Бараме уште еден преведувач! (дополнето)
На 26/09/2017 | 0 Коментари

Бараме уште еден добар преведувач кој ќе му се приклучи на нашиот тим. Сите заинтересирани ќе треба да направат еден мал пробен превод (вкупно 700 зборови), со мали извадоци од различни жанрови. Поради минати лоши искуства, кога извадокот бил супер преведен, а потоа ангажираниот преведувач предава многу лош превод на целосната книга што не е во согласност со првиот превод што го направил, го задржуваме правото да побараме уште една дополнителна мала проба од финално избраните кандидати кои ќе влезат во најтесен круг.

Извадокот за пробен превод може да го отворите на овој линк тука, а преведените текстови со ваше име и презиме (може и CV ако сакате), испратете ги на rakopisi [at] sakamknigi.mk.

Бараме хонорарец, кој ќе преведува зависно од нашите потреби и неговите можности. Заедно ќе се договараме за бројот на книги кои ќе се преведуваат во текот на годината. За сите останати услови ќе се дискутира на крајот со избраниот преведувач.

Се бара преведувач

Дополнување: Почитувани преведувачи, оригиналната идеја секако беше да се разгледаат сите апликации и да ви се одговори на сите во најкраток можен рок, веќе и почнавме со одговарање, но добивме неочекувано многу апликации (повеќе од 110 за помалку од една недела) и сега е јасно дека процесот нема да оди толку брзо за детално да се проверат сите пробни преводи и резимеа. Однапред се извинуваме што ќе мора да почекате и сакаме да ве известиме дека поради големата бројка можеби нема да бидеме во можност поеднинечно да ве контактираме сите. Секако преку мејл ќе бидат известени одбраните кандидати, а доколку не стигнеме да ги известиме сите останати, ќе биде објавено јавно известување на нашата Фб страница и овде.

Крајно дополнување: Дел од апликантите преку мејл беа известени дека не се влезени во потесен круг, доколку не сте во тие, значи постои можност да бидете контактирани во следната прилика кога ќе имаме потреба од преведувач плус. Засега, го одбравме едниот дополнителен преведувач што ни беше потребен за овој период.

Напиши коментар