Веќе се докажа дека сите си ги сакаме овие книги во стилот на „Очајни домаќинки“… Стилот на Ејми Молој во книгава ме потсетуваше на Мориарти, а самото тоа што се работи за 4-5 жени уште повеќе го засили впечатокот. Ја читав книгава уште кога не беше официјално излезена и мило ми е поради тоа, бидејќи немаше простор туѓи мислења и оцени да влијаат на оформување на мојата. Сега гледам дека веќе има оцени од скоро 30.000 читатели на GR, но мојата оцена дефинитивно е повисока од групната.
Книгава годинава беше нарекувана „најисчекувана книга на летото“, а наскоро ќе биде и филм со Кери Вашингтон во главната улога. Станува збор за доста заразен психолошки трилер за група жени кои се зближуваат кога исчезнува новороденчето на едната од нив, бидејќи се членови на истата група на мајки кои се сретнуваат во градскиот парк секоја недела. Бидејќи целите животи сега им се вртат само околу бебињата, се договараат една вечер да излезат сами и да се олабават малку. Едната од нив, самохраната мајка Вини, не е расположена да го остави бебето со дадилка, но сите останати ја убедуваат дека сè ќе биде океј, па таа најпосле попушта. И вечерта додека тие се излезени, нејзиното бебе го снемува од дома. И сега знаете, следи паника и вперување прст – сите бараат виновник за едно или за друго, некој мора да ја понесе вината. Новинарите ѝ се сипуваат најпрво на мајката; како можела да го остави новороденчето со непозната, каде била таа вечерта, кој е татко на бебето и така натаму.
Ова не е една од оние книги со нови пресврти во секоја глава, па можеби затоа некои очекувале повеќе од неа – не, овде дејствието е повеќе водено од ликовите и ако се поврзеш со нив како што треба, тогаш приказната се чита за една вечер, просто не ти се остава. Ја имаме најпрво Нел, која цела книга ме засмеваше со саркастичната смисла за хумор, но која очигледно крие некоја голема тајна од сите. Потоа Колет, која очигледно има прекрасен маж и доста пари, но и храброст што може да ѝ донесе големи проблеми. И на крај, симпатичната Френси, паничарката која најмногу се вознемирува од киднапирањето, до степен што почнува да станува дури и сомнителна. Дали е Френси толку невина колку што се прави или…?
Оваа книга многу добро овозможува да се ѕирне како е во животот на секоја тазе мајка и одлично покажува дека не постои такво нешто како „совршена мајка“. Најмногу ќеф ми направи крајот – да бидам искрена, не го очекував; очекував нешто тотално друго, а тоа дефинитивно е достигнување, нешто од трилери да ме изненади мене. Плус, пак си заплакав малку за негативецот – тоа е таа тежина кога ќе успее да те погоди приказна. Па, се надевам дека ќе ја прочитате и дека ќе ја доживеете како и јас. Едвај чекам да го гледам филмот!
Tonci – :
Mornichavo!Mnogu dobro,mnogu jako!
Marijana – :
Odlicen triler! Go preporacuvam.
saramastoridis – :
ВРВ! Предобар трилер.Многу ми се допадна тоа што настаните во книгата се одвиваат прилично брзо и во ниту еден момент не почуствував досада при читањето. Од срце ви ја препорачувам да ја прочитате.
Моника – :
Одличен трилер со многу неочекувани моменти и пресврти.
Стефани (го има купено овој производ од сајтот) – :
Неверојатен и одличен трилер!😊
Напната приказна до самиот крај!
Сигурно ќе им се допадне и на останатите љубители на овој жанр.🤗
Booklover – :
Предобра, едвај чекам нов превод од истата авторка
Александар Николовски – :
Фантазија е книгава… 4.75/5, ќе барате уште на крајот…
Рената – :
Неверојатно добра книга!
Bube (го има купено овој производ од сајтот) – :
Хух, може да се каже уште од како излезе книгава е гледав на сите страни, но решив да е читам тек кога видов дека вие(Сакам Книги) ќе ја издавате,и еве после некое време е прочитав и сега ми е мака што чекав олку долго време за да е прочитам 😀
Мисла,книгава е лудило од трилер!
Феноменално!
biskovski18 – :
Вистинска ерупција од романса и неизвеснот, мистерија и напнатост кои ве држат на самиот раб!
Бисера – :
Невидено трилериште, браво за авторкава.