Шерон Болтон
Многу одамна немав седнато да напишам рецензија за книга затоа што воопшто немам време и многу ми е жал – искрено ми недостига пишувањето рецензии – но следејќи ја индиректно продажбата на одредени наслови, забележав едно големо несогласување и се замислив. Имено, забележав дека еден од моите омилени трилери во изминатите неколку години, се продава океј, но не се продава ТОЛКУ колку што очекував, а повеќе се продаваат други книги кои мене лично не ми се ни на приближно исто ниво. И не се работи воопшто за продажбата, книгите вака или онака ќе се продадат, туку се работи за тоа дека во денешно време страшно тешко се наоѓа ОДЛИЧНА книга, особено кога си толку пребирлив читател како јас, па кога ќе пронајдам нешто олку добро, јас сакам да го споделам со сите и сакам приказната да ја прочитаат сите, па на крајот да можеме и меѓусебно да си коментираме и да дискутираме и да анализираме.
Па тоа ме натера да одвојам малку време и да ви кажам нешто повеќе за книгава…
Кетрин и Рејчел се пријателки од деца, сродни души, неразделни, не можат една без друга. Но книгата почнува со раскажување од гледна точка на Кетрин и одеднаш сфаќаме дека таа го планира убиството на нејзината најдобра пријателка. Зошто? Затоа што Рејчел, во еден краток момент на невнимание, има направено фатална грешка што резултирала со смрт на двете синчиња на Кетрин и таа веќе не е мајка, таа веќе не е нормална личност; таа е сенка од човек. И нема да се смири сè додека не ја натера Рејчел да плати за сè. Рејчел патем си живее убав живот со нејзиниот сопруг и нејзините две деца. Но не знаеме како ѝ е нејзе сè додека не стигнеме до третиот дел од приказната кој го раскажува токму таа.
Дејствието се одвива на Фолкландските Острови, кои се мирно место каде сите меѓусебно се познаваат и убаво си живеат, па кога одеднаш почнуваат да исчезнуваат деца кои сомнително многу личат на починатите синови на Кетрин, населението го фаќа хистерија. Можно ли е меѓу нив да постои монструм кој повредува деца или станува збор за несреќни трагедии? Патем, страшно беше интересно да се чита за Фолкландските Острови. Кетрин нурка и работи со морскиот свет, а мене ова ми беше првпат да читам за тие работи во книга и дознав многу интересни информации. Има еден особен трогателен дел со насукување на китови каде што е објаснето зошто и како китовите се насукуваат и умираат во огромни бројки. Но да се навратиме на сериските исчезнувања на децата… Рејчел веќе е црна овца поради случајот со двете загинати деца. За Кетрин одамна се шпекулира дека го изгубила умот откако ги изгубила синовите. Но која од двете поранешни најдобри пријателки е поопасна? Или можеби станува збор за некој сосема друг… Навистина нема да погодите сè до последната страница. Крајот беше спакуван во неколку огромни изненадувања за мене. Дознаваме кој ги киднапира децата, дознаваме како Рејчел ја направила грешката што ја направила за да починат синовите на Кетрин, дознаваме што се случува со последното, најважното, исчезнато дете и дознаваме зошто Кетрин и самата носи вина за смртта на нејзините деца. Значи ова не е еден од оние крвави, хард кор трилери како Девојката Врана или Алекс; ова е целосна приказна каде што има сè: заплет, пресврти, емоции, човечки односи, неизвесност…
Она што посебно ми се допадна во оваа книга беше тоа што низ целата трилер приказна имаше и некоја љубовна нишка затоа што има и трет машки лик кој има значајно минато со Кетрин и сега повторно е тука во целата истрага. Имам прочитано четири или пет книги од Шерон Болтон, но оваа ми е УБЕДЛИВО најдобра. Болтон за мене е нов мајстор за трилери. Ви ја препорачувам од срце и едвај чекам да си размениме некој коментар за приказната!
-
Попуст!4.83 out of 5Дете 44 од: Том Роб Смит
Кога стравот го замолчува целиот народ, еден човек мора да ја каже вистината.
