Сè уште нема. Проверете повторно за некое време.
Оваа книга годинава беше на едно од првите три места на сите можни позначајни избори, награди, листи на најпродавани книги, па ја грабна дури и наградата Costa Book, 2017. Слушнав дека правата за филм веднаш ги лапнала брилијантната Рис Витерспун која очигледно си има зададено цел во изминатите неколку години да направи филмски верзии од сите најголеми книжевни хитови, а веќе ги погледнавме: Големи мали лаги (Big little lies) и Ејми ја нема (Gone girl). Искрено, едвај чекам да видам како ќе изгледа ова дело на големите екрани!
Долго се мислев дали воопшто да ја прочитам книгава и покрај сите награди и нездраво добри рејтинзи; искрено, оригиналната корица со некоја матна жена во портокалова блуза ич не ме привлекуваше. Мислев дека е некоја тешка, претенциозна глупост. На крајот, сепак решив да ѝ дадам шанса и кога ја почнав, не можев да ја оставам сè додека не ја дочитав доцна во ноќта. Ајде малку за книгата!
Запознајте ја Еленор Олифант. Таа е девојка со тајни со кои не може да се соочи цел живот. Таа си има проблем со социјалните вештини и има обичај да го кажува баш тоа што го мисли. Иако не се потенцира во книгата, мислам дека Еленор е некаде на спектарот на аутизмот, можеби со Аспергеров синдром – нејзиното однесување ќе им биде познато на сите што гледаат The big bang theory и го сакаат Шелдон. Таа се убедува себеси дека ништо не недостига во нејзиното внимателно испланирано време каде што викендите се посветени на замрзната пица, вотка и телефонски разговори со Мама. Сево ова значи дека Еленор е станата роб на навиките, а и малку осамена. Но сè се менува кога Еленор го запознава Рејмонд, пелтечавиот и несреден тип од ИТ во фирмата каде што таа работи. Кога таа и Рејмонд заедно го спасуваат Семи, еден постар човек кој доживува незгода на улица, тројцата стануваа еден вид на пријатели кои меѓусебно се спасуваат од изолацијата во која живеат.
Низ низа горко слатки и траги комични моменти, големото срце на Рејмонд ќе ѝ помогне на Еленор да најде начин да го поправи нејзиното крајно оштетено срце. А ако таа конечно успее да се соочи со тајните што ги крие, можеби ќе успее да најде и пријателство, па можеби дури и љубов.
Можеби на некои луѓе книгава ќе им биде чудна, можеби Еленор ќе им биде чудна и самата ќе речам дека не е за секого, не е за луѓе со малку позатапени емоции, не е за луѓе кои не знаат ништо за аутизмот и луѓето со социјални анксиозности. Треба да имате срце и мека душичка за да се поврзете со незамисливата, а сепак пресимпатична Еленор која просто не може да излезе од дома без да навреди некого, иако не е ни свесна за тоа. Мислам дека тоа всушност е најголемиот трик што го има направено госпоѓата Ханимен со оваа книга, има успеано да направи читателите да се заљубат во лик кој дава сè од себе да биде недопадлив. Тоа не е лесна задача!
Инаку, дејствијата течат одмерено и природно со некое тамамско темпо, а мистеријата за тајните на Еленор што се плете до самиот крај додава една нова димензија на приказната што цело време држи во неизвесност. На крајот, ја читаш последната реченица, воздивнуваш и воодушевено ја лепиш книгата за гради. Кога така се завршува една книга, со целосно исполнета душичка, не можам да не им ја препорачам на сите што ги познавам. Па, луѓе, што чекате? Фаќајте се за Еленор Олифант е океј.
Скриена во најмрачниот агол создаде илјадници обожаватели ширум светот, однесе неколку поважни награди и заслужено доби превод во 32 земји. Што е она што ги маѓепса читателите на оваа книга?
Пред четири години…
Кетрин Бејли премногу долго ужива во животот како слободна девојка за да може да препознае добар тип кој вреди да се задржи за конечно да се почне нешто сериозно. Прекрасниот, харизматичен и спонтан Ли изгледа премногу совршен за да биде реален. А нејзините пријателки очигледно се согласуваат, бидејќи секоја една од нив паѓа на неговиот шарм. Но она што почнува како силна привлечност и страсен секс се претвора во нездрава љубомора и Кетрин сфаќа дека Ли има и една друга, многу помрачна страна. Неговото агресивно и посесивно однесување почнува страшно да ја плаши, но никој не ѝ верува кога таа ќе ги сподели своите стравови. Контролирана во секоја секунда од денот и изолирана од сѐ, скриена во најмрачниот агол од нејзиниот свет, очајната Кетрин прави план за бегство.
