• img-book

    „Сагата за Рајна“ е роман базиран на вистински настани и вистинската животна приказна на Рајна Алексова, првата школувана аптекарка не само во Македонија, туку и на целиот Балкан.
    Родена во 1883 година во Битола, по тешкото детство и смртта на нејзините родители, радост пронаоѓа единствено во учењето и цврсто решава дека ќе го исполни ветувањето дадено на нејзината покојна мајка, дека ќе стане некој и нешто. Со неизмерната љубов кон образованието, Рајна урива бариери и стереотипи во Османлиското Царство. По завршувањето на Француската гимназија во Солун, нејзиниот постар брат Ристо Шпицарот (на турски аптекар), кој ја имал првата аптека во Битола и бил трговец и приучен аптекар, во 1902 година ја однел во Лозана, Швајцарија, и ја запишал на Факултетот за фармација, на нејзина голема радост, со желба да дипломира и потоа заеднички да ја водат аптеката. Рајна во Битола се вратила како европска дама, со диплома на фармацевт. Нејзината и радоста на брат ѝ Ристо траеле кратко, бидејќи, откако веста за школувана каурка стигнала до тогашниот управител на Битола, започнуваат мачните денови, месеци, па и години за најучената жена во градот на конзулите. Турските власти не ѝ дозволувале да ја врши аптекарската професија. Но Рајна не се откажувала. И така продолжува нејзината животна приказна, вистинска сага…
    Но „Сагата на Рајна“ не е само роман за професионални достигнувања, туку и приказна за семејни радости и болки, скршени срца и залечени надежи; делумно љубовна, делумно трогателна, делумно позитивна и покрај сето црнило. Во секој случај, наша и исклучителна.


    Додадена
  • img-book

    Марија е силна и независна архитектка, успешна и истакната во својата област, па не е никакво изненадување кога добива понуда за работа во престижна компанија. Нејзиниот хумор зачинет со многу сарказам, способноста да се шегува дури и на своја сметка и вечно позитивната енергија која зрачи од неа, ја прават како магнет за сите во нејзина околина, но особено за мажите, кои не остануваат имуни ниту на нејзината огнена коса, полните сензуални усни, крупните искрени очи и женствените облини. Но тие нејзини очи кријат голема тајна и имаат исплакано премногу солзи во животот, а зад нејзината убава насмевка лежи незамислива болка.

    Кога почнува со работа во новата компанија, таа веднаш му го привлекува вниманието на најимпресивниот маж кој некогаш го сретнала. Темнокосиот Александар плени со своите сини очи и лесната, секси насмевка; очигледно е дека многу жени паѓаат на неговиот шарм, но Марија има штит од изградени ѕидини околу себе, кој ѝ помага да одолее на искушението. Не само што не сака да се плетка со колеги, туку и знае дека тој не е слободен маж, па јасно поставува граница. Но, разумот е едно, а неверојатната конекција и неодолива привлечност помеѓу нив нешто сосема друго… Кога ситуацијата почнува да излегува од контрола во еден нејзин момент на слабост, Марија ја искористува деловната можност и заминува во Италија, за да побегне што подалеку од него, и од болката која тлее во неа цели 18 години и овој пат ѝ се заканува целосно да ја скрши.


  • img-book

    Марта е девојка каква што најчесто постои само во книгите и на филмовите. Девојка која им помага со тешките кеси на бремени жени. Девојка која им помага на стари бабички да преминат улица. Девојка која е секогаш ведра, љубезна и насмеана, прекрасно воспитана и културна со сите. Девојка која ја знаат сите во градот и за која сите имаат само убав збор, никогаш лоша мисла ниту поглед попреку. Но набрзо по нејзината матура, се случува нешто ужасно. Марта е убиена. Градот е во шок. Никој не може да поверува. Но како е можно? Кој би можел да го стори тоа? Та нели сите ја сакаат Марта. Зошто тогаш некој би ја убил девојката ангел?
    Млад детектив од главниот град е испратен на југот на земјата да се обиде да го реши со години старото убиство и конечно да им даде малку мир на родителите на Марта, нејзините брат и сестра, но и сите жители на малиот град кои со цело срце ја сакале младата мила девојка. Но кога тој попатно почнува да развива симпатии кон сестрата на починатата девојка, работите дополнително се комплицираат…


