-
4.5 out of 5Го сакам Лондон од: Линдзи Келк
Домот е таму каде што е и срцето. Така?
Анџела Кларк е апсолутно вљубена во Америка, а се чини дека и Америка конечно почнува да ја засакува неа. И покрај тоа што нејзиниот вистински дом е Лондон, и покрај тоа што во Њујорк таа помина низ куп бурни авантури со нејзиното момче, со неуспешното наоѓање работа и со истекувањето на нејзината виза, работите конечно тргнуваат на добро за неа во најубавиот град на светот. Работата од соништата ѝ е речиси во рака, свршеничкиот прстен од момчето од нејзините соништа ѝ е на рака и сѐ е одлично.
Само што… таа сега нема избор, освен да се врати во Лондон. А таа идеја ја вади од памет и покрај тоа што се работи само за неколку дена. Зошто? Па таму е нејзиниот поранешен свршеник Марк, типот од кој побегна кога замина во Њујорк. И таму е нејзината најдобра пријателка од детството со своето ново страшно бебе. И мајка ѝ која сѐ уште ѝ зборува како да има петнаесет години. Помеѓу другото, се шушка и за свадба. А сите ние многу добро знаеме каква среќа имаше Анџела со минатите свадби.
Во оваа последна книга ќе се сретнете речиси со сите ликови кои се појавија во серијалот – приказната завршува за сите нив. Анџела, Алекс, Џени, Сади, Џејмс, Грахам, Грег, Луиза, Тим, Марк, родителите на Анџела и многу други. А каде што има многу ликови, таму мора да има голема збрка. Добро, Анџела не е Анџела ако не направи голема збрка и ако не ја заврши приказната во свој стил.
Крајот на серијалот „Го сакам…“ – книгата Го сакам Лондон е вистинска цреша на шлагот.
-
5 out of 5Нека победи подобриот од: Џули Џејмс
САМОУВЕРЕНА. БЕЗОБРАЗНА. НЕПОБЕДЛИВА…
Пејтон Кендал: феминистка до коска која дава сè од себе за да успее во професијата во која доминираат мажи. Осум години, ден и ноќ, работни денови и викенди, без одмори и паузи, таа има само една цел пред себе – да биде унапредена во партнер.АМБИЦИОЗЕН. НАДМЕН. ЗГОДЕН КАКО ЃАВОЛ…
Џеј Ди Џејмисон: богато семејство, гламурозен стил на живот, амбициозен и професионален, најдобар во својата работа. Осум години, ден и ноќ, работни денови и викенди, без одмори и паузи, тој има само две цели пред себе – да биде унапреден во партнер… и да ја игнорира Пејтон. Осум години глума и цивилно однесување кога тие двајцата се наоѓаат во присуство на други луѓе. Осум години омраза и војна додека се наоѓаат зад затворени врати иако двајцата знаат дека има две партнерски позиции и нема потреба од војна.И одеднаш, пресврт! Доаѓа известувањето дека нема две туку само една позиција за унапредување!
Па, нека победи подобриот!
-
4.5 out of 5Флерт, уцени и високи потпетици од: Маја Божиновска
Топол и автентичен тон ве зграбува уште од првата страница, како да сте посегнале по книга од веќе добро оформен и етаблиран автор, а не сосема ново име на македонската книжевна сцена. Страница, две, три – ненаситно ги пиев редовите, не можејќи да поверувам каква оригиналност, каква својственост, каква приказна ми падна в раце.
Приказната почнува со љубовна средба на млад пар на брегот на Беровското Езеро и по тонот веднаш се насетува дека станува збор за забранета љубов. Авторката полека ни ја доближува сцената, потег по потег со нејзината раскошна литературна четка на платното, и сфаќаме дека се работи за млад човек кој во прегратка ја држи вереницата на неговиот најдобар пријател.
Веќе заробени од оваа интригантна приказна, во следната глава ја запознаваме малку несмасната, но крајно симпатична хероина, Викторија. Таа се бори да најде работа по завршувањето на факултетот, но брзо станува свесна дека тоа нема да ѝ успее на оној најчесниот начин, па кога со помош на игра на судбината налетува на фотографии кои не се наменети за нејзини очи, решава да го искористи тоа.
Излегува дека човекот од фотографиите кој држи туѓа вереница в прегратка е директор на маркетинг агенција, каде што таа не добива работа, иако е најквалификувана. Викторија одлучува за првпат во животот да покаже заби и му се заканува на младиот директор дека доколку не го добие тоа што праведно ѝ следува, ќе го разоткрие пред неговиот најдобар пријател и бизнис партнер. Немајќи друг избор, директорот на маркетинг агенцијата ѝ го нуди работното место и оттука почнува да се плете една богата таписерија од оригинални ликови и емоции што го држи читателот в рака од прва до последна страница.
Просто е неверојатно дека еден автор дебитант може да има ваков стил, ваков тек на мисли. Самата приказна тече природно и неизбрзано, градацијата е одлична, а перипетијата и расплетот страшно задоволувачки. Флерт, уцени и високи потпетици е модерна македонска приказна што вреди да биде прочитана од страна на секој домашен читател, затоа што оваа приказна е нешто блиско за нас, нешто што има моќ да им се пикне под кожа на многумина. Ова е македонски чик лит во најдобрата смисла на зборот!
-
Пламен на страста
270 ден
Моментално недостапна
Уште нема коментари за овој производ.