Животот на Џесика тече подобро од сите нејзини очекувања и замисли. Таа си ја добива свадбата од соништата, го има совршениот маж, адвокатот Метју, и заедно купуваат прекрасна, скапа куќа во преубава населба. Најдоброто од сè е тоа што по само неколку месеци, чекаат дете.
Додека ја уредуваат детската соба и купуваат бебешки работи, таа упорно ја чека радоста што треба да ја донесе мајчинството. Но искуството на Џесика е далеку од радосно и убаво. Зошто не ја трансформираат мајчински чувства? Каде е сè што треба да дојде – каде е таа инстантна љубов што треба да ја чувствува за нејзиното дете?
Никој ја нема предупредено дека да бидеш мајка може да биде страшно и извор на нездрава осаменост. Никој ѝ нема кажано дека не сите жени ги сакаат своите бебиња. Можеби е најдобро Џесика сега засега да си ја чува оваа тајна за себе…
Сè уште нема. Проверете повторно за некое време.
Бракот може да биде вистински убиец…
Едно топло летно утро во Мисури, Ник и Ејми се подготвуваат да ја прослават својата петта годишнина од брак. Се замотуваат подароци, се прават резервации во ресторани, но прекрасната и паметна сопруга на Ник одеднаш ја снемува од нивната куќа, а она што е оставено зад неа укажува на насилство…
Ник, сопруг на годината, не изгледа воопшто загрижено и исплашено за исчезнувањето на неговата сакана жена, но добро, секој што ќе го прочита нејзиниот дневник ќе открие дека алфа девојката перфекциониста би можела да извади од кожа секого. Додека целиот град ја жали и оплакува прекрасната исчезната девојка, нејзиниот сопруг презентира несоодветно однесување и бескрајна низа лаги и измами. Ник е сомнителен и дефинитивно огорчен, но дали навистина е убиец? И добро, ако тој навистина е невин како што тврди, тогаш каде е неговата прекрасна жена? И што има скриено во сребрената украсна кутија во плакарот во нивната спална соба?
Ејми ја нема е еден од најдобрите – и најзастрашувачките – портрети на психопатија кои постојат. Манипулативна, безмилосна, мрачна. Еден маж, една жена, еден брак и една љубов какви што досега не сте виделе…
Ѓаволски интелигентен и мрачен психолошки трилер кој ќе ве натера повторно да почнете да ја читате книгата уште еднаш, веднаш по завршувањето на последната страница.
Во срцето на Тајната на сопругот лежи писмо кое не смее да биде прочитано…
Драга моја Сесилија, ако го читаш ова, тоа значи дека јас сум мртов…
Замислете дека сопругот ви напишал писмо, писмо кое треба да се отвори по неговата смрт. Исто така замислете дека писмото ја содржи неговата најдлабока, најмрачна тајна – нешто што има потенцијал да ги уништи животите на повеќе луѓе, не само вашиот совршен живот кој го имате изградено заедно. Потоа замислете дека сосема случајно го наоѓате заталканото писмо додека вашиот сопруг сè уште е многу… жив.
Сесилија Фицпатрик има постигнато сè: таа е неверојатно успешна бизнисменка, страшно почитувана жена во заедницата, посветена сопруг на својот совршен сопруг и прекрасна мајка на три деца. Нејзиниот живот е совршен и беспрекорен како и нејзиниот дом. Но ова писмо ќе смени сè и тоа не само за неа.
Сите ние имаме тајни, но не како оваа….
Прекрасна драма исполнета со мистерии во која особено ќе уживаат љубителите на хит серијата Очајни домаќинки.
КОЛКАВИ СЕ ШАНСИТЕ ДА ПРЕЖИВЕЕШ…
Една грозоморна ноќ завршува со брутално убиено семејство. Мајката и трите деца се мртви, а таткото – и потенцијален осомничен – се бори за живот на одделот за интензивна нега.