  • img-book

    Четири најдобри пријателки, сите со прилично различни животи, одеднаш се соочени со кошмарот наречен КОВИД-19. Денес сѐ е нормално, животот тече по својот секојдневен, ако не и малку монотон тек, а веќе утредента сѐ почнува да се менува: се појавува вирусот, растат бројките на заболени, луѓето се исплашени и затворени во своите домови. Одеднаш сите почнуваме да ја сфаќаме непроценливата вредност на едноставните секојдневни нешта што до вчера сме ги земале здраво за готово.
    Марија е мажена и има две деца. Нивната куќа се претвора во хаотичен „затвор“ во текот на карантините. Хана е сингл докторка, која ги гледа последиците од вирусот во првите борбени редови во болниците, но дома е страшно осамена и не може да престане да го анализира својот живот во четирите празни ѕидови кога е принудена деновите да ги минува сама. Сара е мажена, без деца; таа и сопругот се дел од оние кои работат од дома поради вонредната состојба, па привремено се селат во викендичка на планина и одеднаш почнуваат да го гледаат животот со нови очи. Катарина е разведена, со дете, води свој бизнис и благодарение на новонастанатата состојба е принудена да се прилагодува, да бара алтернативни начини за работа – сето тоа како дополнителен стрес и притисок од веќе постоечкиот кој го наметнува вирусот. Секоја од жените претставува дел од таписеријата во која се претвори животот на луѓето во Ковид-19 добата.


    5 out of 5
    Коронтин од: Саша Богдан 300 ден
  • img-book

    Младата Микаела останува сираче за време на Првата светска војна. Едвај преживува од ден за ден, питајќи по улиците и копнеејќи за топла постела и безбеден покрив над главата. Бидејќи нема друга опција, веднаш се согласува да замине кај тетка ѝ за да има кој да се грижи за неа. Но ни нејзината тетка, како нејзина единствена блиска роднина, не е пресреќна што треба да ја прими во својот дом, па веднаш ѝ става на знаење дека нема да биде гостинка таму, туку ќе треба да си го заработува лебот и престојот со макотрпна работа.

    Но, животот продолжува да ја казнува и измачува. Работите се комплицираат и таа мора да се омажи за човек речиси двојно постар од неа. Принудена повторно да ја прифати својата тешка судбина, се помирува со бракот без љубов.

    По неколкугодишен брак, избувнува Втората светска војна. И животот по којзнае кој пат ја доведува на раб на преживување, принудувајќи ја да ја донесе најтешката, а воедно и најстрашната одлука во нејзиниот живот.


  • img-book

    ВО СЕГАШНОСТА…
    Софија има прекрасни родители кои ѝ пружиле сѐ што можеле и секогаш се грижеле да има убаво детство, среќен живот и родителска љубов. Тие исто така уште од рана возраст биле искрени со неа и таа знае дека била посвоена како бебе. Но тоа никогаш не можело целосно да ја пополни празнината во неа и да го изгасне копнежот да ја открие вистината за своето потекло, да дознае кои се нејзините биолошки родители и зошто се откажале од неа. Но се плаши дека таа вистина е премногу длабоко закопана и дека можеби никогаш нема да ја открие…

    ВО МИНАТОТО…
    Пред повеќе од дваесет и пет години, Наташа и Александар се запознаваат во Охрид и помеѓу нив веднаш се раѓаат силни симпатии, а набрзо и уште посилни емоции. Но Александар има тежок живот, особено по смртта на неговиот татко; сега тој е мажот во куќата и мора да се грижи за неговата мајка и неговата помала сестра. Иако навистина ја сака Наташа, кога во неговото семејство продолжуваат да се нижат трагедии, тој не може да си дозволи да ја стави нивната љубов на прво место.


  • img-book

    Здравица е новела за една посебна генерација, генерацијата на Мака, родена за време на Тито и растена во време на транзицијата. Почнува со раѓањето на Мака, кога кумот пивнува малку повеќе, па категорично одлучува на новороденото бебе да му го даде името Македонка, на незадоволство на родителите. Вечерта завршува со здравица на која Мака ќе се навраќа со доза на љубов, хумор и тага во текот на целиот свој живот: „Тито, Југославија, Македонија и Македонка ќе бидат вечни!“.