После четири години…
Ли е зад решетки, а Кетрин – сега Кети – опседнато ги проверува вратите и прозорите од нејзиниот стан, бидејќи не верува никому. Но кога атрактивниот сосед, Стјуарт, влегува во нејзиниот живот, Кети конечно се осмелува да се надева дека љубовта и среќата можеби се можни и после сѐ… до денот кога добива телефонски повик со известување дека Ли наскоро излегува од затвор. До денот кога почнува да наоѓа преместени предмети низ својот стан… еден од старите трикови на Ли. Уверена дека тој е вратен, Кети се подготвува овој пат да се бори со демоните од своето минато.
Делумно драма, делумно романса, делумно морничав, опсесивен трилер – оваа книга ќе ви зададе тешка задача доколку сакате да ја оставите сред читање. Иако почнуваме да ја читаме со прилично добра претстава за тоа што се случува според описот на задната корица, книгата паралелно раскажува за двете времиња: пред четири години и после четири години и ве влече да дознаете што се случувало во секој Божји ден. Ли е шармантен и прекрасен, дури и читателите се вљубуваат во него, дали има шанси тој навистина да е така агресивен и посесивен како што се очекува или можеби Кетрин е онаа која го губи умот поради траумите во животот и навистина не заслужува човек да ѝ верува.
Kнигата е голема, околу 430 страници, но нема да ви биде здодевно, ќе прелетате низ страниците и нема да бидете разочарани на крајот. Како што вели авторката на прашањата на крајот од оваа книга, ликовите продолжуваат да живеат и после книгата, само што читателите повеќе не се во можност да ѕиркаат во нивните животи…
Па, оваа книга е MUST READ за 2012 година!
Ако почнете да ја читате оваа книга, ќе тргнете на патување со деветгодишното момче по име Бруно. (Иако ова не е книга за деца.)
Раскажана од перспектива на Бруно, оваа книга на моменти е смешна, на моменти детски наивна, на моменти искрена како што знае да биде само дете и постојано полна со надеж и пријателство.
Патувајќи со Бруно, вие ќе мора да го напуштите неговиот удобен дом во Берлин и да се преселите во новата куќа, каде што неговиот татко, еден од командирите на Хитлер, има многу важна задача.
Бруно ќе биде тажен, осамен и ќе нема со кого да си игра, па ќе Ве поведе на пат кон оградата зад која има „фарма“ полна со луѓе и деца во пижами на риги. Она што тој не го знае е дека „фармата“ воопшто не е фарма, туку логор и дека чадот од големите оџаци не е запалено ѓубре, туку…
Десетици недели на листата на Њујорк Тајмс бестселери, филмуван роман од страна на Мирамакс Филмс, награда за најдобра книга на сите времиња во Ирска, продадени над 5.000.000 примероци низ светот, издадена во 44 земји, Македонија е 45 земја која ги купува правата за оваа книга…
„Мало чудо од книга“, оцени Гардиан, бидејќи оваа книга е навистина тоа. Поглед во ужасното минато низ детски очи, невина пријателска детска рака подадена преку оградата која го поделила светот… Книга која ќе ја помните долго откако ќе ја прочитате, како што оцени Irish Times.
Сè уште нема. Проверете повторно за некое време.
Бракот може да биде вистински убиец…
Едно топло летно утро во Мисури, Ник и Ејми се подготвуваат да ја прослават својата петта годишнина од брак. Се замотуваат подароци, се прават резервации во ресторани, но прекрасната и паметна сопруга на Ник одеднаш ја снемува од нивната куќа, а она што е оставено зад неа укажува на насилство…
Ник, сопруг на годината, не изгледа воопшто загрижено и исплашено за исчезнувањето на неговата сакана жена, но добро, секој што ќе го прочита нејзиниот дневник ќе открие дека алфа девојката перфекциониста би можела да извади од кожа секого. Додека целиот град ја жали и оплакува прекрасната исчезната девојка, нејзиниот сопруг презентира несоодветно однесување и бескрајна низа лаги и измами. Ник е сомнителен и дефинитивно огорчен, но дали навистина е убиец? И добро, ако тој навистина е невин како што тврди, тогаш каде е неговата прекрасна жена? И што има скриено во сребрената украсна кутија во плакарот во нивната спална соба?