Случајот е навидум едноставен, тешката финансиска ситуација го натерала да си го поштеди семејството од беда пред да изврши самоубиство, но детективката Ди Ди Ворен знае дека ништо никогаш не е толку едноставно.
Медицинската сестра Даниела Бартин има доживеано слична трагедија. Таа има преживеано за да раскажува како нејзиниот татко ѝ го сотрел целото семејство пред очи пред дваесет и пет години. Сега вработена во детска психијатриска болница, Даниела е сигурна дека минатото е одамна закопано. Сè додека прашањата на Ди Ди Ворен не почнат да ѝ враќаат сè.
Викторија Оливер е посветена мајка, решена да го заштити својот син по секоја цена. Но, исто како и Даниела, таа наскоро ќе открие дека најужасните злосторства можат да бидат оние најблиските до домот.
…ЗА ДА ГО РАСКАЖУВАШ ОНА ШТО ЌЕ ТИ СЕ СЛУЧИ?
Награда за книга на годината во 2014 од страна на GR, најголемата мрежа за љубители на книги во светот.
Прекрасно, богато и специфично семејство. Приватен остров…
Брилијантно, повредено девојче; страсно, посиромашно момче.
Група од четири пријатели – Лажговците – чие пријателство станува деструктивно.
Револуција. Несреќа. Тајна.
Лаги врз лаги врз лаги.
Вистинска љубов. Вистината.
„Ние сме Лажговците. Ние сме прекрасни, привилегирани и водиме безгрижен, луксузен живот. Ние сме напукнати, оштетени и скршени. А ова е приказна за љубов и семејство. Ова е трагедија. Но што е вистина? А што лага?“
Каденс, Гет, Мирен и Џони. Лажговците. Деца од исклучително богато семејство кои фамилијарно ги минуваат летата на приватен остров во сопственост на нивниот дедо. Нивните мајки се сестри, наследнички на големо богатство. Бесценетите внуци се високи и витки, со светли кожи и руси коси, образовани деца со дарба за спорт. Но дали работите се навистина тооолку совршени како што изгледаат? Каденс не може да се сети на ништо по несреќата… На ништо…
Многу одамна немав седнато да напишам рецензија за книга затоа што воопшто немам време и многу ми е жал – искрено ми недостига пишувањето рецензии – но следејќи ја индиректно продажбата на одредени наслови, забележав едно големо несогласување и се замислив. Имено, забележав дека еден од моите омилени трилери во изминатите неколку години, се продава океј, но не се продава ТОЛКУ колку што очекував, а повеќе се продаваат други книги кои мене лично не ми се ни на приближно исто ниво. И не се работи воопшто за продажбата, книгите вака или онака ќе се продадат, туку се работи за тоа дека во денешно време страшно тешко се наоѓа ОДЛИЧНА книга, особено кога си толку пребирлив читател како јас, па кога ќе пронајдам нешто олку добро, јас сакам да го споделам со сите и сакам приказната да ја прочитаат сите, па на крајот да можеме и меѓусебно да си коментираме и да дискутираме и да анализираме.
Па тоа ме натера да одвојам малку време и да ви кажам нешто повеќе за книгава…
Кетрин и Рејчел се пријателки од деца, сродни души, неразделни, не можат една без друга. Но книгата почнува со раскажување од гледна точка на Кетрин и одеднаш сфаќаме дека таа го планира убиството на нејзината најдобра пријателка. Зошто? Затоа што Рејчел, во еден краток момент на невнимание, има направено фатална грешка што резултирала со смрт на двете синчиња на Кетрин и таа веќе не е мајка, таа веќе не е нормална личност; таа е сенка од човек. И нема да се смири сè додека не ја натера Рејчел да плати за сè. Рејчел патем си живее убав живот со нејзиниот сопруг и нејзините две деца. Но не знаеме како ѝ е нејзе сè додека не стигнеме до третиот дел од приказната кој го раскажува токму таа.