    Преку допадливиот лик на Мака, низ нејзиното детство и младост се навраќаме на животот во Југославија, а потоа со нејзиното созревање, преку низа интересни лични доживувања, во позадината суптилно ги следиме промените во Македонија. Со многу хумор и емоции, Саша Богдан евоцира мноштво спомени кај сите нас и нема кој нема да се пронајде барем малку во приказната на Мака, приказната за животот во нашата државичка. Но приказната на Мака не е само приказна за животот во Македонија или во Југославија – приказната на Мака е приказна ЗА ЖИВОТОТ. За подемите и падовите, за радостите и солзите, за надежите и стравовите, за љубовта и разочарувањата, за семејството и пријателствата… Оригинална, духовита и многу емотивна – едно е сигурно: многу одамна не сте читале нешто слично!


  • img-book

    Кога самите се ставате во инфериорна положба во однос на другите, не може да очекувате другите да ве стават на пиедестал. Ќе завршите на местото кое самите сте си го одредиле… Сара е девојка која отсекогаш имала проблеми со самодовербата и нејзиното јас е потиснато од егото на нејзиното долгогодишно момче. Но, една ноќ, кога поради силно невреме е принудена порано да се врати дома и го наоѓа со друга девојка во куќата во која заедно живеат, нејзиниот свет се руши и таа е принудена да се промени и да почне да се залага за себе. Сама, невработена и без дом, ќе најде утеха кај нејзиниот брат, кој ќе ѝ даде засолниште додека се снајде и почне да си го средува животот. Иако тешко, ова искуство ѝ ги отвора очите за многу работи, ја зајакнува како личност и ја прави независна. Но, кога во нејзиниот живот влегува Марко, нејзиниот мал стабилен свет повторно се разнишува.

    Марко е исклучително амбициозен и успешен маж за кого и покрај целиот успех, најважни остануваат семејните вредности. Тој премногу го цени своето семејство, а уште повеќе сака да оформи свое. Но, кога е оставен од долгогодишната девојка ноќта кога сака да ја запроси, решава дека сите вредности кои нему му се свети, очигледно не се тоа што жените го бараат.

    Токму таа ноќ, кога животите им се променети засекогаш, Сара и Марко се среќаваат, но не на добар начин. Напротив, ужасната ноќ за памтење е ноќ која и двајцата сакаат што побрзо да ја заборават, надевајќи се дека никогаш повеќе нема да налетаат еден на друг. Но, судбината има друг план…


  • img-book

    Секој човек има некоја лузна на себе. Понекогаш помала, понекогаш поголема, но секогаш тоа е лузна што останала во душата. Голема дури како цела бразда. Лузна која животот му ја нанел некому, а судбината му ја наменила. Морал да ја изживее и да се издигне над неа, за да продолжи понатаму. А тие луѓе сите ние ги гледаме и среќаваме секојдневно, но не ги забележуваме. Погледнуваме во нивните очи, а не ја гледаме нивната болка, не забележуваме што е тоа што ја избраздило нивната душа. Немаме ниту време, ниту желба да се запрашаме што се крие зад нивните очи, често полни со тага, со кои нѐ погледнуваат. Едноставно ги одминуваме, не забележувајќи колку нашиот поглед, еден миг што ќе го одвоиме за нив, им е потребен.

    Токму таквите луѓе со лузни на душата се инспирација за оваа книга, во која се сместени 15 вистински приказни. Тие се настанати во текот на долгогодишната работа на Наде Стојилковиќ како новинар, која како слушател и евидентичар ги бележела нивните судбини, среќавајќи се со тие луѓе и со нивните судбини во своето работно и животно искуство.


  • img-book

    Адам и Ребека се заедно речиси откако знаат за себе. Тој нема убав спомен без неа, таа нема тажен спомен во кој тој не бил нејзиното рамо за плачење. Но со текот на годините, животот носи нови предизвици, амбиции, подеми и падови. Некаде по патот, ги проголтува тркалото на кариерата и ги раздалечуваат скриени стравови. И тогаш се случува најголемото од сите предавства. Нешто незамисливо. Нешто непростливо.