Ејми ја нема е еден од најдобрите – и најзастрашувачките – портрети на психопатија кои постојат. Манипулативна, безмилосна, мрачна. Еден маж, една жена, еден брак и една љубов какви што досега не сте виделе…
Ѓаволски интелигентен и мрачен психолошки трилер кој ќе ве натера повторно да почнете да ја читате книгата уште еднаш, веднаш по завршувањето на последната страница.
Кога стравот го замолчува целиот народ, еден човек мора да ја каже вистината.
Во Советскиот Сојуз на Сталин не постои такво нешто како злосторство. А милиони луѓе сепак живеат во страв. Најмал сомнеж за нелојалност или погрешен збор кажан во погрешно време може да осуди невина личност на смрт. Лео Демидов, воен херој со прекрасна сопруга и идеалист, живее во луксуз во Москва и верува дека помага во создавањето на совршено општество. Негова единствена цел е да ѝ служи на Државата. Во тоа име апси, испрашува и убива. Меѓутоа, по погубувањето на еден невин човек, Лео почнува да се сомнева, а набрзо добива наредба под исто сомнение да спроведе истрага и за својата сопруга, Раиса. Тој е принуден да донесе одлука на чија страна е. Дали е подготвен за доброто на Државата да се откаже од својата преубава жена и да ја обвини? Дали неговата сопруга која изгледа така кротко и наивно навистина е жената која тој мисли дека е? Одлуката не е лесна, бидејќи и покрај тоа што многумина би можеле да го сметаат за животно, тој вистински ја сака Раиса.
Тогаш се случува невозможното. Во земјата во која „не постои злосторство“ се појавува сериски убиец на деца кој остава крвава, перверзна трага низ целата држава. Но како да се фати ова чудовиште во држава која воопшто не сака да признае дека такво нешто е можно? Лео почнува своја истрага, а како завршува истата веројатно не би можеле да погодат ни најголемите љубители на трилери…
Ви препорачуваме да го прочитате ова маестрално дело пред филмската премиера подоцна годинава!
Дарси е слатка триесетгодишна девојка, згодна до болка од моментот на нејзиното раѓање, па дури и во нејзините триесетти години. Таа отсекогаш можела да се потпира на неколку работи. Нејзината исклучителна убавина и шарм. Нејзиниот свршеник, Декс. Нејзината најдобра пријателка од детството, Рејчел. Никогаш не ѝ требало ништо друго, никогаш не било важно ништо друго. Ма какви правила, каква карма.
Добро, малку е површна, не велам глупава, но таа навистина не сака да се оптоварува со големи или хумани каузи, со проблемите како кризата на блискиот исток или сите тие комплицирани и крвопролевачки настани кои ги следиме на телевизија. Не би можело да се каже дека е дури и засегната со економијата или политиката – едноставно не гледа поента во размислување за тоа.
Но, затоа нејзината пријателка од раното детство, Рејчел, е сè она што Дарси не е. Таа е интелигентна, повеќе загрижена за светот во кој живее отколку за нејзиниот изглед… и таа е онаа на која Дарси секогаш ѝ се обраќа кога ѝ е потребен совет. Тие две, иако карактерно спротивни, продолжуваат да функционираат заедно цели 25 години… Дарси живеејќи ултра забавен живот преполн со воодушевувања на новиот моден тренд и попусти низ трговските центри, а Рејчел со нејзините цврсти ставови и мудрост дури нереални за нејзините години.
И сè е идеално во нивниот однос… сè додека… сè додека Дарси не дознае дека нејзиниот вереник ја изневерува. И она што е шокантно е дека, прво, сето тоа го дознава на само неколку недели пред големата фенси свадба која ја планираше; и второ (мислам пошокантно) дознава дека нејзиниот вереник ја изневерува со нејзината најдобра другарка – Рејчел?
Награда за книга на годината во 2014 од страна на GR, најголемата мрежа за љубители на книги во светот.
Прекрасно, богато и специфично семејство. Приватен остров…
Брилијантно, повредено девојче; страсно, посиромашно момче.