Дејствието се одвива на Фолкландските Острови, кои се мирно место каде сите меѓусебно се познаваат и убаво си живеат, па кога одеднаш почнуваат да исчезнуваат деца кои сомнително многу личат на починатите синови на Кетрин, населението го фаќа хистерија. Можно ли е меѓу нив да постои монструм кој повредува деца или станува збор за несреќни трагедии? Патем, страшно беше интересно да се чита за Фолкландските Острови. Кетрин нурка и работи со морскиот свет, а мене ова ми беше првпат да читам за тие работи во книга и дознав многу интересни информации. Има еден особен трогателен дел со насукување на китови каде што е објаснето зошто и како китовите се насукуваат и умираат во огромни бројки. Но да се навратиме на сериските исчезнувања на децата… Рејчел веќе е црна овца поради случајот со двете загинати деца. За Кетрин одамна се шпекулира дека го изгубила умот откако ги изгубила синовите. Но која од двете поранешни најдобри пријателки е поопасна? Или можеби станува збор за некој сосема друг… Навистина нема да погодите сè до последната страница. Крајот беше спакуван во неколку огромни изненадувања за мене. Дознаваме кој ги киднапира децата, дознаваме како Рејчел ја направила грешката што ја направила за да починат синовите на Кетрин, дознаваме што се случува со последното, најважното, исчезнато дете и дознаваме зошто Кетрин и самата носи вина за смртта на нејзините деца. Значи ова не е еден од оние крвави, хард кор трилери како Девојката Врана или Алекс; ова е целосна приказна каде што има сè: заплет, пресврти, емоции, човечки односи, неизвесност…
Она што посебно ми се допадна во оваа книга беше тоа што низ целата трилер приказна имаше и некоја љубовна нишка затоа што има и трет машки лик кој има значајно минато со Кетрин и сега повторно е тука во целата истрага. Имам прочитано четири или пет книги од Шерон Болтон, но оваа ми е УБЕДЛИВО најдобра. Болтон за мене е нов мајстор за трилери. Ви ја препорачувам од срце и едвај чекам да си размениме некој коментар за приказната!
Нема сведоци, нема траги, нема докази, нема тело. Дванаесетгодишната ќерка на познатиот психијатар Виктор Ларенц, која боледува од необјаснива болест, исчезнува под мистериозни околности за време на посетата на доктор и истрагата за нејзиното исчезнување не носи никакви резултати. Четири години подоцна, Виктор сe уште е уништен од трагедијата. Тој се повлекува во семејната викендичка на море, каде што се надева дека ќе успее да стави еден вид на крај и да продолжи понатаму со животот.
Но таму одеднаш го посетува прекрасна непозната жена по име Ана. Таа тврди дека е писателка која страда од необична форма на шизофренија и го замолува за терапија. Виктор повеќе не работи со пациенти и нема намера да почне ни сега, но кога открива дека нејзините халуцинации се вртат околу исчезнато девојче што страшно наликува на неговата ќерка Џози, одеднаш ја прифаќа како пациент, бидејќи се сомнева дека таа има некаква врска со исчезнувањето на ќерка му. Што се случило со Џози? Дали халуцинациите на Ана ги опишуваат нејзините последни денови? Или можеби Ларенц е опасен за себе и другите кога станува збор за траумата од исчезнувањето на Џози?
Терапија е интелигентен психолошки трилер, брза и луда приказна што ќе ве држи во неизвесност до самиот крај и ќе остане со вас долго откако ќе ја откриете мистеријата.
Живееме во информатичко општество каде интернетот е неопходен дел од животот на луѓето. Но како што се користи за добри цели, тој така и се злоупотребува од страна на одредени индивидуи. Оваа книга е реалистичен и моќен поглед во животот на тинејџерите и онлајн искушението за запознавање нови луѓе.
