Веќе се докажа дека сите си ги сакаме овие книги во стилот на „Очајни домаќинки“… Стилот на Ејми Молој во книгава ме потсетуваше на Мориарти, а самото тоа што се работи за 4-5 жени уште повеќе го засили впечатокот. Ја читав книгава уште кога не беше официјално излезена и мило ми е поради тоа, бидејќи немаше простор туѓи мислења и оцени да влијаат на оформување на мојата. Сега гледам дека веќе има оцени од скоро 30.000 читатели на GR, но мојата оцена дефинитивно е повисока од групната.
Книгава годинава беше нарекувана „најисчекувана книга на летото“, а наскоро ќе биде и филм со Кери Вашингтон во главната улога. Станува збор за доста заразен психолошки трилер за група жени кои се зближуваат кога исчезнува новороденчето на едната од нив, бидејќи се членови на истата група на мајки кои се сретнуваат во градскиот парк секоја недела. Бидејќи целите животи сега им се вртат само околу бебињата, се договараат една вечер да излезат сами и да се олабават малку. Едната од нив, самохраната мајка Вини, не е расположена да го остави бебето со дадилка, но сите останати ја убедуваат дека сè ќе биде океј, па таа најпосле попушта. И вечерта додека тие се излезени, нејзиното бебе го снемува од дома. И сега знаете, следи паника и вперување прст – сите бараат виновник за едно или за друго, некој мора да ја понесе вината. Новинарите ѝ се сипуваат најпрво на мајката; како можела да го остави новороденчето со непозната, каде била таа вечерта, кој е татко на бебето и така натаму.
Ова не е една од оние книги со нови пресврти во секоја глава, па можеби затоа некои очекувале повеќе од неа – не, овде дејствието е повеќе водено од ликовите и ако се поврзеш со нив како што треба, тогаш приказната се чита за една вечер, просто не ти се остава. Ја имаме најпрво Нел, која цела книга ме засмеваше со саркастичната смисла за хумор, но која очигледно крие некоја голема тајна од сите. Потоа Колет, која очигледно има прекрасен маж и доста пари, но и храброст што може да ѝ донесе големи проблеми. И на крај, симпатичната Френси, паничарката која најмногу се вознемирува од киднапирањето, до степен што почнува да станува дури и сомнителна. Дали е Френси толку невина колку што се прави или…?
Оваа книга многу добро овозможува да се ѕирне како е во животот на секоја тазе мајка и одлично покажува дека не постои такво нешто како „совршена мајка“. Најмногу ќеф ми направи крајот – да бидам искрена, не го очекував; очекував нешто тотално друго, а тоа дефинитивно е достигнување, нешто од трилери да ме изненади мене. Плус, пак си заплакав малку за негативецот – тоа е таа тежина кога ќе успее да те погоди приказна. Па, се надевам дека ќе ја прочитате и дека ќе ја доживеете како и јас. Едвај чекам да го гледам филмот!
Совршената замена (или оригинал The wife between us) ми го привлече вниманието затоа што веднаш штом излезе од печат почна да се искачува на сите топ листи и не можев да не ја прочитам. Се сеќавам дека беше недела, па си седнав релаксирано попладнето со Киндлот и една кутија чоколатца и додека да се свестам, веќе беше стемнето, бев стигната до пола книга и имав изедено пола од кутијата со чоколади. Ова ќе го кажам од старт; иако има доста пресврти во неа, не е книга што ќе ве шокира и ќе ве акне од земја, но дефинитивно е книга што не се остава, едноставно влече и те тера да се залажуваш со „Ајде само уште една глава, и ајде само уште една“ сè додека не ја прочиташ цела.
Па ајде малку за дејствието: Ванеса и Ричард биле во брак седум години – сè додека не ја оставил за друга жена, некоја помлада и попосакувана. И таа сега ги поминува деновите пиејќи и навраќајќи се на болни спомени, обидувајќи се да сфати кога работите меѓу нив тргнале во толку лош правец. Но се разбира дека ни таа не е апсолутно невина во сето тоа – таа никогаш не била жената за која ја сметал Ричард. Полека патуваме со неа, се навраќаме во минатото и дознаваме што се случувало во нивниот брак.
Од друга страна, помладата Нели е свршена за човекот од нејзините соништа. Ричард е грижлив, харизматичен и успешен, но најважно од сè, ѝ ја дава безбедноста по која секогаш копнеела. Но како што нивната свадба наближува, таа сè повеќе има чувство дека некој ја следи и набљудува. Се гледа дека и Нели има некоја скриена приказна, но уште не знаеме што е тоа.
Она што беше интересно е тоа дека додека ја читав книгава, буквално ме болеше срце за Ванеса. Секојпат кога ќе се спомнеше Нели и кога Ричард се потресуваше околу неа, чувствував љубомора како да се работи за мој маж и тоа е она што ми покажа колку авторките успешно си ја завршиле работата. Нели ми беше допадлива, а истовремено ме нервираше зошто Ричард ја сака, зошто не е веќе со Ванеса. Ова беше чуден и интересен конфликт на емоции за мене.
Никој не ја знае вистината за тоа што точно се случува во еден брак, дури ни за оние кои од страна личат на среќни бракови. Но Ванеса е сигурна во едно: ќе направи сè што треба за да ја запре свадбата на Ричард пред да биде предоцна. Таа нема да дозволи нејзината совршена замена да му стане нова сопруга.
Ќе запрам тука за да не ви го расипам читањето и се надевам дека ќе ви го задржи вниманието како што ми го задржа мене. Веќе најавија и филм по книгата, па ако стигне до финална фаза, баш би сакала да го изгледам.
Сè уште нема. Проверете повторно за некое време.