Сара Џио како автор за првпат се појави во 2011 година со книгата The Violets of March и уште со таа книга, почна еден интересен феномен, односно читателите почнаа да ја нарекуваат „feel-good author“, а нејзините книги „feel-good“ книги. Морав да се изразам вака, бидејќи буквален превод немам, но се мисли на тоа дека огромен дел од читателите велат дека едноставно се чувствуваат некако убаво додека ги читаат нејзините приказни. Ова веројатно произлегува од тоа што нејзините книги се некако топли, ликовите мили и убаво опишани дури и кога на моменти се малку наивни или недопадливи, приказните речиси секогаш со двојна нарација за забранета љубов или љубов во време на војна или љубовници од различни класи и така натаму. Некои читатели ги споредуваат нејзините книги со книгите на Лусинда Рајли и Кристин Хана, а други пак велат, „Џио ми е мала, безобразна тајна. Нејзините книги понекогаш мe потсетуваат на сапуници, во позитивна смисла, и не можам да престанам да ги читам“.
Во изминативе 6 години, нејзините книги се преведени во 30 земји и таа веќе има милиони обожаватели. Со оглед на тоа дека Зима со мирис на капини ѝ е една од најпопуларните и најубавите книги, ние решивме да почнеме од неа па да продолжиме понатаму со другите.
И во оваа книга имаме двојна нарација, паралелно ни раскажуваат две жени; двете од Сиетл, само едната живее во 1933, а другата во 2010 година. Самохраната мајка Вера Реј има тригодишно синче, кое навечер со тешко срце го заклучува само дома, бидејќи нема кој да ѝ го чува кога е трета смена во хотелот каде што работи како собарка. Еднаш дури и го има однесено на работа со себе, но не смее веќе да ризикува затоа што и без тоа не им стигаат средства за трошоци и кирија, па не може да си дозволи да ја изгуби работата. Кога излегува од работа следното утро, гледа дека градот го покрил голем снег, иако е месец мај. Кога стигнува дома открива дека нејзиниот син исчезнал во текот на ноќта. Надвор, го наоѓа неговото сакано мече фрлено на подмрзнатата улица, а снегот веќе ги има скриено неговите стапки, како и на личноста што го зела. Вера е избезумена, не знае каде да се обрати и што да направи за да си го најде детето. Додека трага по него, паралелно ни ја раскажува приказната за љубовта со таткото на Даниел, богатиот Чарлс.
Осумдесет години подоцна, новинарката Клер Олдриџ добива задача да пишува за снежната бура, чуден феномен во мај кој се случил и во 1933 и така дознава за нерешениот случај со киднапирање дете, па си се заколнува дека ќе ја открие вистината. Во меѓувреме се труди да се опорави од лична трагедија и да си го спаси бракот кој стои на стаклени нозе. Во процесот дознава дека таа и Вера може да се поврзани на неочекуван начин…
Да не откривам повеќе, останува на вас да дознаете што се случило со Даниел, со Вера и Чарлс, со Клер и нејзиниот сопруг, како и другите ликови што имаат своја улога. За крај можам само да им ја препорачам книгата на сите оние кои сакаат убава драма, особено во зимските денови.
Уште нема коментари за овој производ.