Еден ваков аларм кој го нуди оваа книга е потребен и дури неопходен во ова време во кое живееме кога сајтовите за социјално вмрежување се преполни со секаков вид на луѓе од најрана до најстара возраст, каде профили имаат деца кои сè уште не тргнале на училиште, а тинејџерите, заборавајќи го нормалното општење со своите пријатели, ги окупираат своите лаптопи и телефони и „висат“ на интернет од утро до вечер.
Аби и Лук разговараат онлајн. Тие никогаш не се сретнале лично. Но ќе се сретнат. Наскоро.
Аби тргнува во средно училиште, треба да е возбудена, но не е. Напротив, таа е исплашена затоа што никогаш не била меѓу популарните деца. Таа е убава и паметна, но воопшто не верува во себе. Сите ѝ велат да се потруди околу својот изглед, но таа се прашува зошто не ја оставаат да биде своја, зошто ја тераат да се преправа дека е нешто што не е? Аби се чувствува како претходно среќниот живот да ѝ се лизга низ прсти. Единствената работа во која ужива се разговорите со Лук, момче кое го запознава на интернет, единствениот кој ја разбира. Онлајн разговорите со Лук делуваат некако опасно, но сепак добро – тој е нејзината тајна, а таа неговата. Тогаш Лук ја замолува да се сретнат и таа прифаќа. Но Лук не е оној кој Аби мисли дека е.
Во случаи со киднапирање, првите неколку часа се клучни. После тоа, малите шанси жртвата да се пронајде жива се претвораат во речиси непостоечки.
Но оваа девојка не е обична жртва.
И покрај тоа што прекрасната, силна и паметна Алекс Прево не е обична девојка, нејзиното време истекува. Таа е затворена, заробена во кафез кој виси на два метри од земја, изгладнета, претепана, оставена на милост и немилост на човекот кој сака да ја гледа како умира.
Детективот Верховен нема ништо важно за да ја води истрагата: нема осомничен, нема трага, а и неговата надеж полека исчезнува. Сè што знаат е дека крупен човек киднапирал девојка на улица во Париз и ја пикнал во бело комбе. Никој не знае кој е киднаперот, никој не знае која е девојката, никој не ја пријавува за исчезната со денови… Енигмата за судбината на Алекс ќе го прогонува Верховен сè до горкиот, ужасен крај.
А нема да помине долго време пред спасувањето на нејзиниот живот да стане негов најмал проблем.
Со освојувањето на престижната награда Dagger за интернационален трилер, судиите рекоа: „Брилијантен трилер, напната трка помеѓу неколку паралелни приказни кои вџашуваат и шокираат кога најпосле се пресретнуваат. Оригинал и напнат крај кој ги надминува очекувањата.“
На триесет и три години, Сара Галагер конечно е среќна. Нејзиниот бизнис за реставрација на мебел цвета и верена е со прекрасен човек. Но има едно големо прашање што сe уште ја прогонува – кои се нејзините биолошки родители? Сара конечно е подготвена да дознае, бидејќи одамна знае дека е посвоена и копнее да дознае нешто повеќе за вистинските родители.
Но некои прашања е подобро да останат неодговорени.
Кога конечно ја наоѓа, нејзината биолошка мајка ја одбива – повторно. А има и голема причина за тоа. Сара дознава дека нејзиниот татко е сериски убиец кој убива жени секое лето скоро четириесет години наназад. Таа се обидува да се помири со своите ужасни корени, но почнува да се плаши дека има наследено нешто повеќе од физички изглед од него.
И набрзо сфаќа дека има нешто полошо од тоа да дознаеш дека татко ти е сериски убиец, а тоа е тој да дознае за тебе.
Никогаш не се знае е трилер што не се остава; приказна на жена која се обидува да дознае од каде потекнува. Но тоа е, се разбира, ако воопшто успее да преживее…
– Од авторката на бестселерот Исчезната без трага –
Нема производи |