    Сега, Адам посетува психијатар и очајно бара сили да научи да продолжи да го живее животот. Но искрено, не е сигурен дали верува во живот по љубов… особено не по таква љубов. Ги лечи раните со низа девојки на кои не им ги ни помни имињата, но има едно име кое никако не може да го заборави, колку и да се бори.

    Ребека е навидум ладна и индиферентна на сѐ што се случува. Но вистината е дека има чувство дека светот ѝ е распаднат на милион парчиња кои злокобно кружат околу неа, а никако не може да ги спои и повторно да си го врати животот во нормала. Чувствува невидена болка, чувствува немир, празнина… како да ѝ недостасува цел еден дел од срцето. Но свесна е дека токму таа е виновна и мора да ја плати цената. И покрај тоа, нешто не ѝ дава целосно да крене раце од човекот кој некогаш ја сакаше повеќе од сѐ на светот, а сега ја мрази како никој друг на светот… А и како би можела, како ли се живее без парче од срцето?


  • img-book

    Тој е повлечен, талентиран сликар кој сè уште не е закрепнат од исчезнувањето на неговата блиска пријателка – која најверојатно е жртва на сериски киднапер во нивното мало гратче. Таа е црвенокоса убавица со проблематично семејство; живее единствено за својот мачор, музиката и книгите. Нивните меланхолични души се поврзуваат на еден необичен начин – чуден сон, префинето претставен на платно. Немаат никој друг близок во своите животи, но сето тоа се менува кога почнуваат подобро да се запознаваат, спријателуваат и вљубуваат…

    Но и покрај прекрасните чувства кои горат помеѓу нив, не можат да останат имуни на мистериозниот случај со исчезнатите девојки во нивното мало гратче, па наскоро се впуштаат во опасна истрага. Заплеткани во едно клопче од пресврти, многу емоции и возбудливи настани, средношколците се обидуваат да не потклекнат пред бурата што постепено се создава пред нивните очи.

    „Плачот на срната“ е дебитантско дело кое изобилува со богати метафори, речиси допирливи емоции и раскошни детали. Делумно мистерија, делумно љубовна приказна во која ќе уживате до последната страница.


    Плачот на срната од: 350 ден
  • img-book

    Алекса Алексов потекнува од богато и познато семејство. Тој е единец на мајка и татко кои многу се обидувале, но не можеле да имаат други деца, па можеби токму тоа е причината што е по малку разгален, што сè му е допуштено, што има малку тежок табиет и никој едноставно не може да го одбие за ништо. Така, уште првиот ден кога ја здогледува помладата и преубава Дафина, решава дека таа мора да му стане жена.

    Но, како што велат злобните соседи, семето на Алексови тешко фаќа, не вирее. По пет неплодни и страдални години, најпосле им се раѓа првата ќерка. Потоа, им се раѓа и втората. И третата… Алекса е изгорен за син и не го крие тоа, па Дафина е несреќна што не може да му го даде наследникот по кој тој толку копнее. Ова незадоволство дополнително го потпалува лошиот табиет на Алекса, па трите сестри почнуваат да живеат во страв од нивниот избувлив татко, обвинувајќи се себеси што не се тоа што тој најмногу го посакува. И баш кога помислуваат дека среќата конечно ќе им се насмевне, зад аголот чека ново страдање…

    Семејна сага на три генерации жени; клопче од тајни, страдања и солзи.


  • img-book

    За прославата „Еден милениум од Римската држава“, сите патишта водеа кон Рим. Реки од луѓе доаѓаа во престолнината за да ја одбележат и прослават силата на Римското царство.

    И двајцата беа родени од љубов, во времето кога владееше омразата и неправдата меѓу луѓето. Додека на запад од империјата, Евтропие и Јустина конечно ја допреа среќата со раѓањето на нивниот долгоочекуван син – на истокот, во заборавените предели на империјата, се роди зракот на светлина во ќерката на Арам и Иоана.