Во Советскиот Сојуз на Сталин не постои такво нешто како злосторство. А милиони луѓе сепак живеат во страв. Најмал сомнеж за нелојалност или погрешен збор кажан во погрешно време може да осуди невина личност на смрт. Лео Демидов, воен херој со прекрасна сопруга и идеалист, живее во луксуз во Москва и верува дека помага во создавањето на совршено општество. Негова единствена цел е да ѝ служи на Државата. Во тоа име апси, испрашува и убива. Меѓутоа, по погубувањето на еден невин човек, Лео почнува да се сомнева, а набрзо добива наредба под исто сомнение да спроведе истрага и за својата сопруга, Раиса. Тој е принуден да донесе одлука на чија страна е. Дали е подготвен за доброто на Државата да се откаже од својата преубава жена и да ја обвини? Дали неговата сопруга која изгледа така кротко и наивно навистина е жената која тој мисли дека е? Одлуката не е лесна, бидејќи и покрај тоа што многумина би можеле да го сметаат за животно, тој вистински ја сака Раиса.
Тогаш се случува невозможното. Во земјата во која „не постои злосторство“ се појавува сериски убиец на деца кој остава крвава, перверзна трага низ целата држава. Но како да се фати ова чудовиште во држава која воопшто не сака да признае дека такво нешто е можно? Лео почнува своја истрага, а како завршува истата веројатно не би можеле да погодат ни најголемите љубители на трилери…
Ви препорачуваме да го прочитате ова маестрално дело пред филмската премиера подоцна годинава!
-
Попуст!4.67 out of 5Исчезната без трага од: Шеви Стивенс
Едно топло летно утро, кога Ени – триесет и две годишна агентка за продажба на недвижнини – го напушта својот дом за да оди на презентација на куќа, таа има само три цели: да ја продаде истата куќа, да заборави на караницата со мајка ѝ од тоа утро и да стигне навреме за вечерата со нејзиното фино и трпеливо момче. Презентацијата на куќата не оди сјајно, па кога последниот посетител пристигнува баш кога Ени се подготвува да си замине, таа помислува дека среќата конечно ќе ѝ се насмевне. Реалноста е далеку од тоа.
Половина горчлива драма, половина неизвесен трилер, Ени ја раскажува својата приказна низ сесии со нејзиниот психијатар. Една година помината во напуштена планинска колиба, една година киднапирана, тепана, изолирана, силувана, малтретирана и брутализирана. И потоа, по нејзиното конечно ослободување, таа почнува да бара одговори на прашањето: Зошто? Но некои прашања е подобро да останат неодговорени…
Низ сесиите со психијатарот и во соработка со полицијата, Ени полека почнува да дознава некои работи, а ние – заедно со неа – почнуваме да се сомневаме буквално во секоја од нејзините најблиски личности.
Исчезната без трага е реткост помеѓу трилерите: искрена, директна, шокантна, брутална книга преведена на 25 јазици…
„Често гледаме лица на убави, насмеани исчезнати жени на насловните страници. Си велиме: Кутрата жена… Но никогаш не ни паѓа на ум дека следната насловна би можела да ја носи нашата слика…“
-
Попуст!4.86 out of 5Јас те сакам повеќе од: Лиса Гарднер
КОГО САКАШ?
Едно прашање, минијатурно делче од секундата и Брајан Дарби паѓа мртов на кујнскиот под во својата куќа. Неговата сопруга, државната полицајка Теса Леони, тврди дека го застрелала во самоодбрана, а нејзиното модро лице и скршени коски ја поддржуваат таа приказна. За искусната детективка Ди Ди Ворен, случајот е прилично јасен. Само што… каде е нивната шестгодишна ќеркичка?
И КОЛКУ ДАЛЕКУ БИ ОДЕЛЕ ВИЕ…
Детективите ја започнуваат потрагата по девојчето додека истовремено се трудат да ги откријат сите семејни тајни. Дали една тренирана полицајка навистина би си го застрелала сопругот? Зошто? И дали една мајка е способна да го повреди сопственото дете?
… ЗА ДА ЈА СПАСИТЕ?
За Теса Леони, најлошото следува дури сега. Таа чекори по тенко јаже, не може да побара помош од никој, не смее никому да верува. Таа има само една цел и планира да ја искористи секоја секунда тренинг за да дојде до неа. Ниедна жртва не е преголема, ниедно дело не е незамисливо. Мајката знае кого сака…
Уште нема коментари за овој производ.