Програма за лојалност на САКАМ КНИГИ

Што е програмата за лојалност или „екипа на лојални читатели“?

Во текот на нашето веќе долгогодишно работење стекнавме огромна група лојални читатели кои постојано ја следат нашата работа и ги имаат најголемиот дел од нашите изданија. Ова не се само луѓе кои ги купуваат нашите книги, туку луѓе со кои ја делиме пасијата за читање, луѓе со кои се дружиме во групите за читатели, на разни настани поврзани со книгите и секако, на сите саеми, па затоа решивме да ја наречеме оваа група луѓе – екипа на лојални читатели.

И со отворањето на нашата прва книжарница во центарот на Скопје, сакаме да им укажеме посебна почит токму на овие луѓе – па затоа ја осмисливме програмата за лојалност.

Како официјално се влегува во екипата на лојални читатели?

За да станете официјален член на екипата, треба да набавите Reader’s Card од нашите книжарници. Картичките за лојалност во првите две години се издаваа бесплатно како дел од промотивниот период за 5.000 читатели, а од 01.02.2021 година ќе имаат симболична цена од 50 денари и неограничен рок на употреба. За да добиете Reader’s Card, ќе треба да пополните формулар со ваши основни податоци во нашите книжарници, а потоа компјутерски ве внесуваме во програмата за лојалност. Откако ќе ја добиете вашата картичка, ќе треба да ја носите со себе секогаш кога купувате кај нас и да ја покажувате на каса за да ви се впишуваат поените.

Важно: Картичките ќе бидат активни по првата сметка. Секоја картичка има единствен сериски број. Доколку биде оштетена или изгубена истата не може да се замени.

Што добивате со Reader’s Card?

Програмата за лојалност е осмислена за да се испочитуваат и пред сè, да се наградат, сите наши најлојални купувачи, па картичката ќе овозможи многу попусти, награди и привилегии за сите членови на нашата читателска екипа. Откако ќе извадите ваша лична Reader’s Card, ќе почнете да добивате поени со секое купување во нашата книжарница. Сите производи носат различен број поени – табелата со поени е јавно истакната во книжарницата и овде на нашиот сајт, така што секогаш ќе знаете точно колку поени ви носи одредено купување, по принципот 1 поен=1денар. За време на одредени акции, одредени книги ќе носат двојно или тројно поголем број поени, па затоа е добро да сте во тек со понудите и да ги следите известувањата на мејл или во нашата група на читатели на Facebook.

Како се собираат и користат поените?

Поените се собираат со секое купување во нашата книжарница, кумулативно 12 месеци од почетокот до крајот на календарската година. За да можете да ги регистрирате, треба само да ја прикажете вашата картичка на каса.

Користење на поените од вашата картичка е многу едноставно: собраните поени можете да ги користите веќе од наредниот ден по вашето прво пазарење, на РЕДОВНАТА цена на книгите.

Бројот на поени пропорционално се претвора во денари, кои може да ги искористите за купување на кои било книги од нашата книжарница (со поените единствено не можете да купите од асортиманот на аксесоари во книжарницата). Собраните поени се одбиваат од редовни цени, како и во другите програми за лојалност, пример Neptun Happy Сard. Може да ги искористите поените и за време на саеми и попусти, но ќе ви бидат одбиени од редовната цена на книгата, не веќе намалената.

На крајот на годината, системот сам ги брише неискористените поени од вашата картичка за да почне нов период на собирање поени, па декември ќе ви биде одличен да се почестите со некоја нова книга од собраните поени доколку не сте ги искористиле сите претходно. Доколку сакате да се информирате за вкупниот број на собраните поени – тоа можете да го направите во нашата книжарница.

Користење на роденденски попуст
Секој наш лојален читател кој поседува Reader`s Card има исклучителна можност да си купи три книги (изданија на Сакам Книги) токму на денот на својот роденден со 40% попуст. Роденденскиот попуст е достапен за оние читатели кои имаат активна картичка и во текот на целата година имаат набавено книги во вредност од најмалку 2.000 денари. (Доколку роденденот е во првите месеци од годината, како репер за активност на картичката може да се земе вредноста од претходната година).

НАЈнајлојални купувачи

Секоја година ќе имаме една до две анализи на базата на податоци што е формирана токму од регистрираните картички за да утврдиме кој бил „најзабеганиот“ и најлојален купувач за тој период. Најлојалниот купувач во годината ќе биде јавно објавен (со негова согласност) и дополнително награден со пакет производи од нашата книжарница, па никогаш не ја пропуштајте можноста токму вие да бидете тој хард кор #1 купувач!