Бараме професионални читачи! (прв круг затворен)
На 05/07/2019 | 0 Коментари

Повторно нешто ново во Сакам Книги, а тоа е дека правиме „екипа на професионални читачи“ и може да се пријавите ако сте заинтересирани.

Што значи ова?

Со оглед на тоа дека сакаме да ги преведуваме сите најдобри книги за вас, а вкусовите варираат, сакаме да направиме екипа на читачи со различни префинети вкусови кои во иднина ќе ни помагаат во процесот на селекција на нови книги за превод. Но не може баш секој да биде член на екипата на професионални читачи на Сакам Книги – за да бидете земени предвид треба пред сѐ да имате прочитано голем дел од нашите книги и да сте добро запознаени со нашата листа на автори и наслови за да знаете што всушност бараме. Не мора да сте ги прочитале сите, но дефинитивно треба да знаете кој е стилот и имиџот на издавачката куќа, какви книги сакаат повеќето од нашите читатели, кои ни се најпродавани книги и сл. Оние кои ќе влезат во екипата на професионални читачи, отсега па натаму ќе учествуваат во процесот на селекција на нови книги и ќе ни помагаат да го одбереме најдоброто за нашите читатели.

Што е потребно за да станете професионален читач?

За да влезете во екипата, ќе треба да пополните еден прашалник за да видиме колку се компатибилни нашите вкусови – нашиот (на оние кои засега бираат во редакција), вашиот и генерално на читателите (врз основа на податоците од продажба на различни книги). Во овој прашалник нема точни и погрешни одговори, едноставно сакаме да видиме колку вашиот вкус се совпаѓа со нашиот и колективниот вкус на читателите, односно колку би можеле да ни помогнете да одбереме книга за превод што ќе им се допаѓа на многумина. Покрај тестот, неопходно е:

  • Да читате на англиски јазик (редовно и брзо).
  • Да имате уред на кој можете да читате електронски книги.

Професионални читачи

 

Што добивате ако станете член на екипата на професионални читачи?

Оваа екипа на професионални читачи за почеток ќе биде мала, посебно одбрана група која ќе има пристап до сите најнови книги кои сè уште не се ни излезени во печат никаде во светот. Понекогаш ќе се читаат и постари дела, но главно ќе бидат застапени новитети кои ги добиваме директно од агентите за авторски права, што значи дека често ќе имате ексклузивна шанса да читате книги што уште ги нема прочитано никој. Книгите ќе ги добивате во дигитална форма и ќе треба да ни дадете фидбек за истите откако ќе ги прочитате, а кога вие лично ќе придонесете за избор на нова книга за превод, ќе добиете и бесплатен примерок од македонското издание веднаш штом излезе од печат. Да се биде професионален читател ќе биде привилегија и задоволство, а не работа – за книгите кои ќе ги добивате за читање нема да имате некои строги рокови, а ако некоја книга едноставно не ве влече, не мора ни да ја прочитате – само ќе пријавите таков фидбек за неа. За оценување на книгите ќе добиете кратко формуларче ако влезете во екипата и истото ќе го пополнувате и испраќате секојпат кога ќе завршите со читање на одредена книга. Врз основа на фидбекот на целата екипа ќе се бираат нови книги за превод. Доколку се пронајдете во оваа улога и со тек на време почнете да давате сериозен придонес за селекцијата на книги на издавачката куќа, членството во екипата на професионални читачи ќе ви донесе и други поволности, како на пример: траен попуст на сите наши изданија на вашата Reader’s Card, попуст на други изданија во нашата книжарница, подароци од нашиот асортиман гаџети за читање, бесплатни книги итн.

Како да аплицирате?

 

Доколку сте машина за читање и ова ви звучи примамливо, па сакате да бирате што ќе читаат другите во Македонија, преземете го прашалникот од овој линк, пополнете го и испратете го на contact@sakamknigi.mk, заедно со неколку реда за вас. Сите кои ќе влезат во потесен избор ќе бидат исконтактирани.

Дополнување: Драги читатели, поради големиот интерес, првиот круг на селекција е затворен и одбрани се читателите кои ќе бидат први членови на екипата на професионални читачи. Бидејќи програмата за почеток е експериментална, не би сакале да започнуваме со преголем број читатели, туку да изградиме основа и потоа полека да ја дополнуваме со нови читатели. Доколку не ве контактираме до 15.07.2019, тоа значи дека не сте влегле во првиот круг, но сите апликации ќе бидат зачувани за понатамошно дополнување на екипата и може да бидете контактирани и за неколку месеци.

Напиши коментар