    Во Битинија, при големото невреме и страшниот бродолом во Астачкиот залив, единствениот преживеан од потонатата галија, рибарите повреден го однесоа во куќата на меанџијата од Дрепана. Во домот на Ерменецот и неговите спомени, повторно се роди вистинската љубов и надежта за двете осамени души, предодредени истата да му ја подарат на светот… И покрај сите искушенија, Констанциј не ја загуби силата на љубовта и желбата да го заштити своето семејство од нив… До последниот ден од животот, тие знаеја дека сите нивните страдања не се залудни и тешки, наспроти правдата и вистината која со раѓањето на Константин им ја донесоа на луѓето… Во неговата возраст, со стекнатата сила, слава и мудрост, на христијаните им ја врати слободата на верувањето, а со својата мајка и нејзината љубов кон Господа, конечно им ја откри и потврди вистината за Исусовото постоење и страдање над крстот, како и доследноста на вистинското верување во него.


    5 out of 5
    Погледот на Делфика од: 300 ден
  • img-book

    Викторија е експерт за одење на интервјуа и рандевуа. Таа е малку несмасна, но крајно симпатична хероина која е во постојана потрага по совршената работа и совршениот маж. Еден ден, нејзиниот досаден живот добива сосема друга димензија, кога нејзините очи ќе налетаат на фотографии од навидум среќно заљубен пар. Дознавајќи го идентитетот на тајните љубовници, таа сфаќа дека во рацете има средство со кое може да си ја оствари својата цел.

    Излегува дека човекот од фотографиите кој држи туѓа вереница во прегратка е директор на маркетинг агенција, каде што таа не добива работа, иако е најквалификувана. Викторија одлучува за првпат во животот да покаже заби и му се заканува на младиот директор дека доколку не го добие тоа што праведно ѝ следува, ќе го разоткрие пред неговиот најдобар пријател и бизнис партнер. Немајќи друг избор, директорот на маркетинг агенцијата ѝ го нуди работното место и оттука почнува да се плете една богата таписерија од оригинални ликови и емоции што го држи читателот во рака од прва до последна страница.

    „Страница, две, три – ненаситно ги пиев редовите, не можејќи да поверувам каква оригиналност, каква приказна ми падна в раце“.

    button-new


    4.5 out of 5
    Флерт, уцени и високи потпетици од: Маја Божиновска 350 ден

    Топол и автентичен тон ве зграбува уште од првата страница, како да сте посегнале по книга од веќе добро оформен и етаблиран автор, а не сосема ново име на македонската книжевна сцена. Страница, две, три – ненаситно ги пиев редовите, не можејќи да поверувам каква оригиналност, каква својственост, каква приказна ми падна в раце.

    Приказната почнува со љубовна средба на млад пар на брегот на Беровското Езеро и по тонот веднаш се насетува дека станува збор за забранета љубов. Авторката полека ни ја доближува сцената, потег по потег со нејзината раскошна литературна четка на платното, и сфаќаме дека се работи за млад човек кој во прегратка ја држи вереницата на неговиот најдобар пријател.

    Веќе заробени од оваа интригантна приказна, во следната глава ја запознаваме малку несмасната, но крајно симпатична хероина, Викторија. Таа се бори да најде работа по завршувањето на факултетот, но брзо станува свесна дека тоа нема да ѝ успее на оној најчесниот начин, па кога со помош на игра на судбината налетува на фотографии кои не се наменети за нејзини очи, решава да го искористи тоа.

    Излегува дека човекот од фотографиите кој држи туѓа вереница в прегратка е директор на маркетинг агенција, каде што таа не добива работа, иако е најквалификувана. Викторија одлучува за првпат во животот да покаже заби и му се заканува на младиот директор дека доколку не го добие тоа што праведно ѝ следува, ќе го разоткрие пред неговиот најдобар пријател и бизнис партнер. Немајќи друг избор, директорот на маркетинг агенцијата ѝ го нуди работното место и оттука почнува да се плете една богата таписерија од оригинални ликови и емоции што го држи читателот в рака од прва до последна страница.

    Просто е неверојатно дека еден автор дебитант може да има ваков стил, ваков тек на мисли. Самата приказна тече природно и неизбрзано, градацијата е одлична, а перипетијата и расплетот страшно задоволувачки. Флерт, уцени и високи потпетици е модерна македонска приказна што вреди да биде прочитана од страна на секој домашен читател, затоа што оваа приказна е нешто блиско за нас, нешто што има моќ да им се пикне под кожа на многумина. Ова е македонски чик лит во најдобрата смисла на зборот!