Група од четири пријатели – Лажговците – чие пријателство станува деструктивно.
Револуција. Несреќа. Тајна.
Лаги врз лаги врз лаги.
Вистинска љубов. Вистината.
„Ние сме Лажговците. Ние сме прекрасни, привилегирани и водиме безгрижен, луксузен живот. Ние сме напукнати, оштетени и скршени. А ова е приказна за љубов и семејство. Ова е трагедија. Но што е вистина? А што лага?“
Каденс, Гет, Мирен и Џони. Лажговците. Деца од исклучително богато семејство кои фамилијарно ги минуваат летата на приватен остров во сопственост на нивниот дедо. Нивните мајки се сестри, наследнички на големо богатство. Бесценетите внуци се високи и витки, со светли кожи и руси коси, образовани деца со дарба за спорт. Но дали работите се навистина тооолку совршени како што изгледаат? Каденс не може да се сети на ништо по несреќата… На ништо…
Сè уште нема. Проверете повторно за некое време.
Во мало мирно гратче каде сите луѓе се познаваат и фино си живеат, се случува грозоморен масакр. Убиена е мајка заедно со своите две мали ќерки. Најмалата ќерка, Либи Деј, успева да побегне низ прозорецот, а братот, Бен Деј, е обвинет за убиството на своето семејство и осуден на доживотен затвор. Либи Деј тогаш имала само седум години и била клучен сведок за затворањето на нејзиниот брат.
Сега, после дваесет и пет години, Либи живурка и си ги исполнува деновите со постојано размислување за самоубиство. Таа сè уште го нема надминато масакрот, а и кој би можел? Но, баш кога мисли дека не може да биде полошо, се појавува група на луѓе кои се убедени дека таа го сместила погрешниот човек во затвор со нејзиното збунето, детско сведочење. Таа сепак не го видела убиецот, само го слушнала неговиот глас. Дали е можно Бен да е невин? Дали постои некоја семејна тајна што Либи би можела да ја открие или таа само се залажува затоа што сака братот да ѝ се врати?
Либи почнува да истражува и сфаќа дека сите во семејството имале по некоја тајна тој ден… а особено Бен. Кој го извршил масакрот?
Се разбира, вовед. Почеток. Каде ми е културата?
Најпрво да ви се претставам, јас сум Смртта и воедно раскажувачот на оваа приказна.
Да бидам искрена, ова е само една мала приказна, помеѓу другите работи, за:
– Едно девојче сираче
– Еден хармоникаш со сребрени очи
– Неколку Германци фанатици
– Еврејски боксер скриен во подрум
– Многу запалени книги
– И многу кражби
Да, јас често се присетувам на неа и – во еден од моите многу џебови – ја имам сочувано нејзината приказна за да ја раскажам. Таа е една од многубројните приказни кои ги носам со себе, секоја од нив исклучителна на свој начин. Секоја од нив обид – страшно силен обид – за да ми докаже дека вие, и целото човечко постоење, вредите.
Еве ја. Една од многуте. Крадачката на книги.
Нешто позајмено ја раскажува приказната на Рејчел, млада адвокатка која живее и работи во Менхетен. Рејчел цел живот живее според правилата, таа е непоправливо добра девојка – прекрасна, послушна ќерка и најдобра пријателка… сè до вечерта на нејзиниот триесетти роденден кога нејзината најдобра пријателка Дарси ѝ приредува забава. Таа вечер, после многу пијалаци, Рејчел завршува во кревет со свршеникот на Дарси. Иако следното утро се буди со ужасна грижа на совест и решена да ја остави страшната грешка зад себе, Рејчел преплашено сфаќа дека таа има искрени и силни чувства за единствениот тип од кој би требало да бега на километри. Свадбата закажана за во септември се наближува страшно брзо, а Рејчел знае дека мора да донесе одлука. Додека се обидува да го направи тоа, таа дознава дека границата помеѓу правилно и погрешно може да биде многу нејасна и дека некогаш мораш да ризикуваш сè за да дојдеш до вистинска среќа.
Што е поважно: дали пријателството кое трае скоро цел живот или љубовта на твојот живот? Може ли да се одбере едното без губењето на другото засекогаш да ти го скрши срцето?
Нешто позајмено е феноменална книга продадени во милиони примероци која ќе ве натера да се смеете, да плачете и да вртите кај своите најдобри пријателки.
Нема производи |