• img-book

ЉУБОВТА ТРАЕ ТРИ ГОДИНИ

Љубовта е однапред загубена битка.

На почетокот сè е убаво, дури и вие самите. Не паметите дека некогаш сте биле толку вљубени. И сосем лесно го носите својот товар со чуда. Никој на планетата Земја не осознал такво задоволство. Среќата е тука и едноставна е – таа има лице. Вселената се насмевнува. Цела година вашиот живот ќе биде низа од сончеви утра. За тоа пишувате книги. А потоа се соземате – зошто човек да мисли кога е среќен? Од премногу размислување станувате тажни; а треба да му се препуштите на животот.

Втората година нештата почнуваат да се менуваат. Сте станале нежни. Се гордеете со заедништвото што се вкоренило во вашето секојдневие на двојка. Луѓето на улица мислат дека вашата жена ви е сестра: тоа ви ласка, ама и влијае врз вас. Сè поретко водите љубов и сметате дека тоа не е причина за загриженост. Убедени сте дека со секој изминат ден вашата љубов е сè поцврста, иако неумоливо се приближува крајот на вашиот свет. Пред своите другари ергени, кои не можат повеќе да ве препознаат, ја браните институцијата брак. А дали самите сте сигурни дека се препознавате себеси додека ја рецитирате лекцијата што сте ја научиле напамет, воздржувајќи се притоа да не се загледувате во девојките по кои сите се вртат?

Тече веќе третата година и вие повеќе не се воздржувате да гледате по девојките. Со сопругата речиси и не разговарате. Со часови седите во ресторан слушајќи што разговараат на соседната маса. Сè почесто излегувате заедно: тоа ви доаѓа како оправдување повеќе да не се дупите. Наскоро доаѓа и оној момент кога не можете повеќе да ја поднесувате сопствената жена, ниту една единствена секунда, затоа што сте се вљубиле во друга. Не сте се измамиле само во едно: животот го има последниот збор.

Љубовта е величествено паѓање во бездна: кога знаеш дека ќе удриш со главата во ѕид, а сепак трчаш сè побрзо; кога јуриш во пропаст, а на усните имаш насмевка; кога љубопитно го исчекуваш моментот кога сè ќе отиде по ѓаволите. Љубовта е единствената програмирана измама, единствената предвидлива несреќа на која ѝ се враќаме, која повторно и повторно ја бараме.

300 ден

Моментално недостапна

За книгата

“ЉУБОВТА ТРАЕ ТРИ ГОДИНИ”

Уште нема коментари за овој производ.